12 начини како да ѝ давате комплименти на вашата понежна половина
Комплиментите се моќно оружје, редовно употребувано од мажите за да „ќарат“ некоја девојка. Но, некои момци имаат проблем кога станува збор за давањето комплименти. Секако дека ја сакате и ви значи, веќе долго време сте заедно, но комплиментите не ви се јака страна. Може да се соочувате со потешкотии при давањето комплименти поради многу причини, но едно е сигурно – жените ги сакаат.
Еве како можете вербално и невербално да ѝ дадете комплименти на вашата понежна половина и да ѝ покажете колку ви значи. И не грижете се, жените знаат да декодираат скриени јазици. Преку комплиментите за нејзиното готвење или нејзиниот труд посветен на кариерата, сфаќа дека обрнувате внимание на малите нешта. И секако, не заборавајте дека и претерувањето не чини и дека во никој случај не смеете да ѝ давате комплименти кои не ги мислите искрено.
1. Нејзиното готвење
Таа се потрудила да зготви вечера за да ви покаже колку ѝ значите. Доколку не знаете како да ѝ кажете колку го цените овој нејзин гест, може да ѝ речете дека никогаш не сте пробале нешто повкусно, или да ја прашате каков зачин користела со цел да покажете заинтересираност и внимание. Прекрасно мириса е уште еден израз кој е добредојден, а доколку побарате повторно полнење на чинијата давате сигурен знак дека јадењето ви се допаднало.
2. Нејзината физичка активност
Доколку вашата девојка редовно вежба за да остане во форма, верувајте дека сака да покажете дека го забележувате тоа. Не плашете се одвреме-навреме да ја пофалите нејзината физичка активност или да ѝ кажете дека фармерките одлично го отцртуваат нејзиниот задник. Доколку зборовите не ви се јака страна може невербално да ѝ покажете дека обрнувате внимание на нејзиното тонирано тело. На пример, доколку таа се концентрира на затегнување на нозете, при вашата наредна интимна средба не заборавајте да им посветите посебно внимание.
3. Нејзините постигнувања
Навистина сум горд на тебе, ти вредиш милиони, ретко кој на твоја возраст може да го постигне она што го имаш постигнато ти, се само дел од изразите кои може да ѝ ги упатите на вашата девојка/жена која макотрпно работи. Доколку сакате да ѝ покажете дека ја вреднувате нејзината посветеност на кариерата, почесто прашувајте ја како поминала на работа или испратете ѝ цвеќе на нејзиното работно место.
4. Нејзините физички карактеристики
Стигнавме до тешкиот дел, но можеби и најважниот. Девојките сакаат да им бидат доделувани комплименти за нивните физички предности и квалитети дадени од Бога. Не мора да станувате многу поетични при изразувањето, долг и длабок поглед во нејзините очи или усни ќе ја заврши работата за вас. Но не изоставувајте ги и вербалните комплименти. Кажете ѝ дека обожавате да ги бакнувате нејзините усни, дека има многу нежна кожа чиј мирис го обожавате и дека би се изгубиле во нејзините очи.
5. Дофрлете изненадувачки комплименти
Најслатки се комплиментите доделени кога најмалку ги очекува. Кога очигледно не посветила многу време на својот надворешен изглед, не би очекувала комплименти, но токму тогаш вие ќе ја изненадите. Кажете ѝ дека е многу убава, дека ја има најубавата насмевка на целиот свет или дека таа маичка толку добро ѝ стои што би требало почесто да ја носи.
6. Подарете ѝ мал подарок
Ружа, чоколада или љубовна картичка… овие мали знаци на внимание зборуваат наместо вас.
7. Комплименти за нејзината интелигенција
Жените сакаат да ги вреднувате нивните карактерни особини настрана од нивниот изглед. Сакаат да знаат дека ги сакате поради тоа што се, а не поради тоа како изгледаат. Да ја пофалите нејзината интелигенција и информираност е полн погодок. Кажете ѝ дека нејзиниот интерес во книгите е неверојатен и дека вие не би прочитале ни една книга толку брзо, индиректно дајте ѝ до знаење дека учите многу работи од неа. Добредојдени се изрази од типот тоа е „толку интересно, од каде го научи?“ или „нашите деца ќе бидат многу паметни, благодарение на тебе“.
8. Нежности во јавност
Не, никој не сака лигавење во јавност, но доколку ја погалите и гушнете пред други тоа за неа е голем комплимент. Однесувајте се како да сакате да се фалите со неа и таа многу брзо ќе го забележи тоа. Кога се поздравувате со некој, не заборавајте да му ја претставите и вашата девојка доколку не се знаат, а вашата рака оставете ја околу нејзината половина.
9. Нејзината смисла за хумор
Смејте се на нејзините шеги и повторете ги по некое време како знак дека добро се сеќавате на нив бидејќи навистина ве насмеале.
10. Секогаш внимавајте на промените
Ново парче облека, нова боја на коса, нова фризура и сл. Не смеете да ги пропуштите промените. Подзината уста, насмевка и бакнеж, прекрасно ти стои, е тоа што вашата девојка го сака од вас.
11. Одбегнувајте споредби
Сакате да ѝ дадете комплимент и тоа е прекрасно, но може лесно да ја упропастите работата. Не споредувајте ја нејзината нова фризура со нејзината стара бидејќи лесно ќе го извлече впечатокот дека старата фризура не ви се допаѓала. Во никој случај не споредувајте ја со друга девојка или со девојките од весниците, тоа не може да излезе на арно.
12. Учете од познатите музички стихови
Доколку имате потешкотии во изразувањето и давањето комплименти, оставете некој музички текст да ја заврши работата место вас. Најдете песна која точно опишува што чувствувате за неа и пуштете ја кога сте заедно.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.