15 работи кои луѓето со голема самодоверба не ги прават
Да се има самодоверба значи да се верува во себе и во своите способности. Ако не веруваме во себе, зошто некој друг би верувал во нас? Доколку сакате да ја подобрите својата самодоверба или пак да проверите колку навистина имате верба во самите себе, обрнете внимание на оваа листа од 15 работи за кои луѓето со голема самодоверба кажуваат големо НЕ.
1. Не наоѓаат изговори
Доколку не пристигнале навреме на работа, не го обвинуваат сообраќајот ниту времето, едноставно задоцниле. Не се служат со изговори од типот „Немам време“, „Моите околности се тешки“, или „Не сум доволно добар/ра за тоа“, туку ќе најдат време, ќе ги променат нештата над кои имаат моќ да влијаат и ќе научат да бидат доволно добри во што било. Луѓето со голема самодоверба се свесни дека оној кој не сака – наоѓа изговори, додека оној кој вистински посакува нешто – наоѓа начини.
2. Не ги одбегнуваат нештата од кои се плашат
Никогаш нема да дозволат стравот да ги управува нивните животи. Најстрашните работи во нашите животи најчесто се токму оние со кои треба да се соочиме за да постигнеме определена цел и да еволуираме како личности. Луѓето со високо ниво на самодоверба се свесни дека работите за кои чувствуваат страв се токму оние работи кои вреди да се направат.
Кога еднаш ќе се соочите со стравот, ќе сфатите дека и не бил толку голем, но колку повеќе го одбегнувате, тој сè повеќе расте. Еве на пример, да речеме дека исто како малите деца се плашите од „чудовиштето под креветот“. Луѓето со самодоверба нема да спијат со запалена светилка ниту пак да појдат во креветот на мама, туку ќе го изгаснат светлото и ако треба ќе поминат една вечер под креветот, за дури и ако постои чудовиштето да му докажат дека нема да му дадат можност да ги контролира.
3. Не живеат во стаклено ѕвоно
Оние со голема самодоверба нема да останат во безбедната зона туку ќе преземат ризици и ќе направат промени бидејќи безбедната зона е токму она место каде соништата умираат. Ако, да речеме, се стремите кон вашето тело од соништата, но останувате физички неактивни поради болката во мускулите и големиот напор кој се бара од вас, вие никогаш нема да ја постигнете вашата цел. Ќе останете на каучот гледајќи филмови и грицкајќи чипс. Но ако свесно се изложите себеси на тој физички напор, ќе сфатите дека и болката во мускулите се намалува по одредено време и истиот тој напор ќе ви стане рутина која ве носи до целта.
4. Не ги одлагаат работите
Не го чекаат „вистинското време“ или „вистинските околности“, бидејќи ако се поставите така, никогаш нема да дојде тоа вистинско време кое го чекате. Тие преземаат акција сега, денес, во овој момент, правејќи околностите да се прилагодат на нивните планови и цели, а не обратно.
5. Не се преокупирани со туѓите мислења
Се грижат за другите и не се однесуваат себично, но кога станува збор за туѓото мислење, не се преокупирани со она што другите го мислат за нив. Го живеат животот на свој начин, некогаш правејќи работи кои другите не ги разбираат, но нема да дозволат нивните соништа да зависат од мислењата на другите. Се фокусираат на оние кои им се блиски и за кои знаат дека ќе ги поддржат без оглед на сè, а што се однесува за остатокот од светот, не се преокупираат со идејата да ги импресионираат другите бидејќи знаат дека не е возможно секој да има добро мислење за нив.
6. Не ги осудуваат луѓето
Секој е различен и секој има свои проблеми, свое мислење и си го носи сопствениот товар. Луѓето кои имаат самодоверба не чувствуваат потреба да омаловажат некој друг со цел да се чувствуваат подобро самите за себе.
7. Не дозволуваат недостатокот на ресурси да ги спречи
Свесни се дека сè е возможно со доволна количина на креативност како и упорност. Нема да драматизираат околу сè она што го немаат туку ќе ги искористат сите оние нешта кои им се на располагање. Мислите дека најуспешните личности во светот секогаш ги имале сите потребни ресурси на сребрен послужавник? Не, туку одбрале да ги остварат своите цели и покрај сè.
8. Не се споредуваат со другите
Не се споредуваат со другите бидејќи се свесни дека никогаш не можат да знаат за туѓите околности. Единствената личност со која се споредуваат и натпреваруваат се самите себе. Гледаат да еволуираат во подобра личност од она што биле вчера.
9. Не се фокусираат на квантитетот туку на квалитетот
Секогаш ќе се одлучат за квалитет наспроти квантитет. Свесни се дека не можат совршено да се согласуваат со секоја личност со која ќе стапат во контакт, и тоа е во ред. Наместо тоа, тие се фокусираат на квалитетот на нивниот однос со другите.
10. Не се зависни од позитивниот фидбек
Животот понекогаш не е фер и некогаш работите не тргнуваат по замислената линија. Не секогаш околностите во животот ќе ви сигнализираат кренати палци и позитивен фидбек, не можете да контролирате буквално сè. Но она што можете да го контролирате е вашата реакција на случувањата во животот.
11. Не ги избегнуваат непријатностите во животот
Свесни се дека во животот неретко ќе треба да се соочат со непријатни и тешки ситуации, но тоа е многу подобро решение отколку избегнувањето што пак придонесува самиот проблем да се мултиплицира.
12. Не се откажуваат лесно
Тие се свесни дека неуспехот е дел од сечиј живот и дека постојат две опции: да се исправиш по падот и да пробаш повторно или да се откажеш. Запомнете, неуспехот и не е толку лош. Со негова помош вие сте побогати за едно животно искуство и точно знаете како правилно да постапите во иднина.
13. Не им треба ничија дозвола
Не чекаат зелено светло од околината, од општеството или од кој било. Секогаш пред да преземат акција си велат: Ако не јас, кој? Ако не сега, кога?
14. Не се ограничуваат себеси
Нема да дозволат да бидат ограничени од какви било норми, правила или забрани. Ќе излезат од кутијата, ќе ги надминат границите ако треба, но ќе најдат начин да го остварат својот сон и да стигнат до определена цел. Тоа што навидум стигнувањето до таа цел изгледа невозможно го сфаќаат како уште поголем и поисплатлив предизвик, а не како ненадминлива пречка.
15. Не ги прифаќаат нештата пред самите да размислат за нив
Личностите со голема самодоверба секогаш одржуваат доза на „здрав скептицизам“. Им даваат можност на другите да го кажат своето мислење, но секогаш ќе размислат со своја глава и ќе ги одделат важните од неважните информации. Ништо што ќе прочитаат или чујат не го сфаќаат како универзална вистина туку го преиспитуваат според своите сфаќања и интереси.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.