3 едноставни начини да останете ведри и за време на „дождливите денови“

3 едноставни начини да останете ведри и за време на „дождливите денови“

Животот е како времето – малку сонце, малку дожд. Луѓето поминуваат низ тешки и непријатни ситуации дома, на работа, а некогаш може и еден обичен дождлив ден да ви го расипе расположението. Дали ви се случува да се чувствувате несреќни и фрустрирани кога надвор врне? Може ли времето да влијае на вашето расположение и тоа да го диктира вашето однесување кон себеси и кон околината? Што можете да направите во тие мигови? Ви нудиме 3 едноставни совети кои можат да ја покренат вашата среќа и нивото на енергија, не само во дождливите денови, туку секогаш кога работите не одат онака како што посакувате. Тогаш, кога ќе почувствувате дека емоциите почнуваат да се мешаат, а вашите очи се полнат со солзи.

(1) 3 едноставни начини да останете ведри и во „дождливи денови“

1. Сменете ја перцепцијата

„Ако го смените начинот на којшто гледате на нештата, нештата во кои гледате ќе се сменат.“ – д-р Вејн Дајер

Можете да изберете да ја смените перцепцијата и да го гледате дождот како благослов за убавото зеленило во природата. Дождот е суштински елемент за одржувањето на животот и за растот во природата. Но, тој исто така е добар и за нашата коса, па затоа нема ништо лошо да направите една незаборавна прошетка, со или без чадор. Излезете слободни на дождот и дишете од чистиот воздух што го носи со себе. Не дозволувајте му да ве затвори, затоа што природата и надворешниот свет не живеат само кога има сонце.

Дождот значи живот исто колку и сонцето. Животот е полн со падови и искачувања. Исто како и дождливите и сончевите денови. Кога имате денови кои не течат онака како што сакате вие, сетете се на дождот и сменете ја перцепцијата на којашто ги гледате работите. Побарајте ја позитивната страна во секоја ситуација што ви ја носи денот и одете напред, затоа што секогаш после дождот доаѓа сонце.

2. Согледајте ги можностите

„Секоја катастрофа, секоја грешка, секоја душевна болка со себе носи еднаква или поголема добивка.“ – Наполеон Хил

Природата ни дава прекрасен пример којшто можеме да го примениме и врз нашите животи. Доколку таа има потреба од дождливи денови, во кои зема малку здив и се подготвува за топлите сончеви зраци, зошто тоа да не го практикувате и во себе? Едноставно учете од природата.

Кога ќе почувствувате одреден мрак и тежина во вашата душа, како сивилото што некогаш се распостила на небото, посветете си време само за вас. Земете здив, одморете, искористете ги тие мигови за нештата кои ве исполнуваат. Слушајте добра музика, дишете длабоко, медитирајте. Секогаш има безброј можности да ја пронајдете светлината во вас, без оглед дали дождот лие надвор или само во вашата душа.

3. Верувајте! И оваа ситуација ќе помине

„Не можете да ја смирите бурата, затоа престанете залудно да се обидувате. Можете да се смирите себеси. Бурата ќе помине.“ – Тимбер Хокиј

После дождот изгрева сонце, секогаш. Така е во природата, така е и во нашите животи. Како што ноќта ја заменува светлината на денот, така и мрачните и тмурни чувства не траат вечно. Ниту една ситуација во животот не е вечна, нештата си течат и полека се менуваат. Останете смирени, цврсти и продолжете напред. Планирајте што ќе правите утре или задутре, кога дождот ќе запре, а на вашата кожа ќе ги почувствувате топлите сончеви зраци.

Кога сонцето ќе изгрее и ќе го осветли небото над вас, тие мигови особено ќе ги почитувате. Можеби затоа и се појавуваат дождливите и тмурни денови, за да научиме да бидеме благодарни и да го бараме сонцето, како надвор, така и во нас самите.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевник, новинар, сонувач... Го обожува утринското кафе без шеќер. Верува дека убавите нешта се кријат во мали и едноставни пакувања.

Поврзани содржини

Остави коментар