3 моќни начини да продолжите понатаму кога мислите дека немате каде
Секој човек барем еднаш во животот се чувствувал изгубено. Оставен сам на себе, без идеја како и каде понатаму. Тоа плаши многу. А како резултат на стравот, многу луѓе остануваат изгубени. Познатото е секогаш безбедно. Но, како и многу други работи, стравот е раскрсница која може да ве одведе по две патеки: првата патека ве води подлабоко во стравот, така што останувате закочени во една точка и со секој момент ви е сѐ потешко и потешко да се поместите; втората патека е изборот да продолжите понатаму. Страшна е и не знаете каде ќе ве одведе сѐ додека не се најдете таму каде што треба да бидете, но е возбудлива и постојано ве предизвикува да одите уште малку подалеку.
Постојат безброј причини поради кои би се нашле во ваква ситуација. И иако можеби ви изгледа дека е безизлезна, секогаш постојат начини како да го срушите ѕидот кој, свесно или не, сте го изградиле пред себе и не ве пушта надвор. Следните неколку се меѓу нив.
1. Прифатете дека ништо во животот не е лесно
Никој не добива ништо на златен послужавник. Секој на еден или друг начин мора да се избори за тоа што го сака, што е негово или кон кое цели. И сосема е нормално да ви се случи во даден момент да не знаете ни што сакате ни како да дојдете до тоа. Но седењето и неправењето ништо во врска со тоа нема никаде да ве одведе. Уште помалку ќе ви помогне постојаното коментирање дека нема излез од ситуацијата во која се наоѓате. Што и да ве довело до таму каде што сега се наоѓате, дури и да нема причина, помирете се со тоа и почнете да барате решение. Најдете што ве раздвижува и почнете секојдневно да го практикувате барем на кратко. Тоа е добар почеток.
2. Замислете се себеси пред неколку години
Решението некогаш лежи во минатата верзија од вас. Кога најмногу немате идеја кои сте, можеби токму погледнувањето наназад, кон вашиот тогашен живот и личноста која сте биле ќе ви помогне. Пронајдете што ве правело тогаш среќни, што е тоа што се сменило. Погледнете каде сте свртеле и сте почнале да одите по слепа улица. Можеби истите стравови сте ги имале и тогаш, но не сте свесни за тоа. Откријте како сте успеале да ги пребродите и што е тоа што ве влечело напред. Сосема е можно да сте биле во слична ситуација и претходно, но да не се сеќавате, а веќе да го имате одговорот кој го барате.
3. Запрашајте се што е најлошото што може да се случи
Ние луѓето тежнееме кон тоа да ги преувеличуваме нештата, ги правиме поголеми од што реално се и некогаш токму тоа е проблемот. Си имаме ставено во глава дека што и да направиме само ќе ја влоши и веќе лошата ситуација, па дигаме раце и не правиме апсолутно ништо. Целосно погрешно! Навистина, што е најлошото што може да се случи? Дали навистина ќе биде крај на свет ако се одлучите и го зададете првиот удар? Немојте свесно да се заклучувате себеси некаде каде што не припаѓате. Ако ви е потребно да тагувате, тагувајте. Ако ви е потребно да викате, качете се на некој рид и врекајте на сиот глас. Немојте да ги чувате чувствата во себе. Немојте да се кочите кога слободно може да одите напред. Разбудете се. Утре е нов ден.