10 знаци дека сте со погрешна личност
Сигурно ви се случило да погледнете назад во минатото и да си речете каде ми бил умот? Но, во сегашноста може лесно да бидете заслепени и да останете со личност која реално би требало да се најде на листата на вашите бивши. Доколку се сомневате дека тој/таа можеби е погрешната личност за вас, внимавајте на следниве знаци.
1. Чувствувате дека не можете да бидете свои
Доколку чувствувате потреба да се преправате и да носите маска, можеби време е да ја прекинете вашата врска и да најдете личност која ќе ве сака онакви какви што навистина сте. Вистинската љубов нема да бара од вас да глумите ниту да се однесувате вештачки. Партнерот не треба да се труди да ве „поправи“ за да му бидете по мерка, едноставно треба да ве сака. Во здрава љубовна врска треба да се чувствувате слободни во своја кожа.
2. Вашиот партнер се однесува како светот да се врти околу него/неа
Љубовта не значи само земање туку и давање. Ако вашиот партнер многу често драматизира и бара внимание, можеби треба да го преиспитате сопствениот избор. Доколку се однесува како светот да се врти околу него, а вие сте тука само за да ги исполнувате неговите/нејзините потреби, тоа е себичност, а не љубов. Тогаш кога ќе почнете да чувствувате обврска постојано да му/ѝ угодувате а тоа ви создава немир, можеби е време за крај.
3. Ни вашето семејство, а ни пријателите не го/ја запознале
Ако веќе подолго време се гледате, а вашето семејство ниту пак вашите пријатели не го/ја знаат, тоа не може да биде знак за нешто добро. Или вие се срамите од вашиот партнер, или тој/таа не цели кон ништо сериозно па го одбегнува запознавањето со вашите најблиски. Вие не сте сами, имате семејство и пријатели кои на некој начин се дел од вас. Вашиот партнер треба да ги запознае и да се вклопи во таа група на ваши најблиски.
4. Не ви обрнува внимание кога зборувате
Кога последен пат ве прашал/ла како се чувствувате или како поминавте на работа или што ве мачи? Колку често ви се чини дека додека му/ѝ зборувате тој/таа лута со умот на други места? Лесно се забележува кога вашиот соговорник не е заинтересиран за она што му го зборувате. Може да се случи вашиот партнер да е деконцентриран поради грижи, но ако ова се случува многу често, можеби станува збор за личност која едноставно не е за вас. Љубовната врска се темели на разговори и сослушување, и токму тоа го заслужувате од вашиот партнер.
5. Минувањето време со него/неа ве исцрпува
Да, некогаш може да има по некој лош момент, но ако постојано се чувствувате потиснати, нерасположени, со потреба да се браните себеси и своите ставови, очигледно излегувате со личност која не е за вас.
6. Одбегнувате сериозни и тешки разговори
На првиот состанок сигурно нема да почнете разговор за вашата заедничка иднина, но по одреден период големите разговори се клучни и неизбежни. Не можете вечно да ги одбегнувате големите прашања. Со вашиот партнер би требало да се чувствувате слободни да зборувате за што било.
7. Нивниот свет се врти само околу вас
Да не се разбереме погрешно, да, вашиот партнер треба да ве обожава и да ви посветува време, но по преминувањето на одредена граница тоа веќе не е љубов туку е опсесивност.
8. Го бара вашето внимание 24/7
Кога ќе имате дете тоа ќе плаче кога ќе го оставите само и ќе го бара вашето внимание постојано. Но вашиот партнер е возрасна личност.
9. Никогаш не чувствувате дека сте доволно добри за него/неа
Што и да направите чувствувате дека тоа не е доволно. Ако постојано ве притиска чувството дека не сте доволно добри за вашиот партнер, тогаш реално имате голем проблем. Никој не е совршен ниту незаменлив, така што престанете да се ставате себеси под таков товар. Ако вашиот партнер постојано има потреба да нагласува, директно или не, дека е „скапоцен камен“ кој треба да го чувате како нешто најсвето и да се трудите да бидете доволно добри за него/неа, оставете да се докажува пред некој друг.
10. Не можете да ја замислите вашата заедничка иднина
Не значи дека треба да се чувствувате подготвени да стапите во брак веднаш, но ако воопшто не можете да ја замислите вашата иднина со него/неа, тогаш кон што целите?
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.