3 гламурозни новогодишни мејкап изгледи
За впечатлив и заводлив изглед не треба да бидете професионални шминкери, доволно е да знаете неколку трикови. Доколку размислувате за вашата шминка на новогодишната ноќ, ова се три гламурозни изгледи кои ви ги даваме како предлози. Пожелно е да ги испробате пред новогодишната вечер за да го извежбате изгледот и да го доведете до совршенство на самата пригода.
Секси „зачадени“ очи
Најпрво нанесете основа за шминката на очите, како кремаста сенка за очи, за шминката да биде подолготрајна. Кон надворешните краеви на очните капаци нанесете мат црна сенка. Сосем малку закосете ги краевите за да добиете ефект на „мачкини“ очи. Потоа одберете топла кафеава нијанса и нанесете ја на горните краеви на очните капаци, мешајќи ја на едниот крај со црната нијанса за да неутрализирате.
Потоа одберете посветла кафена нијанса со светки и нанесете ја по внатрешниот дел на очниот капак, мешајќи ја на краевите со потемната кафеава за да избегнете остри ограничувања на секоја од нијансите. Под веѓите внимателно нанесете неутрална боја како бела или шампањ-боја.
За сјаен завршеток нанесете златна сенка за очи во внатрешниот дел на очниот капак. Нанесете црно или златно моливче за очи по должината на горната надворешна линија на очниот капак. Внимателно нанесете од црната сенка врз моливчето за да го создадете ефектот на „зачадени“ очи. По линијата поминете уште еднаш со туш за очи. За крај нанесете водоотпорна маскара, а за подраматичен изглед употребете вештачки трепки.
Перфектна поврзаност на интензивно сино и сребрени светки
На очните капаци нанесете основа за шминка, потоа со темносино моливче за очи исцртајте ја надворешната линија на горниот дел од очните капаци, закосувајќи ги крајните врвови за да создадете ефект на „мачкини“ очи. Со истото моливче исцртајте го очниот капак, поврзувајќи го со закосените краеви.
Линијата која ја обележавте со моливчето за очи „размачкајте“ ја со четка за сенка за очи, правејќи мали кружни движења нанадвор со цел да создадете благ ефект на „зачадени“ очи. Потоа нанесете сосем малку темносина сенка за очи по истата линија за интензитет на сината боја. Повторно „размачкајте“ со мали кружни движења нанадвор па нанесете уште еден слој темносино моливче за очи за да го дефинирате обликот на окото.
По внатрешниот дел од очниот капак нанесете светкава сребрена сенка за очи, но гледајте да не излегувате од границите кои ги поставивте со моливчето за очи. Доколку сакате поинтензивен ефект дополнително нанесете сребрени светки. По потреба коригирајте со моливчето за очи доколку сте „избегале“ од границите нанесувајќи ја сребрената сенка. Доколку сакате поинтензивен изглед нанесете туш за очи во сина боја по истата линија.
Од моливчето што го користевте, нанесете по долниот очен капак за да го дефинирате, поврзувајќи го со завршетокот од горниот очен капак. Под веѓата може да нанесете нежна боја сенка за очи, како бела или шампањ боја, добро размачкувајќи за да добиете поприродна поврзаност на интензивните бои на вашата шминка. Нанесете маскара, а доколку сакате и вештачки трепки.
Топол шампањ и впечатливо сина боја
Доколку сакате поприроден изглед без тешки бои, ова е вистинскиот избор за вас. За почеток нанесете основа, па нанесете шампањ-боја за изедначување и топлина на целокупниот изглед.
Потоа одберете туш за очи со впечатлива боја, како на пример интензивно-сина боја. За да имате целосна контрола при нанесувањето на тушот, затегнете ја кожата со малиот прст и почнете да го нанесувате од средината на надворешната линија на окото и нанесувајте долж линијата нанадвор, со тоа што на краевите ќе ја закосите линијата за да создадете ефект на „мачкини“ очи. Внимателно коригирајте за да добиете совршено оцртана линија. Нанесете од тушот и по внатрешната линија на долниот капак (како што е прикажано на сликата).
Доколку сакате повпечатлив изглед може да нанесете црно моливче по внатрешната линија на горниот капак. За крај нанесете слој маскара.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.