15 работи кои вистинските пријатели ги прават поразлично
Некој некогаш рекол дека животот е како голема забава. Поканувате многу луѓе. Некои си заминуваат порано, некои остануваат до доцна. Некои се смеат на вашите шеги, некои ви се смеат вам. На крајот остануваат само мал дел кои се со вас до самиот крај и ви помагаат да го средите нередот.
Сите знаеме дека кога ќе ги најдеме вистинските пријатели треба да ги чуваме. Ова се некои од работите кои се карактеристични само за вистинските пријатели.
1. Заедно се соочуваат со проблемите
Оној кој вистински ве познава е оној кој ја гледа болката во вашите очи додека сите останати ѝ веруваат на насмевката на вашите усни. Не барајте некој кој ќе ви ги реши сите проблеми туку некој кој ќе се соочи со нив заедно со вас. Некогаш сè што ни треба е едноставно некој да биде покрај нас.
2. Даваат колку што можат бидејќи навистина се грижат
Можеби ние луѓето сме себични, но вистинското пријателство не смее да биде себично. Не влегувате во некаква врска со цел да искористите што е можно повеќе за себе, туку несебично да дарувате без да запишувате и памтите кој колку придонел. Вистинските пријатели несебично даруваат време, внимание, енергија, љубов, бидејќи вистински се грижат.
3. Наоѓаат време еден за друг
Неретко не сакаме да најдеме време и даваме образложение колку сме зафатени. Вистината е дека оној кој сака ќе најде време без оглед на сè, бидејќи оној кој не сака бара изговори а оној кој се грижи бара начини.
4. Си даваат слобода
Отворете ги ширум вратите и прозорците. Дозволете му на воздухот да циркулира и да дишете слободно. Не можете да натерате некој да ви биде пријател ниту да го натерате да верува во нешто во што не сака да верува. Едноставно е, доколку таа личност ви е вистински пријател никогаш нема да излезе од вашиот живот без разлика што прозорците и вратите ѝ се отворени.
5. Комуницираат ефективно
Клучот на секој успешен однос е добрата комуникација. Ако имате какви било чувства а одбивате да зборувате за нив, тие ќе се наталожат во вашата врска како рѓа и неизбежно ќе влијаат на вашата комуникација. Што и да ви се случува, како и да се чувствувате, секогаш бидете слободни да ги пренесете своите чувства и емоции на вашиот најдобар пријател.
6. Се прифаќаат едни со други такви какви што се
Со сите маани и предности. Едноставно не се обидуваат да се променат еден со друг туку се прифаќаат такви какви што се. Лошо е кога чувствуваш дека не си прифатен или дека не си доволно добар за некого па тој некој се обидува да промени нешто кај тебе. Токму затоа вистинските пријатели не го прават тоа.
7. Тие се слободни, свои и реални
Вистинските пријатели нема да се обидуваат да си поиграат со вашите глави. Нема да се преправаат дека се нешто што не се. Вистинското пријателство бара од вас да бидете свои и слободни и секогаш оригинални и вистински.
8. Тие прават компромис
Подготвени се на компромис бидејќи знаат дека никој не е совршен и ништо не е идеално. Ниту пак е возможно двајца сосема да се согласуваат на секое поле во животот.
9. Се поддржуваат меѓусебно во процесот на созревање
Нема да ви речат „си се променил/а“ мислејќи дека тоа е нешто негативно. Секој од нас расте и созрева. Тие ќе се радуваат на тој процес во вашите животи. Нема да пробуваат да ги срушат вашите соништа и надежи туку ќе ви помогнат да верувате во себе во лошите мигови. Вистинските пријатели наздравуваат за успехот на својот пријател а не го гледаат тоа како нивна загрозеност.
10. Веруваат во пријателот
Дури и тогаш кога светот ви вели дека сте смешни и нереални вистинскиот пријател стои рамо до рамо со вас и ве поддржува. Вистинскиот пријател знае дека успехот на неговиот пријател е и негов. Вашите пријатели знаат кои се вашите слабости и несигурности и токму во тие моменти ќе бидат покрај вас бодрејќи ве.
11. Ги прифаќаат и лошите моменти
Свесни се дека не може сè да биде совршено ниту пак може нивниот пријател да биде совршен. Тие се прифаќаат меѓусебно како човечки суштества со маани и знаат дека треба да бидат трпеливи.
12. Покажуваат дека се ценат и вреднуваат
Не го сфаќаат пријателството здраво за готово и свесни се дека пријателот не е личност која без оглед на сè ќе биде покрај нив. Пријателството треба да се цени и вреднува, да му се дава значење и да се вложува. Тие ќе го изненадат својот пријател со подарок и убав збор без посебен повод или пак причина.
13. Слушаат. Вистински слушаат
Не се фокусираат само на себе. Вистинскиот пријател нема да ве преплави со своите мислења, чувства и проблеми без вистински да ги сослуша вашите. Токму затоа имате голема доверба во нив. Знаете дека вашиот збор ќе биде слушнат и вреднуван а вашата тајна безбедна. Дури и ако немаат решение на вашиот проблем доволно олеснување за вас е тоа што ќе ве ислушаат.
14. Ги одржуваат своите ветувања
Ако речат дека ќе бидат таму, ќе дојдат. Ако речат дека ќе го направат тоа, токму тоа и ќе го сторат. Ако не можат нема да ве лажат, ако не се согласуваат со вас ќе ви кажат. Секогаш сте сигурни во нивниот збор бидејќи никогаш не побегнале од она што го ветиле.
15. Едноставно тука се
Во овој луд свет, на сонце и на дожд, во тмурни денови и среќни мигови, тука се за вас. Покрај вас се и кога треба да наздравите, тука се и за заедно да плачете. Бидејќи се вистински пријатели.
Всушност, ние не губиме пријатели, само сфаќаме кои не ни биле вистински пријатели.