3 едноставни чекори за слабеење без изгладнување
Многу од начините за брзо слабеење можеби се ефикасни, но поради нив ќе се чувствувате гладно и незадоволно. Доколку немате челична волја, голема е веројатноста брзо да се откажете од намерата поради чувството на глад. Но, можете да се ослободите од вишокот килограми и без гладување.
Се разбира, не можете да очекувате тоа да се случи преку ноќ. Потребни се трпеливост и дисциплина, но сигурно ќе ја стигнете посакуваната цел. Ако некогаш скршнете од патот, немојте да се казнувате. Едноставно продолжете по планот наредниот ден. Погледнете ги 3-те едноставни начини за слабеење без гладување.
1. Намалете ја консумацијата на шеќер и скроб
Првиот чекор е намалување на внесувањето шеќер и скроб, односно на јаглехидратите. Кога ќе го направите ова, со текот на времето ќе чувствувате помалку глад, а ќе внесувате и многу помалку калории.
Друга придобивка од намалената консумација на јаглехидрати е и намалувањето на нивото на инсулин. Со ова вашите бубрези полесно ќе ги исфрлаат вишокот натриум и вода од телото, а ќе се намали подуеноста и непотребното задржување на вода. Многумина забораваат дека и „течните“ калории се виновни за дебелеењето. Поради тоа наместо сокови, пијте вода.
2. Јадете протеини, масти и јаглехидрати
Иако овој совет звучи спротивно од првиот, важно е да запомните дека не смеете ништо да отфрлате целосно од вашата исхрана. Важно е само сите хранливи материи да доаѓаат од здрави намирници. Секој ваш оброк треба да содржи протеини, масти и здрави јаглехидрати, како на пример од зеленчук.
Не треба да се занемари и важноста на протеините. Тие ја намалуваат желбата за храна, особено во текот на ноќта, па поради ова ќе консумирате помалку калории и со текот на времето ќе го отстраните вишокот килограми.
3. Вежбајте барем три пати неделно
Иако исхраната и намаленото внесување на калории имаат голема улога во слабеењето, не заборавајте ја важноста на вежбањето. Обидете се да најдете време за вежбање барем неколку пати во неделата. Доколку не сакате да одите во теретана, на Интернет можете да најдете безброј програми за вежбање дома.
Доколку вежбате дома, не заборавајте на загревањето и истегнувањето, а доколку одите во теретана најдобро е да побарате помош и совет од професионалци.
Немојте да се фокусирате само на кардио вежбите како што се трчање, одење или возење велосипед. Почнете да вежбате и со тегови. Многу девојки се плашат од вежбите со тегови бидејќи мислат дека ќе им се направат големи мускули, но ова воопшто не е вистина. Дигањето тегови ќе ви помогне при согорувањето на калориите, ќе го спречи забавувањето на метаболизмот (што е честа несакана појава при слабеењето) и ќе ви помогне да го обликувате вашето тело.
10 совети за полесен пат до успехот:
1. Јадете појадок богат со протеини. На овој начин ќе ви се намали желбата за храна и ќе го намалите внесувањето на калории во текот на денот.
2. Избегнувајте засладени пијалаци и сокови. Наместо нив пијте вода.
3. Половина час пред оброкот испијте чаша вода. Едно истражување покажало дека ова има позитивно влијание врз слабеењето.
4. Одбирајте намирници што го поттикнуваат слабеењето.
5. Јадете храна богата со хранливи влакна.
6. Пијте незасладено кафе или чај. Кофеинот има позитивно влијание на метаболизмот.
7. Обидете се што почесто да јадете непреработена храна.
8. Јадете бавно.
9. Редовно мерете се. Тоа не мора да биде секој ден, но одредете ден од неделата за да го следите вашиот напредок. Секој намален килограм ќе ви биде мотивација да продолжите понатаму.
10. Не заборавајте на спиењето. Недостатокот на сон е поврзан со дебелеењето, па обидете се секоја вечер да спиете најмалку 7 часа.
Погледнете ги и советите за слабеење од луѓе кои успеале да се ослободат од вишокот килограми.