4 знаци дека имате потенцијал да станете успешни претприемачи
Тешко е да се започне бизнис. 80% од новите бизниси пропаѓаат во првите 18 месеци од основањето. Овие статистички податоци се многу загрижувачки за сите амбициозни претприемачи. Иако постојат голем број луѓе кои сакаат да започнат сопствен бизнис, многу мал процент од нив се осмелуваат да дадат отказ од нивната работа со сигурна плата и да ги следат своите соништа. Добрите претприемачи се упорни, трпеливи, вешти и способно. Но, потребно е и многу среќа за да се успее. Не може секој да заплови во водите на деловниот свет. Дознајте дали вие имате потенцијал да станете успешни претприемачи…
1. Претприемачите се упорни и посветени
На секој нов претприемач ќе му треба многу упорност, посветеност и амбиција за да ги претвори соништата во реалност. Започнувањето сопствен бизнис е тешко. За да бидете успешни претприемачи мора да бидете многу посветени и да потрошите многу време во работа и труд. Треба да соберете доволно сила за да ги совладате сите навидум несовладливи пречки што ќе ви се најдат на патот. Оваа посветеност ќе ви биде потребна за да ги преземете сите неопходни чекори што ќе ви помогнат да основате бизнис.
2. Претприемачите се креативни
Успешните претприемачи се многу креативни. Најпрво, треба да измислите услуга или производ кои дотогаш не постоеле, што значи дека треба да ги препознаете дупките на пазарот и да понудите нешто сосема ново, различно, оригинално и корисно за потрошувачите. Потоа, мора да откриете како да го претворите вашиот деловен сон во реалност и како да прејдете од зборови на дела. Тоа значи дека ќе мора да се прилагодувате на постојаните промени и да се соочувате со сите предизвици на креативен начин. На пример, ако банката не сака да ви даде кредит за да го започнете бизнисот, ќе мора да смислите алтернативна опција. Треба да бидете слободоумни, флексибилни, способни и креативни.
3. Претприемачите се образувани
За да си обезбедите влез на пазарот, мора да бидете добро информирани. Треба да ги познавате сите ваши права и обврски за да понудите нешто вредно и корисно. Вашите потрошувачи треба да бидат сигурни дека знаете што правите. Претприемачите мора да бидат образувани и свесни за светот околу нив. Треба да бидете во чекор со сите најнови случувања што би можеле да влијаат на вашиот бизнис и да ги уверите вашите вработени и потрошувачи дека сте способни и самоуверени. Тоа значи дека мора да се информирате за вашата конкуренција, како и за почетоците на индустријата во која сакате да влезете. Ова знаење е од витална важност за вашиот успех.
4. Претприемачите постојано преземаат ризици
Добрите претприемачи никогаш не се плашат од ризици. Бизнисот нема да биде успешен доколку не вложите сѐ. Мора да бидете подготвени за можноста да изгубите многу пари. Треба да го прифатите тој динамичен начин на живот и распоред каде иднината секогаш е неизвесна. Не можете да знаете дали вашиот бизнис ќе биде дел од оние неуспешни 80% или пак дел од останатите 20%. Не можете да знаете дали ќе изградите стабилна кариера или ќе бидете невработени во наредните неколку месеци.
Ова се условите на кои сите успешни претприемачи се согласуваат. Ваквиот начин на живот не е за секого и не е воопшто лесен. Претприемачкиот дух е силен, храбар и самоуверен. Направете анализа на сопствените способности, волја и амбиции и запрашајте се дали имате потенцијал да се соочите со сите предизвици што ги поставува суровиот деловен свет.
Доколку сѐ уште не сте сигурни дали сте способни да започнете сопствен бизнис, прочитајте кои се 5-те емоции што ги немаат успешните претприемачи.