4 начини на кои го уништувате слушателот во вас
Мислите дека сте добар слушател? Но, колку има вистина во тоа? Реалноста е дека многумина од нас најчесто несвесно прават грешки. Добрата работа е што постојат методи и совети што можеме да ги искористиме со цел да ги подобриме нашите способности како слушатели. Ѕирнете кои се најчестите грешки и видете дали се наоѓате меѓу оние што редовно ги прават.
1. Емотивно го онеспособувате соговорникот
- „Не драматизирај!“
- „Мора да се шегуваш!“
- „Е, сигурно не е толку лошо.“
- „Ти си секогаш толку емотивен/емотивна.“
- „Сигурен/сигурна си дека не претеруваш?“
- „Кој е твојот проблем?“
- „Сè уште се вознемируваш за таа случка? Но, тоа беше толку одамна.“
Сите овие изјави сосема ги занемаруваат чувствата на другиот и се познати под заедничкото име на емотивно онеспособување, што е една од најчестите форми на емотивно насилство. Ние несвесно емотивно ги онеспособуваме нашите деца, партнери, колеги, пријатели и соседи. Ваквиот пристап кон соговорникот ја убива неговата самодоверба, креативност и индивидуалност. Трауматизира и повредува. Може да уништи пријателства и врски. Но, сепак, сите го правиме тоа и го искусуваме на наша кожа. Ние емотивно се обезвреднуваме бидејќи на тој начин ја олеснуваме нашата анксиозност во друштво на емотивни луѓе, но и реално, бидејќи никогаш не сме ги вежбале способностите за слушање и комуникација.
Како да се подобрите?
Пред да се сретнете со соговорникот, размислете дали сте расположени за слушање. Ако не, презакажете ја средбата. Бидете свесни за своите внатрешни реакции кон соговорникот. Дали сте анксиозни? Дали чувствувате дека вие треба да го решите проблемот? Дали сте комплетно таму во текот на разговорот? Размислете за начинот на кој одговарате. Емотивното онеспособување е скоро секогаш автоматско и несвесно.
2. Вие „активно“ слушате
Сите знаат што е активно слушање. Тоа е кога некој ги повторува или парафразира зборовите што вие сте ги кажале. Станува збор за манипулативна и неавтентична алатка која не смирува, туку доколку не е правилно искористена може само уште повеќе да ве изнервира.
Како да се подобрите?
Слушањето не е разбирање на зборовите, туку разбирање на чувствата. Слободно игнорирајте ги зборовите. Сите имаме природна способност да ги препознаеме и слушнеме емоциите. Бидете тивки внатре во себе и дозволете им на емоциите на соговорникот да навлезат во вас. Тогаш рефлектирајте ги емоциите, а не зборовите. Можете да го прашате соговорникот за неговите чувства, и не се плашете ако погрешите, тие самите ќе ве исправат, кажувајќи ви што навистина чувствуваат. Можете и да употребите метафори, да му покажете на соговорникот дека сосема ја разбирате неговата или нејзината емотивна состојба.
3. Го вртите разговорот кон себеси
Често ги користите следниве реченици?
- Она што јас мислам дека велиш е…
- Ова мене ми звучи како…
- Ова што го кажуваш ме прави да се чувствувам…
Доколку ги користите овие реченици, тогаш вие го туркате сопственото его во разговорот. Со други зборови, не слушате, сакате да се зборува за вас и вашиот впечаток од кажаното.
Како да се подобрите?
Употребувајте „ти“ наместо „јас“. „Ти мора да се чувствуваш…“ може да ви звучи чудно на почетокот, ама со тек на време ќе видите дека крши многу бариери меѓу вас и соговорникот. Паркирајте го своето его во гаража и влезете во разговорот сосема внесени во соговорникот, а не во себеси.
4. Вие ги поставувате сите прашања
Дали некогаш ви се случило да прашате некого дали е нервозен и потоа самите да си одговорите: „Да, нервозен/нервозна си“. Повторно, не го оставате соговорникот да се искаже, вие зборувате во негово или нејзино име.
Како да се подобрите?
Бидете свесни за својата улога во разговорот. Не му ставајте ваши зборови во устата на соговорникот.
Ќе знаете дека сте станале добар слушател кога вашиот соговорник ќе почне несвесно да клима со глава или да искажува согласување. Тогаш ќе може да здивнете и да увидите дека тактиките што ги споделивме со вас, работат и ви помогнале.