14 одлуки на среќните луѓе

14 одлуки на среќните луѓе

Секојдневно сме ставени пред многу избори: што да облечеш, дали да го направиш тој телефонски повик или не, каде да заминеш, кога да ги платиш сметките, што да јадеш… и оваа листа нема крај.

Неретко сме ставени и пред многу ментални одлуки за кои треба храброст. Среќните луѓе одбираат да бидат среќни без оглед на сè, па доколку сакате да се водите според нивните одлуки, еве што секогаш треба да изберете:

14 одлуки на среќните луѓе

1. Одберете да простите

Среќните личности се свесни дека простувањето е подарок за самите себе. Колку подолго го чувате бесот во себе толку повеќе си нанесувате зло себеси. Одберете да простите, да заборавите, да продолжите понатаму а со тоа да си ја олесните душата. Дури и ако станува збор за колега од работа кој ве изнервирал, едноставно одберете да му простите. Така ќе си го олесните сопствениот товар, бидејќи колку повеќе нечии зборови и постапки чувате врз плеќите, толку потешко ви станува чекорењето напред.

2. Одберете да живеете во сегашноста

Константното живеење во спомените на минатото ве спречува со полни гради да ја вдишете сегашноста. Може да размислувате за иднината и да правите планови, но бидете внимателни и секогаш со мислите останете вистински присутни сега и овде.

3. Одберете да го прифатите лошиот ден како дел од животот

Сосема е во ред да имате лош ден, секој го има. Но после дождот секогаш доаѓа сонце. Прифатете ги и лошите моменти како дел од животот, па така нема да ги сфаќате премногу трагично кога ќе треба да се соочите со нив. Запомнете, тоа што сте имале лош ден ни од далеку не значи дека имате лош живот.

4. Не си земајте сè при срце

„Кога некој се однесува безобразно и ве третира лошо, не земајте си при срце. Тоа не кажува ништо за вас, но кажува многу за него.“ – Мајкл Џозефсон, јавен говорник и поранешен професор по право.

5. Одберете да пробате иако изгледа тешко

Одберете да ризикувате, да го направите потегот иако никој не ви гарантира дека ќе успеете. Речиси ништо во животот не е загарантирано. Кога ќе одлучите да не пробате со сигурност сте ја изгубиле битката однапред.

6. Одберете да се сакате себе и да се прифатите со сите свои одлуки

Секој направил погрешни одлуки или одиграл лошо во одредена ситуација, но тоа не е причина постојано да се осудувате себеси. Грешките гледајте ги како можности за развој и стекнување искуство. Ослободете се од товарот и сакајте се себеси токму какви што сте, бидете единствени, свои и неповторливи.

7. Преземете одговорност

Не префрлајте ја вината на некој друг, туку исправете се и соочете се со проблемот и преземете ја вината. Доколку не сте успеале да добиете унапредување, тоа не е поради колегата кој игра нефер или поради шефот кој не ве сака, едноставно наредниот пат ќе се потрудите подобро. Кога ќе научите да сносувате полна одговорност за вашите постапки ќе престанете да чувате горчина во себе поради постапките на останатите и вистински ќе се потрудите наредниот пат да одиграте подобро. Но ако секогаш ја префрлате вината на друг, никогаш нема да научите како да се натпреварувате со самите себе, станувајќи подобра верзија од себеси.

8. Одберете да се смеете и на малите нешта

„Ден минат без смеа е изгубен ден.“ – Чарли Чаплин

14 одлуки на среќните луѓе

9. Одберете да се ослободите од негативните емоции

Ослободете се од стравот, од анксиозноста, од постојаната желба да ги промените луѓето околу вас, ослободете се од грижите и од тешките спомени. Оставете животот да ве одведе по вашиот пат а во меѓувреме живејте, учете, сакајте и напредувајте. Никогаш нема да имате апсолутна контрола над сè, па опуштете се и мислете на вашето здравје на кое најмногу му штетат негативните емоции.

10. Одберете да бидете благодарни

Има толку многу нешта за кои треба да бидете благодарни, не заборавајте да ги вреднувате. Кажете благодарам за новиот ден, за сонцето, за облеката која ја имате, за храната, за компјутерот што го користите, за можностите кои ги имате. Бидете им благодарни и на луѓето кои се околу вас, оние кои го формираат кругот на вашите најблиски, но најважно од сè, не заборавајте одвреме-навреме да наоѓате начини да им ја покажувате вашата благодарност. Убаво е да се знае дека си вреднуван од нечија страна.

Луѓето кои се среќни не значи дека имаат апсолутно сè што би можеле да посакаат, тие се среќни бидејќи знаат да го ценат она што го имаат и да им се радуваат на малите нешта. Бидејќи на крајот на краиштата, среќата не е цел која треба да се достигне, туку е пат по кој се оди. Некои луѓе одбираат еден пат, други одбираат друг. Бидете меѓу оние кои дури и кога облаците ќе го сокријат сонцето, одбираат да бидат благодарни и за облаците.

11. Верувајте

Да, довербата изгледа како скап подарок кој не се дава лесно, но од друга страна, доколку не ја давате никогаш само градите ѕидови околу вас. Ако сте биле повредени еднаш не значи дека ќе бидете повторно. Дајте им шанса на луѓето, кога некој ќе ја изневери вашата доверба сосема е очекувано никогаш да не ја добие назад, но во сите останати ситуации одберете д верувате.

12. Помагајте им на другите

Себичноста не ѝ е сестра на среќата. Колку повеќе давате толку повеќе добивате. Среќните луѓе се хумани и имаат желба да помогнат, тие имаат верба во човештвото и неретко се причината поради која и многумина други веруваат во човештвото исто така.

13. Одберете да си дадете време

Имате лош период во животот? Дајте си време и имајте трпение додека работите не тргнат на добро. Сте преживеале тешка повреда? Дајте си време да заздравите. Некогаш самите очекуваме премногу од себеси, но некогаш е во ред да си дадете време, да побарате одмор, да дозволите да ви се смират мислите.

14. Одберете да бидете среќни

Среќните луѓе немаат посебна ДНК, тие одбираат да бидат среќни. Тие се свесни дека не е сè розово, дека не е сè совршено, дека некогаш нема да успеат и дека некогаш ќе бидат разочарани. Но никогаш нема да ги видите дека креваат раце од животот. Ќе одберат да бидат активни, присутни, одговорни, и ќе одберат со секој атом сила што го поседуваат да го разубават светот околу нив и да ги развеселат и другите околу себе.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар