11 нешта кои несвесно ги правите само затоа што сте дете единец
Да се биде дете единец и не е толку лошо, особено поради вниманието на родителите кое не го делите со браќа или сестри, но и висината на џепарлакот, кој исто така е само за вас. Сепак, кога ќе дојдете во допир со светот надвор од вашето семејство, може да се најдете во ситуација поради која ризикувате да бидете етикетирани како разгалено детиште кое го бара вниманието на сите. Но, тоа не е точно и вината не е кај вас, бидејќи следниве нешта ги правите сосема несвесно:
1. Поминувате многу време сами и изолирани
Ова не се случува затоа што мразите луѓе, туку напротив, дури и да сте најенергичната и најкомуникативната личност, навикнати сте да имате време и простор само за себе. Тоа може да им биде чудно на вашите пријатели кои имаат браќа и сестри и цело време го делат просторот со нив. Причина за тоа е што додека сте растеле, вашата соба била само ваша и времето поминато во неа сте го посветиле само за себе и истата навика тешко исчезнува кога сте возрасни.
2. Ги третирате пријателите како да ви се браќа и сестри
Сите имаме пријатели со кои сме блиски и за кои сме спремни на се, но доколку сте дете единец, голема е веројатноста оваа блискост да ја сфаќате премногу буквално. Ваквото поврзување може да биде доста успешно ако и најдобриот пријател е дете единец, додека пак ако има браќа или сестри, може сосема погрешно да процени дека сте посесивни и дека сакате целосно да располагате со неговото време. Вина нема ни кај едниот, ни кај другиот, тој или таа едноставно веќе има некого кого го сакаат најмногу на светот и сосема е нормално братот или сестрата да им биде пред најдобриот пријател.
3. Не се плашите да се впуштате сами во нови искуства
Додека едни размислуваат и го проценуваат ризикот, вие веќе сте решени да се впуштите во новата авантура. Тоа доаѓа од моментот што во текот на растот и развојот вие сте се имале самите себе, а тие ги имале своите браќа и сестри. Затоа, многу е веројатно дека вие ќе бидете иницијаторот за нови искуства, доколку имате пријатели кои не се единци.
4. Избегнувате конфликти секогаш кога е можно
Ова не значи дека не знаете да се одбраните, туку едноставно не сте имале многу ситуации кога треба да се изборите за нешто со своите брат или сестра. За разлика од многучлените семејства, во семејствата со едно дете во домот има многу повеќе простор за секој член, а тоа значи и полесно заобиколување на конфликтите (ако воопшто дојде до нив).
5. Го цените подарувањето премногу сериозно
Целиот ваш живот, родителите имале само една личност на која ѝ купувале подароци – самите вие! Поради тоа што сте единствено дете, можно е вашите подароци да биле повредни од оние на врсниците од поголеми семејства. Истото влијае и на вашите навики за подарување и сметате дека е многу важно да изберете скап подарок за вашиот пријател или партнер. Затоа, кога следниот пат ќе имате намера да потрошите многу време и пари за избор на совршениот подарок, сетете се дека подарувањето е гест на внимание со кој покажувате дека личноста ви значи, а чувството дека некому му значиме е многу повредно од која било сума пари.
6. Често зборувате со себе
Оваа појава е поврзана со поминувањето време сами. Колку и да разговарате со родителите и пријателите, сепак во текот на денот имате доста време за себе, во кое комуницирате со вашето внатрешно јас. Ова и не е толку чудна појава ако знаете дека и на вашите пријатели од повеќечлени семејства често им доаѓа нагон да си прозборат со самите себе, но премолчуваат затоа што во секое време ќе се најде некој што ќе им каже „Молам?“
7. Константно се обидувате да ги срушите стереотипите
Да се биде дете единец значи и да се биде жртва на стереотипи од типот на разгалени, болни за внимание и социјално неразвиени. Најважно е да не се обидувате да ги убедите сите дека тоа не е точно. Наместо тоа, поминувајте повеќе време со пријателите кои и покрај тоа што имаат браќа и/или сестри, ве ценат поради тоа каква личност сте, а не по тоа од какво семејство потекнувате.
8. Се приврзувате кон пријателите кои се постари од вас
Иако тоа не го правите намерно, доколку размислите ќе сфатите дека имате голем број пријатели кои се постари од вас макар неколку месеци. Оваа појава е последица на тоа што во детството сте биле опкружени со постари личности од вас – родителите и бабите и дедовците. Затоа, инстинктивно се поврзувате со оние кои се постари од вас и воопшто не треба да ви биде чудно ако сте најмладиот член на вашето друштво.
9. Чувствувате преголема вина доколку ги разочарате родителите
Вашите родители можат да бидат разочарани само од вас. Кај семејствата со повеќе деца, колку и да разочара едното дете, секогаш постои шанса другото да донесе и неколкупати поголемо разочарување. Поради тоа, се случува пријателите да не можат да разберат зошто толку долго нешто избирате или се предомислувате, но веќе сте навикнати сите идеи и постапки да ви се однапред размислени, за разочарувањето да биде што помало.
10. Се поставувате премногу заштитнички кон предметите во ваша сопственост
Ова не значи дека не сте способни да делите, но сепак попријатно се чувствувате ако баш и не мора некому да позајмите нешто или да дозволите некој друг да употреби ваш предмет. Едноставно, не сте научени и не сте навикнати да делите нешта кои се лично ваши и тоа е сосема разбирливо.
11. Активно уверување на другите дека имате убав живот
Дрските луѓе често ќе се обидат да ви докажат дека вашиот живот бил полош од нивниот само затоа што сте немале брат или сестра во текот на растењето. Можеби и додека сте биле деца сте копнееле вашите родители да имаат барем уште едно дете, но она што сте денес е благодарение на посветеноста на вашите родители и на снаодливоста успешно сами да се борите против проблемите во животот.
Прочитајте ги и овие инспиративни цитати коишто ќе ве потсетат дека семејството е најважно.