4 универзални начини да го направите вежбањето навика
Денес можете да најдете многу информации за тоа како да создадете нови навики. Понекогаш овие информации се толку многу што на крај не знаете од каде да почнете. Сепак интересно е што луѓето кои навистина стекнале некоја навика, го прекршиле можеби најглавното правило – не ја правеле активноста секојдневно.
На почетокот целиот процес на создавање на навиката е навистина кршлив и најмногу зависи од вашата енергија. Ако ја изгубите почетната мотивација, вашата енергија се намалува и повеќе не можете да се натерате да ја извршите задачата. Поради ова не е ни чудно што на луѓето им е навистина тешко да се натераат редовно да вежбаат. Ако и вие спаѓате овде, со следниве совети можете, ако ништо друго, барем да си ги зголемите шансите да го направите вежбањето навика.
1. Вежбајте секој ден во исто време
Не само што ќе вежбате секој ден, туку правете го тоа во исто време. Ова е важно бидејќи ги условувате вашите ум и тело до последниот детаљ. Сепак внимавајте – многу луѓе кои сакаат да вежбаат наутро не се будат порано. Поради ова тие чувствуваат дополнителен напор бидејќи си дале уште една нова задача во исто време – будењето рано.
На овој начин само си ја отежнувате работата бидејќи сигурно ќе ви стане потешко да се држите до распоредот. Наместо тоа, обидете се да најдете време за вежбање во друг период од денот, барем додека станувањето наутро не ви претставува проблем.
2. Вежбајте без разлика на сè
Најважното нешто е да вежбате секој ден. Ако некогаш го испуштите времето за вежбање, сепак завршете ја задачата во друг период од денот кога ќе имате време. Ако е доцна навечер и немате време за теретана, направете неколку склекови во домот или трчајте во место. Можеби нема да биде ефективно колку рутината за вежбање, но на овој начин ќе го тренирате вашето тело да се навикне на физичка активност.
Држењето до строг распоред е клучно, но уште поважно е секој ден да ја изведете активноста, дури и со помал интензитет. Па немојте да го испуштате вежбањето без разлика на сè.
3. Направете го вежбањето забавно
На многу луѓе воопшто не им се допаѓа идејата од секојдневно одење во теретана. Причината не е заморот, туку тоа што самата активност не ги возбудува. Многу луѓе сакаат да одат во теретана и да го гледаат нивниот напредок, но ако имате проблем со ова најдете физичка активност што ви одговара вам. Можете да пробате боречки вештини, трчање на отворено, некој танц… Во зависност од вашите цели можеби ќе треба да посетувате и теретана, но вметнете и уште нешто што ќе ви го направи искуството позабавно.
4. Поедноставете го почетниот процес
Отстранете што е можно повеќе пречки помеѓу вас и вежбањето. Секое мало нешто може да биде како ментален отпор што мозокот ќе го искористи за да ве спречи во намерата. Ова значи дека ќе треба да ја извадите облеката за вежбање претходната вечер, или да ја подготвите торбата за во теретана однапред. На овој начин само ќе ви остане да почнете со вежбање.
Исто така направете го вежбањето кратко и едноставно. Немојте уште на почетокот да се обидувате да издржите цел час вежбање кардио и кревање тегови. На овој начин само ќе се обесхрабрите. Започнете со 30-тина минути, а кога ќе се чувствувате подготвени зголемете го времето и комплексноста на вежбите.
Бидејќи во студените месеци сите се чувствуваме помрзливи, погледнете како да се мотивирате да вежбате дури и кога температурите се ниски.