3-те клучни разлики помеѓу стресот и анксиозноста
И покрај тоа што навидум се слични и имаат исти симптоми, стресот и анксиозноста се навистина различни. Поради ова важно е да можете да ги разликувате. Доколку вашата анксиозност ја обележите како стрес, можно е да не ја добиете потребната помош и да не ја подобрите вашата состојба. Па, погледнете ги клучните разлики помеѓу стресот и анксиозноста.
1. Стресот речиси секогаш исчезнува по стресниот период, анксиозноста останува
Можно е да бидете под стрес поради некој тежок испит или да чувствувате притисок бидејќи се наближува некој краен рок. Можно е да чувствувате стрес поради празниците, среќавањето на нова личност или посетата на вашите родители. Поради ова можеби ќе имате проблеми со спиењето или нема да можете да се фокусирате на ништо друго освен на настанот што ви го предизвикува стресот. Но штом ќе помине настанот, стресот ќе се намали и за неколку денови целосно ќе исчезне.
Анксиозноста од друга страна е позлобна. Можеби крајниот рок одамна поминал, но вие сè уште сте анксиозни и со променливо расположение. Можеби мислите дека сте можеле да направите нешто подобро или поразлично. Всушност, воопшто нема потреба од надворешен фактор за појавата на анксиозноста. Можно е во секој аспект од животот забележувате успех, но и понатаму да се чувствувате загрижено и исплашено и да не можете да спиете.
2. Стресот може да биде корисен, но не и анксиозноста
Едноставно, стресот е одговор на опасност. Поради стресот во нашето тело се ослободуваат неколку хормони кои прават срцето да чука побрзо и кои предизвикуваат напнатост во мускулите. Сите симптоми што се појавуваат го подготвуваат телото за одговорот „бори се или бегај“ кој се појавува кога сме соочени со опасност. Всушност ова може да ви биде од помош доколку знаете како да се справите со стресот. Се разбира, ако сте подолго време изложени на стрес можно е да се влоши и вашата здравствена состојба.
Анксиозноста од друга страна не е одговор на опасност, ниту пак е механизам за одбрана. Таа е всушност најраспространетото ментално нарушување. Кога се дијагностицира анксиозноста, најчесто се разгледува дали личноста се справувала со грижи и анксиозност речиси секој ден од изминатите 6 месеци. Анксиозноста може навистина да влијае на квалитетот на вашиот живот и понекогаш медитирањето и здравата исхрана не се доволни за да се излечите.
3. Стресот може да се елиминира со промени во животниот стил, анксиозноста бара повеќе
Ако повремениот стрес се претворил во долготраен стрес, можат да ви помогнат промените во животниот стил. Можете да поставите граница помеѓу приватниот и професионалниот живот, да ги намалите обврските, да се фокусирате повеќе на искуствата наместо на финансиската награда. Исто така можат да помогнат вежбањето и здравата исхрана.
Иако на овој начин можете да ги ублажите и симптомите на анксиозност, со нив нема да го елиминирате изворот на проблемот. Успешното совладување на анксиозноста бара помош од професионалец. Терапијата се смета за најдобар лек против анксиозноста, а доколку вашиот случај е посериозен, може да се лекувате и со лекови.
Дознајте и која е разликата помеѓу анксиозноста и паничниот напад.