4 научно докажани причини зошто треба да одбирате доживувања наместо материјални работи
Замислете си ја следнава ситуација: Конечно завршивте со напорната работа и добивте убава плата. Се обидувате да смислите на што да ги потрошите тешко заработените пари за да се наградите. Што би одбрале од следниве работи:
1. Нов телевизор или одмор во странство?
2. Парче накит или убав оброк во ресторан?
3. Најновиот модел на мобилен телефон или некаков курс за да научите нешто ново?
Одговорите на овие прашања можат да ви откријат како ги трошите вашите пари. Дали ги трошите на материјални работи кои најверојатно ќе ви донесат големо задоволство или на нови искуства кои не знаете дали ќе ви се допаднат? Ако се соочите со донесување ваква одлука, секогаш одбирајте го искуството. Во продолжение прочитајте зошто тоа е вистинскиот избор според науката…
1. И покрај тоа што предметите имаат подолг рок на траење, искуствата пружаат поголемо уживање
Предметите траат подолго време од доживувањат. Додека новиот кауч ќе можете да го користите со години, патувањето на Хаваи ќе чини исто толку пари, но ќе трае само неколку дена. Според оваа логика, најпаметно би било да купите кауч, се согласувате? Од економична гледна точка можеби, но од емотивна гледна точка, науката докажува нешто поинакво.
Доктор Гилович, професор по психологија, по две децении истражување дошол до заклучокот дека искуствата носат поголема радост од предметите.
„Еден од најголемите непријатели на среќата е адаптацијата. Купуваме работи за да нѐ направат среќни и успеваме да го постигнеме тоа. Но, тоа не трае долго. Новите работи се возбудливи на почетокот, но потоа се прилагодуваме на нив“, објаснил докторот.
Без разлика колку сте возбудени поради што сте купиле нешто ново, порано или подоцна истиот предмет ќе стане само уште еден дел од вашиот дом. Ќе се навикнете на него. Доколку сакате повторно да ја разгорите искрата во вашиот мозок, ќе мора да купите нешто поново и подобро.
Доживувањата, од друга страна, пак, се привремени. Посета во градскиот музеј, час по танцување, едномесечно патување околу Азија… На сите овие активности некогаш ќе им дојде крајот. Фактот што тие не траат долго е нивната најголема предност.
Доживувањата не спаѓаат во вашата секојдневна рутина, па затоа уживате во нив додека траат. Предметите траат подолго од првичниот момент на возбуда и со текот на времето тие не се веќе толку интересни. Од емоционална гледна точка, искуствата предизвикуваат поразлични чувства од оние што ги предизвикуваат предметите.
2. Доживувањата понекогаш можат да ви го сменат животот
Кога луѓето зборуваат за нешто што им го сменило животот, најчсто мислат на некакво искуство, а не на некаков предмет што го поседувале. Постои научно докажана причина за ова. Доктор Гилович објаснил дека нашите искуства формираат многу поголем дел од нашата личност за разлика од предметите. Без оглед на тоа колку си го сакате вашиот нов автомобил или голема куќа, тие никогаш нема да станат дел од вас. Но, качувањето по карпи во Нов Зеланд или нуркањето во океан се искуства што можат да ве променат. Тие стануваат дел од вашиот идентитет.
Со оглед на тоа што нашите животи се сочинуваат од настани, логично е тврдењето дека искуствата имаат поголемо влијание на нас од работите што ги поседуваме. Некој необичен настан може да ве принуди полесно да се прилагодувате на незгодни ситуации, да научите нешто ново за себе или да развиете начин на размислување кој никогаш претходно не ви ни паднал на памет.
На пример, иако смеењето заедно со некој уличен продавач во Колумбија е момент што трае една минута, сознавањето дека можете да се поврзете со човек од сосема различно потекло ќе ви ја открие универзалната природа на хуморот.
Освен тоа, Гилович открил дека луѓето повеќе се каат кога ќе пропуштат некое искуство отколку кога ќе пропуштат предмет. Тешко е да се повторат доживувањата, додека предметите можете да ги набавите подоцна. Ако пропуштите да отидете на забавна авантура со пријателите, никогаш нема да можете да ги преживеете настаните што се случиле.
Проширувањето на хоризонтите и можноста да ги сведете пропуштените можности на минимум се добра причина зошто би требало секогаш да одбирате доживувања наместо предмети.
3. Материјалните работи стануваат дел од вашата рутина, а доживувањата ви помагаат да излезете од неа
Проблемот кај доживувањата е тоа што тие подразбираат преземање ризици. Од таа причина, најчесто се двоумиме пред да започнеме нешто ново. Што ако отидеме на одмор кој нема да ни се допадне и сакаме да си одиме дома? Што ако се запишеме на некаков курс и сфатиме дека не нѐ интересира тоа? Што ако отидеме на настани и цела вечер ја поминеме сами во ќош? Ова се сосема добри причини зошто не би сакале да бидеме проактивни и да преземеме нешто.
Но, истражувањата покажале дека вреди да се преземе ризик. Дури и тогаш кога одреден настан не поминал како што треба, Гилович дознал дека луѓето зборувале позитивно за него. Дури и тогаш кога ќе искусиме нешто што нема да ни се допадне, нашите сеќавања за тоа доживување се подобруваат со текот на времето.
На пример, замислете си дека сте отишле на патување со пријателите и цело време врнело додека сте биле таму. Секако дека не сте го посакувале тоа, но можете да извлечете многу позитивни работи од целата ситуација. Можете да го искористите тоа време за да се зближите со други луѓе или со насмевка да се сеќавате како сте прескокнувале вирчиња за да стигнете до продавницата со сувенири и да почекате да помине дождот.
Една од најголемите причини зошто треба да одбирате искуства наместо предмети е фактот што доживувањата многу тешко можат да се споредат. Кога ќе купите најнов модел на мобилен телефон, можеби ќе бидете задоволни од него некое време додека не се појави некој кој има подобар модел од вашиот.
Доживувањата не можат толку лесно да се споредат. Можеби ќе почувствувате завист ако чуете дека некој отишол на Малдивите и престојува во луксузен хотел, но тоа не значи дека неговиот одмор е подобар од вашето патување со автобус околу Европа. Сите искуства се различни.
Новите искуства нудат безброј можности. Можеби ќе стекнете нови пријатели, ќе научите интересни обичаи или ќе развиете нов начин на размислување. Предметите, од друга страна, пак, се предвидливи. Тие се сигурни и ќе ви го дадат она што сте го очекувале.
4. Доживувањата се минливи, но можат да се претворат во прекрасни сеќавања
Иако истражувањата покажале дека секогаш треба да одбираме доживувања, нам ни требаат и предмети и искуства во животот. Нема поента да патуваме и да се впуштаме во авантури на сметка на работите што ни се неопходни за егзистенција. Истовремено, важно е да сфатиме дека сите луѓе имаат различно мислење на оваа тема. Некои трагаат по задоволството предизвикано од нови глетки, миризби и звуци, додека други се радуваат кога ќе го украсат домот со нов предмет.
Доколку забележите дека постојано спаѓате во втората категорија луѓе, обидете се да направите нешто поразлично. Зошто да не отидете на патување или да се запишете на некој интересен курс? Можеби ќе имате еден блендер помалку дома, но затоа ќе создадете сеќавања што ќе ви останат за цел живот.
Прочитајте ги и овие интересни факти кои ќе ве натераат почесто да патувате.