3 квалитети на секоја успешна врска: Што мора да поседувате како индивидуа и како пар?
Успешните врски се ретки. За нив е потребно да се борат и двајцата партнери и да даваат повеќе од себе, дури и кога делува како да нема што друго да се направи. Тоа и ги прави успешни, нели? Да се најде таа златна средина кога многу други во таа ситуација би се откажале… Токму и затоа, успешната врска нема да се случи сама по себе. Таа бара љубов, разбирање, комуникација и сл. Но најмногу од сѐ, следниве 3 карактеристики кои детално се објаснети и доловени во книгата на новинарот Нил Штраус, „Вистината: Непријатна книга за врските“.
1. Индивидуалност
Не за џабе сите експерти велат дека основата на секоја успешна врска е успешното индивидуално функционирање на партнерите. Со други зборови, за да може да бидете со некој друг, прво мора да знаете да бидете сами со себе; да ги знаете своите карактеристики, потреби и маани за да може да ги запознаете и прифатите туѓите; да се прифатите и сакате себеси за да може да сакате некој друг.
Како што вели познатиот психолог Карл Јунг, индивидуалноста претставува свесност и поседување здрава смисла за себе надвор од врската и партнерот. Или, според зборовите на Џејмс Холис, индивидуалноста е парадокс бидејќи најдобро може да влијаете на врската ако доволно се спознаете и развиете себеси така што нема да имате потреба да се храните од други. Бидејќи без поседување на свое јас, без знаење кои сте и што сте, не ни знаете што сакате од себе, од животот, а најмалку од партнерот и врската. А тоа ве прави дете, не возрасен, како што пишува во книгата на Штраус.
2. Интимност
Настрана од физичката интимност која веројатно прва паѓа на ум, психичката интимност е нешто што на секоја врска ѝ е неопходно. Ова подразбира да бидете способни навистина да го видите и слушнете вашиот партнер (и обратно), да може да се разберете еден со друг бидејќи се познавате и имате вистинска, силна и длабока поврзаност.
Уште повеќе, ваквата интимност значи дека не чувствувате потреба да бидете некоја друга личност кога сте еден со друг, дека може да бидете свои и реални, со сите доблести и недостатоци и како такви, да се сакате и почитувате меѓусебно, велат зборовите на Пија Мелоди, врвен психолог за љубовни врски. Ова бара висок степен на искреност и прифаќање, две работи кои се невидено тешки, непријатни, но неопходни за да бидете во длабоко интимна врска. А таквата врска е силна врска во која ќе се чувствувате убаво, сакано и ценето.
3. Меѓусебна независна зависност
Се прашувате на кој начин. На начин што наместо да очекувате од партнерот да ги исполни сите ваши барања и потреби (како и вие неговите), вие како пар избирате да бидете заедно, еден со друг, така што посебно, но и меѓусебно ќе си ги задоволувате потребите, наоѓајќи се некаде на средина, правејќи го она што и двајцата ве исполнува.
Можеби најдобар начин ова да се сфати е преку зборовите на Лорејн, советник и терапевт во клиника за рехабилитација на секс зависници. Таа вели дека една врска е здрава кога две индивидуи одлучуваат да бидат во врска која станува трет ентитет. Ова повлекува дека тие две индивидуи ќе ја негуваат таа врска и ќе ѝ дозволат таа да ги негува нив така што ќе бидат меѓусебно независно зависни, исполнувајќи си ги одделните потреби и желби, но и барајќи помош и поддршка од партнерот кога им се потребни.
Лорејн меѓу другото кажува и дека единствено имаме шанса за успешна и здрава врска кога љубовта која ја чувствуваме кон некого е поголема од потребата која ја имаме од таа личност. Тоа кажува сѐ, нели?