4 магични фрази кои можат да ѝ бидат од голема помош на вашата љубовна врска
Заљубувањето е полесниот дел. Ја запознавате личноста од вашите соништа и пред да се свестите – веќе сте на „седмо небо“. Но, што се случува кога тоа интензивно чувство на нова љубов започнува да избледува? Кога ќе се соочите со реалноста и кога конечно ќе почнете да ги забележувате недостатоците на вашиот партнер?
Љубовните врски бараат многу напорна работа. И доколку и двете страни не вложуваат константно многу труд, врската започнува да се распаѓа и во најлош случај целосно завршува. Но, тоа не мора да значи дека истото ќе ви се случи и вам. Доколку сакате да останете во моменталната врска, тогаш погледнете ги овие 4 магични фрази кои ќе ви помогнат многу лесно да ја остварите вашата цел.
Фраза #1 – „Што мислиш ти?“
Сите сакаат нивното мислење да биде ценето или барем во најмала рака признаено. Со тоа што ќе ги запрашате вашиот партнер или партнерката за нивното мислење, им давате до знаење дека навистина се грижите за она што тие го мислат. Понекогаш сите ние знаеме целосно да се изгубиме во нашите работи, ги гледаме ситуациите и настаните само од наша гледна точка и не забележуваме дека е можно да постојат и други валидни размислувања.
Барањето размислување од друг може да ви помогне да станете поотворени и покреативни при изнаоѓање нови решенија за вашите проблеми. Ако го/ја запрашате партнерот, односно партнерката за мислење, тој/таа можеби ќе ви понуди сосема различно гледиште од вашето, нешто што вам ни на крај памет не би ви паднало. На тој начин ќе му/ѝ покажете дека го почитувате неговото/нејзиното размислување, дека тоа е важно за вас, ќе ја зацврстите вашата врска, а можеби и ќе научите нешто ново за полесно справување со секојдневните проблеми.
Фраза #2 – „Сакам да разберам“
Кога сте во врска, многу често се случува да му се налутите на вашиот партнер поради некое негово постојано однесување кое ве вознемирува или иритира. Најтипичен пример за тоа е оставањето на капакот од веце-школка подигнат од страна на мажот или пак, планирањето на некој друштвен настан од страна на жената за време на спортски натпревар.
Кога се случуваат вакви работи, многу лесно може да се сфатат лично. И покрај тоа што има шанси овие работи да се прават намерно, многу почесто тие настануваат поради случаен сплет на околности. Можеби вашиот партнер не знае дека толку ве нервира подигнатиот капак или пак вашата партнерка не е свесна колку ви се важни одредени спортски натпревари.
Обидете се да му/ѝ објасните зошто толку ве иритираат овие ситуации, но направете го тоа на начин со кој ќе покажете дека сакате го разберете нивното однесување, не да ги обвинувате за она што е веќе направено. Исто така откако ќе го кажете своето, дајте им шанса за објаснување и откако ќе ги ислушате, едноставно и смирено објаснете им како тоа делува на вас. Ќе се изненадите што сè можете да решите со едноставна и смирена комуникација.
Фраза #3 – „Извини“
Никој не е безгрешен, сите ние постојано правиме грешки и намерно или ненамерно знаеме да ги повредиме оние кои најмногу ги сакаме. Тоа е во природата на човекот. И токму тогаш кога ова зборче е најпотребно, нам ни е најтешко да го кажеме. Зошто? Можеби не знаете како и кога да го кажете или сметате дека не треба вие да го направите тоа?
Пробајте да ја погледнете ситуацијата од малку поинаков агол. Не мора да значи дека секогаш треба да ви биде криво за тоа што сте го направиле, но сепак тоа не ве спречува да се извините за своите постапки со кои сте ги повредиле оние кои ги сакате. Фразата „извини“ не мора да значи признавање на вината. Може да се каже за да покажете дека сфаќате дека сте повредиле некого и дека поради тоа жалите.
Фраза #4 – „Те сакам!“
Желбата да се биде сакан е една од основните човечки потреби. Таа се појавува уште кога сте дете, барајќи љубов од родителите и продолжува низ целиот ваш живот така што барате љубов и внимание од личноста која го прави вашиот живот целосен. Кога сте во врска и кога ја чувствувате љубовта од другата страна, тоа ви помага да поминете и низ најтешките времиња. Знаењето дека имате целосна поддршка од некој кој многу ви значи и кој е тука за вас и во добро и во лошо, е клучот за поголем успех на секое поле во вашиот живот.
„Те сакам“ може да биде искажано на вербален, но и на невербален начин. Секоја личност е различна. Некои луѓе ги кажуваат овие 2 збора постојано, додека пак други многу ретко. Но, бројот колку пати се кажани не е мерило за љубовта која тој/таа ја чувствува за вас. На некои луѓе едноставно полесно им е да ви кажуваат „Те сакам“ преку одредени постапки, како на пример да ви подготвуваат свежо кафе секое утро. Пронајдете го начинот на кој вашиот партнер вистински ги искажува своите чувства и со тек на време ќе сфатите дека можеби тој/таа ви кажувале дека ве сакаат многу почесто отколку што претходно сте мислеле.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.