10 знаци на депресија кај вашето дете кои не треба да ги игнорирате
Депресијата е болест што ги обзема телото, мислите и расположението и влијае врз навиките за јадење и спиење, односот кон себеси и начинот на којшто ги доживуваме нештата наоколу. За жал, оваа болест може да се јави и кај децата.
Детската депресија не е исто што и вообичаеното нерасположение и другите секојдневни емоции што се јавуваат кај децата додека растат. Индикаторите за појава на депресија кај децата може да се воочат во секојдневните интереси, друштвените активности, дома и на училиште. Таа е лечлива, но сериозна состојба. Притоа, постои разлика меѓу депресија и дистимија кај децата. Доколку се работи за депресија, таа трае околу две недели и може да се јави неколку пати во животот на детето. Тоа може да минува низ депресија доколку, на пример, доживеало вознемирувачка трагедија, како губење роднина или пријател. Дистимијата не е толку тешка, но е пролонгиран вид депресија што може да трае околу две години.
Ова се 10 знаци на депресија кај децата на коишто мора да внимавате:
1. Тага и млитавост
Детето може да страда од безнадежност и тага. Можно е лесно и брзо да се расплакува, а некои деца ги чуваат солзите во себе и делуваат резервирани и тивки. Тие најчесто реагираат, се движат и зборуваат побавно. Може да бидат и помалку активни и игриви.
2. Недостиг од внимание и незадоволство
Детето коешто отсекогаш спортувало, на пример, може одеднаш да ги прекрати тие активности. Наеднаш веќе не сака да се занимава со нив и ги нарекува здодевни.
3. Вознемиреност и тензичност
Детето не може да седи мирно или покажува знаци на тензичност, анксиозност или паника. Изворот на анксиозност може да ви помогне да ја лоцирате причината за депресијата.
4. Збунетост и нерасположение
Детето може да стане неспокојно и со кратко трпение. Како последица на стресот, може нагло да избувнува во лутина или да се онерасположува. Може да стане цинично, зборувајќи негативно за себе, околината и за животот.
5. Вина, себеповредување и чувство на небитност
Детето може да се опседне со своите разочарувања и грешки, да се чувствува виновно или небитно и некорисно. Постои и ризик физички да си наштети себеси, на пример свесно повредувајќи се.
6. Ранливост и очај
Детето може да чувствува дека ништо не може да се преземе за состојбата во којашто се наоѓа. Конкретно, децата со дистимија често изјавуваат дека таа состојба е всушност нивниот „нормален живот“, затоа што не знаат за поинаков.
7. Чувство на изолираност
Детето може да стане пречувствително на каква било навреда или несогласување со другарите.
8. Промена во телесната тежина или начинот на исхрана
Апетитот може да се зголеми или намали кај повеќето депресивни луѓе. Оние што обично имаат голема желба за храна, одеднаш може да ја изгубат. Кај младите може да се случи истото, или пак обратно, да почнат да јадат многу повеќе отколку што јаделе за да ја надополнат емоционалната празнина.
9. Нередовен сон
Депресивните деца може да имаат проблем со заспивањето. Исто така, може да се успиваат наутро или пак да се будат премногу рано. Додека се на училиште може да имаат проблем да останат будни.
10. Повлеченост и избегнување
Детето може да избегнува секојдневни обврски или задачи кои во минатото не му биле никаков проблем. Може да се повлече и да не разговара со роднините и другарите. Најчесто се повлекува во својата соба за да има приватност.
Ако овие знаци траат кратко, тогаш можно е да се работи за нерасположение. Меѓутоа ако траат повеќе од 2 недели, детето може да страда од депресија.
Не ги игнорирајте знаците кај вашето дете и не чекајте да помине време за да ги снема. Советувањето и соодветните третмани се суштински за да се надминат овие состојби.
Прочитајте ги и овие 5 причини зошто не треба да им викате на децата.