3 љубовни искуства – Да ги преживеете или да живеете со нив?
Да ги преживеете трите базични љубовни искуства, не значи секогаш дека ќе зајакнете и ќе се опаметите. Понекогаш, тие искуства ве определуваат во сите понатамошни емотивни интеракции и ви ја „осакатуваат“ способноста да воспоставите длабок однос и да започнете да верувате некому. Еве кои се тие љубовни искуства кои ја имаат оваа моќ.
1. Првата љубов
Најчесто се случува во периодот на адолесценција, но е еднакво разорна и ако се случи во позрели години. Кога прв пат ќе почувствувате колку сте ранливи на некого кој до пред некое време воопшто не сте го познавале, колку сте беспомошни под влијание на бранот на чувствата, колку сте ранливи и спремни на што било поради некого – ви се чини дека судбината сама ви го сервирала тоа, дека сте ја пронашле вашата сродна душа и дека сега треба само да го живеете вашиот среќен крај.
Но, ова е само почеток – сите оние љубовни хорори кои допрва треба да ги сфатите како реалност, а не како божја пакост. Среќните краеви не постојат во реалноста, а особено кога е во прашање првата љубов. Таа ви остава белези, кои покажуваат дека сте дошле од војна и сте преживеале. Понекогаш тие белези се толку длабоки и грди, па се чувствувате како лошо зарасната рана, која може да прокрвари во секој момент. Првата љубов ви вградува автоматска навигација, која ја бара истата фреквенција во секоја наредна врска. Но, наоѓате само делови и траги. Навигацијата е во блокада, љубовниот живот е во застој. Долго, долго…
2. Раскинување
Оставате или сте оставени. Не е сеедно, но предноста од тоа дека вие сте ја донеле одлуката за прекинување на врската, не значи дека вашите чувства соработуваат со разумот и дека сето тоа ќе помине мазно. Ќе се чувствувате лошо поради помислата дека сте повредиле некого, ќе се чувствувате напуштено и се ќе прашувате дали сте дале сè од себе за таа врска да успее. Можеби од ужасот на тоа искуство ќе изградите трпеливост која нема да ви дозволи да раскинете некоја наредна врска, туку ќе чекате тие да ве остават вас, само да го избегнете донесувањето на одлуки.
3. Прекин на љубовта
Тука нема вжарена болка и адреналинска драма. Тоа е празнина. Чувство на тапост и бесмисленост. На местото каде што биле нежните чувства, страста, грижата, вниманието, посветеноста, желбите и плановите – нема ништо. Односно, ја нема личноста која била во фокус на тие чувства и посветеност. Се запрашувате како е можно да престанете некого да сакате и почнувате да се сомневате во себе.
Што ако ви се причини дека некој е вистинската личност за вас, се обожавате, влегувате во брак со неа, раѓате деца и – престанувате да ја сакате? Дали би живееле до крајот на животот со некого кого не го сакате? Како останатите луѓе излегуваат на крај со тоа? Но, можеби останатите не се издајници на љубовта, површни личности кои сакале некого до вчера, а утре им досадува и им станува сеедно.
Сомнежот во сопствените капацитети за љубов е длабоко потресна на многу нивоа. Но, ве наведува да се преиспитате и преслушате, да експериментирате и испробате, додека не сфатите какви сте навистина, каков ви е системот на вредности и каков треба да биде партнерот кој ќе го подржува тој систем на вредности. Голема е таа работа, понекогаш доживотна.