4 причини зошто патот кон целта е поважен од нејзиното постигнување
Во светот постојат луѓе со јасно зацртани цели кои на некој начин се зависни од тоа да ги исполнат до крај. Некогаш патот до реализацијата на овие цели може да биде доста тежок и исцрпувачки. На овој начин на функционирање сме навикнати уште од самиот почеток на образованието, кога крајна цел на тој процес е добивањето одлична (или преодна) оценка.
Познатиот режисер Кристофер Нолан, во минатото се соочувал со многу одбивања, иако многу работел за да стане она што е денес. Тој тврди дека неговата кариера тргнала во нагорна линија откако се фокусирал на процесот на реализација, наместо на саканиот резултат.
„Она што рано го научив и за што сум многу благодарен, е дека можам да правам филмови само затоа што треба да бидат направени. Да се посветам на раскажувањето на приказната, наместо на саканиот краен резултат. Мора да го надминете моментот на задоволување на себе и да направите нешто само затоа што имате желба за тоа.“
1. Фокусирањето на целите и резултатите може да ве направи незадоволни
Желбата и страста за едно нешто може да направат патот до целта да биде трнлив и горчлив, иако резултатот е нешто што ве прави задоволни. Кога нешто ќе постигнеме, во нашето тело се создава допамин, но врвното задоволство е краткотрајно. Подоцна, кај повеќето луѓе се појавува желба да се вратат на среќата која ја имале пред остварениот успех.
Поради успешната работа, се навикнуваме на одредено темпо на живеење, а откако ќе постигнеме некоја цел, си задаваме нова, некогаш многу потешка од претходната. Овој пат може да биде проследен и со негативни реакции и критики, но крајниот исход е тоа што нè тера да преминеме преку сè, дури и ако тоа значи да вложуваме натчовечки напори за постигнување на некој сакан резултат.
Кога сме фокусирани на исходот, дури и работата која ја сакаме најмногу на светот може да стане здодевна и рутинска. Но, доколку се концентрираме на процесот кој води до тој исход, учиме да ја цениме вредноста на вложениот труд.
2. Фокусирањето на целите и исходите може да биде контрапродуктивно
Понекогаш, кога сме фокусирани на саканата цел, пропуштаме да го видиме полесниот пат кој може да нè доведе до неа. Тоа, понатаму, може да доведе до дополнителни (и сосема непотребни) нервози, намалување на продуктивноста и соочување со замки.
Исто така, доколку патот до целта ни се чини лесен, можеме лесно да наидеме на пречка која не сме ја предвиделе. Поради тоа, најдобро е кога нешто започнуваме, да го поделиме процесот во етапи, за да бидеме сигурни дека ништо не пропуштаме. Со секоја следна етапа, ќе успееме да направиме соодветна проценка на предизвикот и полесно ќе можеме да предвидиме уште колку пат имаме за да го достигнеме саканото.
3. Фокусот на целта не го олеснува патот до неа
Луѓето се на некој начин програмирани да функционираат врз основа на однапред зададени цели. Така, се случува да си поставиме некоја навидум достижна цел, како што е поголема заштеда, губење килограми, напредок во кариерата, мотив за вежбање… Секогаш кога некоја од нив не успева, тоа е поради лошата проценка на своите можности.
Кога се концентрираме на исходот, тогаш го потценуваме процесот. Дури и Ајнштајн своевремено изјавил дека е лудост да се повторува едно исто дејство, а да се очекува резултат различен од претходниот. Само доколку сме фокусирани на текот на реализацијата, можеме да предвидиме уште колку точно ни останува до целта.
4. Целите се за нетрпеливите луѓе
Зацртаните цели се инспирација за големи желби и фантазии. Помислата дека стануваме успешни во некоја област дава привремено чувство на самодоверба и сигурност, па се осмелуваме да го избираме најкраткиот пат, да користиме трикови и да веруваме во митови. Ова е сигурен рецепт за неуспех.
Луѓето кои се фокусирани на процесот кој ги води до саканиот исход не употребуваат ништо магично, туку само разумно му пристапуваат на проблемот. Инстантни резултати се невозможни и таквите очекувања се одлика на аматерите. Вистинскиот професионалец точно знае кои се ризиците и на кои нешта треба да даде предност, пред да го постигне она што го сака.
Затоа, пред да дефинирате што точно барате од некоја ваша акција, добро е да се запрашате како најправилно да се избере патот кој ќе ве одведе во целта и што сè треба да дадете од себе. Само на тој начин можете да го очекувате саканиот успех.
Дознајте и кои се 3-те научно докажани техники за зголемување на продуктивноста.