3 токсични уверувања кои ги сметаме за нормални
Излишно е да се повтори дека во животот не е сè така како што изгледа. Ниту на луѓето им е секогаш толку добро како што ни делува, ниту пак нам ни е толку лошо колку што си мислиме. Сепак, и покрај тоа што знаеме како функционира животот и светот околу нас, сепак често потпаѓаме под влијанието на нашата психа и полесно прифаќаме да живееме со ставовите кои нè враќаат назад, наместо да се помачиме да се турнеме себеси нанапред, кон среќа, љубов и задоволство.
1. Минатото ја дефинира сегашноста
Кога работите во животот не ни одат најдобро, имаме тенденција да претпоставуваме и да заклучуваме дека и иднината ќе ни донесе исти такви ситуации. Од некоја чудна причина, ова не се случува кога сè ни оди како подмачкано. Да се биде присутен во сегашноста е многу полесно кога чувствуваме задоволство. Но, насмевките и топлината околу срцето се минливи и ние тоа го знаеме. Затоа пак, кога сме депресивни, имаме потешкотии или чувствуваме некој страв, лесно е да си надодадеме дополнителна болка на самите себе, претпоставувајќи дека и утрешниот ден ќе биде ист како денешниот. Ова е кружно претскажување кое потоа и самото од себе се остварува.
Доколку не си дозволите да се движите напред и да заборавите на она што се случило, на она што било кажано и доживеано во минатото, ќе гледате на својата иднина низ истите извалкани леќи и ништо нема да може да продре низ магловитоста. Ќе продолжите да си се правдате, одново да го проживувате минатото и да се храните со размислувања кои не би ни требало да постојат уште од самиот почеток.
2. Предоцна е за промени
Животот не е права линија. Не постои само еден пат за вас или за некој друг. И не постои предодреден редослед на настаните. Но, понекогаш притисокот кој доаѓа од познаниците, семејството, работата и општеството e толку интензивен што се чувствуваме скршени однатре. Ако ја немаме „вистинската“ работа, односи, начин на живот и слично во одредено доба или после одредено време претпоставуваме дека внатрешно сме скршени. Но, тоа не е воопшто вистина.
Дозволено ви е да се вратите. Дозволено ви е да размислите што ве инспирира во различни полиња од животот. Дозволено ви е да ди си земете време кога ви е потребно. Природно е во животот да се оди и напред и назад и на сите страни. Можеби ќе ви изгледа како хаос, но тоа е убав хаос. Тоа покажува дека се менувате и растете. Сте имале падови и подеми. Сте тргнале по еден пат, но сте одлучиле да ја промените насоката… Можеби и повеќе пати во животот. Таков и треба да биде тој. Животот е непрестајно искуство од независни моменти и избори. Во која ситуација и да сте сега, знајте дека можете да ја промените ако сакате. Зависи од вас. Само треба да изберете нешто ново.
3. Опасно е да се биде ранлив
Сите премногу се плашиме дека премногу ќе кажеме, предлабоко ќе почувствуваме и ќе им дадеме на другите до знаење колку ни значат. Но, тоа не е ниту добро ниту здраво. Да се сака значи да се биде ранлив. Да се биде среќен значи да се биде ранлив. Ризикот дека ќе бидеме повредени е цената за отворање на себеси кон убавината и можностите. Да се биде ранлив не значи да се покажуваат страните кои сме ги разубавеле, туку да се разоткријат своите несовршени страни кои би сакале да ги сокриеме од светот. Тоа значи да се погледне светот со отворени очи и со искрено срце и да се каже: „Ова сум јас! Прифати ме или не!“
Секако, тешко е свесно да се избере ранливост. Зошто? Бидејќи влогот е голем. Но, вистината е дека ништо што е вредно на овој свет не го добиваме играјќи на сигурно. Љубовта и среќата произлегуваат од нашата желба да бидеме ранливи, што значи дека сме отворени кон нешто убаво што не може да ни биде одземено. Кога ќе се скриеме од ранливоста, автоматски се сокриваме од сè што сакаме во животот.