4 совршени предјадења за секоја пригода
Автор: Маја Линкова
Не е лесно секогаш да можете да се сетите што да послужите како предјадење, додека се чека главниот оброк. Ова се 4 идеи за вкусни јадења во кои можете да уживате дури и многу повеќе од главниот оброк.
1. Јајца полнети со туна
Потребни состојки:
- 6 јајца
- 1 конзерва туна
- 2 лажици мајонез
- 1 лажица павлака
- 3-4 кисели краставици
- Сол и бибер
- Магдонос
Начин на подготовка:
Сварете ги јајцата, излупете ги, расечете ги на половина по должина, отстранете ја жолчката и пасирајте ја со виљушка. Краставиците исечете ги на мали коцкички. Помешајте ја жолчката со мајонезот, павлаката, краставиците и зачините. Исцедете го маслото од туната и соединете ја целата смеса. Добро размешајте ја и оставете ја да се излади во фрижидер. Со шприц за готвење пополнете ги јајцата со смесата.
2. Пити со сирење
Потребни состојки:
- 500 г тенки кори
- 500 г кравјо сирење
- 4 јајца
- 150 г маргарин
- 180 г павлака
- 1 лажица сол
Начин на подготовка:
Изматете ги јајцата со миксер, додајте омекнат маргарин, сирење, павлака и сол и добро измешајте. Корите и смесата поделете ги на половина. На првата кора ставете две лажици од смесата и премачкајте ја. На неа ставете ја другата кора и исто така премачкајте ја со смесата. Продолжете така сè додека не ја истрошите половината од корите и смесата, па замотајте ја во ролат. Направете уште еден таков ролат, па со нож исечете ги на кружни парчиња со ширина на два прста. Поставете ги питите на мрсна хартија во тава и печете во рерна на 200 степени, околу 20 минути.
3. Проја со краставички
Потребни состојки:
- 4 јајца
- 2 шолји млеко
- 1 шолја масло
- 2 дл павлака
- 2 шолји пченкарно брашно
- ½ лажичка пециво
- 4-5 кисели краставички
- 150 г мешани сувомесни производи
- 150 г биено сирење
- Сол и бел бибер
Начин на подготовка:
Во голем сад изматете ги јајцата, посолете ги и додадете бибер. Додадете го пченкарното брашно помешано со пециво, потоа млекото, маслото и киселата павлака помешајте ги заедно. Со дрвена лажица полека помешајте го наренданото сирење, ситно исецканите кисели краставички и сувомеснатите производи. Истурете ја смесата во премачкана тава и печете ја во претходно загреана рерна, сè додека смесата не поцрвени.
4. Машнички со сланина
Потребни состојки:
- 250 г лиснато тесто
- 70 г тенко исечена сланина
- 1 јајце
- 50 г рендано сирење
Начин на подготовка:
Лиснатото тесто одмрзнете го на собна температура, и растегнете го во правоаголна форма, дебела три милиметри. На едната половина наредете ја сланината и покријте ја другата половина со тесто. Со остар нож исечете стапчиња, со должина и ширина по два и пол сантиметри. Премачкајте ги со јајце. Превртете ги стапчињата за да добиете форма на машна. Наредете ги на премачкана тава и посипете ги со рендано сирење. Печете ги во загреана рерна на 180 степени додека не поцрвенат.