3 животни навики кои ќе ве одведат до успех

3 животни навики кои ќе ве одведат до успех

Успехот е дефиниција која секој ја гради сам за себе. Поставуваме цел, работиме кон остварување на таа цел и евентуално, очекуваме целата таа наша работа да ни се исплати бидејќи ги правиме сите логични работи кои водат кон успех. Но, некогаш е потребно да се погледне надвор од познатото и да се преземат активности покрај вообичаените за да се успее во некоја цел. И иако можеби на прв поглед тие нема да ви делуваат како ефективни, многу успешни луѓе се доказ дека всушност навистина се. А најважни меѓу нив се следниве 3 навики.

(1)-3-zhivotni-naviki-koi-kje-ve-odvedat-do-uspeh-kafepauza.mk

1. Кога размислувате дали да донесете ризична одлука или не, запрашајте се себеси дали по некое време ќе жалите доколку не го направите тоа

Животот е една огромна скала каде секој чекор претставува некаков ризик. Со правење на секој следен чекор, ние или се качуваме скалило погоре или се симнуваме скалило подолу. Иронијата е што никогаш не можеме да предвидиме во која насока ќе нѐ однесе тој чекор. Тогаш сме несигурни и не знаеме што да правиме, размислувајќи што ќе се случи ако го преземеме ризикот, какви последици ќе има на нас и нашиот живот. Но во тие моменти треба да си поставиме само едно прашање: „Дали по некое време ќе жалам доколку не го направам овој чекор?“

Одговорот на тоа прашање е и одговор на вашата дилема. Ако мислите дека со тек на време нема да ви биде криво, тогаш ризикот не вреди. Но ако одговорот е да, тогаш ризикувајте. Ништо не е едноставно и ништо убаво и вредно не доаѓа туку така во животот, некогаш ќе мора да ризикувате за да го добиете тоа што го сакате. Каква и да е приликата која ја имате пред вас, веројатноста е дека нема повторно да се најде таму. Затоа зграбете ја.

2. Кога читате нешто што ве импресионира, контактирајте го авторот на напишаното

Кога едно обично здраво може да доведе до прекрасно пријателство, дали може да замислите што би можеле да сторат повеќе убави зборови? Пријателство, љубовна врска, бизнис конекции, нови авантури на секое поле… Убавите зборови кои ќе му ги упатите на авторот кој напишал нешто што ве заинтригирало и/или воодушевило можат да направат магија. Луѓето сакаат да прочитаат дека некому му се допаднало тоа што го напишале, сакаат да слушнат предлози и идеи, сакаат да комуницираат со луѓе полни со ентузијазам, желба и заинтересираност. А таа личност може да бидете вие.

Замислете го следново сценарио: вие сте вработени на место кое ви се допаѓа, но вашата вистинска пасија нема никаква врска со моменталната работа која ја работите. Вашето слободно време го поминувате читајќи статии и книги поврзани со она кое ве интересира, а кои се напишани од стручни лица во таа област. Нешто од тоа што го читате ве импресионира, притоа раѓајќи во вас прашања и идеи поврзани со тоа, па вие одлучувате да му пишете имејл на авторот, кој е личност со успешна кариера каква би сакале и вие. По некое време, добивате одговор од авторот и комуникацијата понатаму преминува во сѐ почести разговори и размена на идеи, поставување и одговарање на прашања и евентуално, во понуда за работа од вашите соништа.

А сега замислете го сценариото во кое не го напишавте тој имејл. Обратете им се на луѓето кои некако влијаеле на вас. Неколку зборови може да ве однесат далеку, а да не сте ни свесни за тоа.

3. Кога некоја работа навистина ви се допаѓа, одвојте време за неа дури и доколку не ве плаќаат

Парите не се сѐ. Иако живееме во општество каде тие играат огромна улога во сечиј живот, некогаш, тоа што самата работа го носи со себе значи многу повеќе од малкуте пари кои би ги добиле работејќи ја. Не само што ќе правите нешто што го сакате и ќе стекнувате искуство во тоа, туку ќе бидете и неверојатно исполнети со себе поради фактот дека правите нешто од чисто задоволство и љубов кон тоа. Тоа може да биде некаков проект од областа на вашите интереси, може да биде пишување за некое списание бидејќи сакате да пишувате и имате што да кажете, може да биде волонтирање во некоја програма за деца бидејќи ве бидува за тоа и имате да подарите огромно количество љубов.

За што и да станува збор, факт е дека целиот тој процес е богатство само по себе кое ќе ве натера да се запознаете себеси подобро од кога било, искуство кое нема да го добиете на ниту едно друго место, кое ќе ви овозможи да оформите познанства и конекции за кои не би ни сонувале. А најубавото е што токму тоа неплатено искуство може да ве одведе таму каде што сте посакувале да стигнете на скалата на успехот. Ќе научите многу, ќе созреете и напредувате, ќе добиете идеја каде сакате да бидете за некоја година, а најмногу – како да стигнете таму.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар