3 едноставни совети за убавина кои ќе ве воодушеват
Сигурно многу пати сте помислиле колку би било добро кога наутро не би требало да нанесувате цел тон шминка на вашето лице. Со помош на овие 3 совети, токму тоа можете да го остварите. Иако звучи неверојатно, можно е да изгледате прекрасно и без силна шминка. Тоа можете да го постигнете доколку редовно го негувате лицето, особено веѓите, усните и кожата. За да изгледате како манекенките од модните писти, експертите препорачуваат внимателно обликувани веѓи, меки усни и негуван тен. Во овој случај нема потреба од дополнителна шминка доколку наутро имате премногу работа, доволни ќе ви бидат само малку маскара, коректор за евентуално проблематичните области и сјај.
Уредни веѓи
Погрешно обликуваните веѓи можат да ви додадат неколку години и да предизвикаат да изгледате несредено. Одберете ја формата на веѓите според вашето лице, а доколку не сте сигурни во својата процена, побарајте совет од професионалец. Природно обликуваните веѓи се најпопуларни во моментов, а тенките одамна излегоа од мода. Ако имате ретки веѓи, можете сами брзо и едноставно да ги пополните со помош на молив за веѓи или сенка која е една до две нијанси потемна од вашите веѓи. Но, внимавајте да не претерате со нагласувањето.
Усни од соништата
Ниските температури и ветрот се добро познати штетници за нашите усни. Токму затоа експертите советуваат секоја вечер, пред спиење да ги масирате усните со балсам втривајќи го со стара четка за заби. Со овој одличен пилинг вашите усни ќе изгледаат како создадени за бакнежи. Исто така одбирајте балсами кои се полни со антиоксиданси со цел да ви ја нахранат нежната кожа на усните.
Сјајна кожа
Доколку не сакате наутро да имате премногу работа со нанесување неколку слоеви пудра, многу е важно вашето лице да биде редовно негувано. Ова не е толку тешка задача доколку одвоите малку време за неа пред спиење. Сè што е потребно е да го исчистите лицето со нежен пилинг и да нанесете хранливо масло пред да си легнете. Кожата ќе ви биде благодарна!
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.