11 навики кои им штетат на вашите очи
Автор: Зорица Тодорова
Во овој динамичен свет кој нѐ опкружува едноставно не постои можност да не ги оптоваруваме очите: компјутери на работа, кога сме излезени телефоните ни се постојано во рака, носење леќи, а понекогаш дури забораваме и да си ја исчистите маскарата! Време е да ги промените овие штетни навики.
1. Постојано зјапате во телефон
Можеби една од причините поради која сѐ почесто ве болат очите е постојаното напрегање да ги прочитате ситните букви од екранот на телефонот, особено ако ова го правите со часови. Ова може да доведе до замаглен вид, суви очи и вртоглавица.
За да ги одморите очите оставете го телефонот на секои 20 минути, или уште подобро, зголемете го фонтот на самиот телефон за да не мора да се напрегате да го прочитате тој ситен Фејсбук статус.
2. Гледате телевизија навечер
Всушност, гледање во каков било екран пред спиење со изгасено светло – телефон, телевизор, лаптоп е лошо за вас. Светлината на екранот брзо се менува и затоа вашите очи напорно се трудат да ги процесираат сите тие промени што може да доведе до главоболка и црвенило на очите. Уште полошо, може да ви го наруши и распоредот на спиење.
Од друга страна, не се препорачува ниту читање со пригушено светло. Ако веќе сакате да ја дочитате последната глава од книгата, вклучете ја ноќната ламба и завршете побрзо.
3. Спиете со контактни леќи
Нормално, доцна е и изморени сте. Но тоа не е оправдување за да не ги извадите леќите пред спиење. Не само што се зголемува ризикот од инфекција, туку може да си направите трајни оштетувања. Затоа навечер вадете ги леќите од очите и осигурете се рацете да ви бидат чисти.
4. Ги триете очите
Едноставно немојте. Премногу силното триење на очите може да ги оштети крвните садови под капаците. Наместо тоа, смирете ги иритираните очи со ладен притисок врз нив.
5. Често употребувате капки за очи
Иако моментално им помагаат на очите, на долг рок капките може само уште повеќе да ги иритираат. Ако користите капки за очи на рецепт, тогаш внимателно следете ги упатствата од вашиот лекар, а ако ви предизвикаат некаква иритација веднаш престанете.
6. Не се храните правилно
Да, начинот на исхрана е многу важен. Одредено овошје и зеленчук е многу потребно за здравјето на вашите очи, особено она со витамините Ц и Е, цинк и омега-3 масни киселини. Консумирајте цитрусно овошје, растителни масла, јаткасти плодови, цели зрна, лиснат зеленчук и риба колку што можете повеќе.
7. Не користите заштитни очила
Речиси 45% од очните повреди се случуваат во домот. Најчестите ризици се изложеноста на хемикалиите од производите за чистење, прскање на врело масло за време на готвењето, работа во домот која вклучува употреба на шајки или косење на трева, како и употреба на жешки апарати за коса во близина на очите. Затоа е добра идеја да користите заштитни очила кога работите нешто дома, колку смешно и да изгледате со нив.
8. Погрешна шминка
Сѐ што ставате во близина на очите е потенцијален ризик. Тоа вклучува маскара, туш за очи, сенка за очи и крема за очи. Затоа кога ставате шминка, гледајте да не ја допира линијата на трепките каде се наоѓаат масните жлезди. Нивното зачепување доведува до инфекции. Исто така, шминката која ја користите за очи фрлете ја на секои 3 месеци. Бактериите обожаваат да се размножуваат во темни, влажни места, а вашата маскара може да биде токму изворот на бројни инфекции.
9. Не спиете доволно
Недостигот на сон може да доведе до голем број проблеми, меѓу кои и покачена тежина, депресија и опаднат имунитет. Дополнително, тоа им штети и на вашите очи (треперење, суви очи, замаглен вид, болка). Најдобро е да спиете минимум 7 часа навечер и запаметете, оставете го телефонот пред спиење.
10. Не ги носите вашите очила (и оние за сонце)
Постојаното мижуркање им создава напор и болка на вашите очи. За среќа, постои едноставно решение: носете ги очилата! А кога сте надвор, извадете ги очилата за сонце од чантата и заштитете се од штетните УВ зраци.
11. Не го посетувате очниот лекар
Лекарот не само што може да открие сериозни проблеми (како глауком) кои немаат симптоми, туку исто така може да види знаци и на други болести (како дијабетес и висок крвен притисок) со самото тоа што ќе ги погледне вашите очи.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.