10 знаци дека можеби вашето тело не поднесува глутен
Сè повеќе и повеќе болести се поврзуваат со претераното конзумирање на глутен, кој е протеин што се наоѓа во пченицата, ‘ржта и јачменот. Бидејќи се смета за „модерна“ болест, која сè уште е многу тешко да се дијагностицира, голем број од луѓето кои имаат нетолерантност на глутенот или целијакија немаат соодветна дијагноза и постојано имаат проблеми со здравјето.
Доколку вашето тело не поднесува глутен, тогаш тој ја оштетува слузницата на ѕидовите од тенкото црево, што доведува до недоволна апсорпција на хранливите материи од храната, а со тоа и до состојба на потхранетост. Штом глутенот се исфрли од исхраната, ѕидовите на цревата повторно се обновуваат. Но, лицата со овој проблем целиот свој живот мора да внимаваат на исхраната со цел да се спречи повторно појавување на оштетувањето. Доколку имате некои од наредниве 10 симптоми, тогаш има шанси дека не поднесувате глутен:
1. Дигестивни проблеми, како на пример, гасови, надуеност, дијареја или тврда столица. Тврдата столица особено се јавува кај деца веднаш по внесувањето на глутен.
2. „Keratosis Pilaris“ или подобро познато како „пилешка кожа“ на задниот дел од вашите раце. Ова настанува како резултат на недостаток од маснотии и витаминот А што пак е резултат на лошата обработка на нутритиентите во вашите црева кои биле оштетени од глутенот.
3. Замор, замаглено размислување или чувство на умор по јадење храна која содржи глутен.
4. Дијагноза на автоимуна болест како проблеми со тироидната жлезда, ревматоиден артритис, улцерозен колитис, системски лупус еритематозус, псоријаза, склеродерма или мултиплекс склероза.
5. Невролошки симптоми, како на пример, вртоглавица или чувство дека немате рамнотежа.
6. Хормонален дисбаланс, како на пример, ПМС, полицистични јајници или необјаснива неплодност.
7. Мигрени.
8. Дијагноза на хроничен замор или фибромијалгија. Овие дијагнози укажуваат на фактот дека вашиот доктор не можел точно да ја определи причината на вашиот замор или болка.
9. Воспаление, отекување или болка во зглобовите кај прстите, колената или колковите.
10. Психолошки нарушувања, како на пример, анксиозност, депресија, промена на расположението или проблеми во одржување на вниманието и хиперактивност.
Како да се тестирате?
Најдобриот начин да одредите дали имате проблеми со глутенот е доколку целосно го исфрлите од вашата исхрана на околу 3 до 4 недели и потоа повторно го вратите. Имајте на ум дека глутенот долго време се задржува во телото и дека понекогаш потребни му се дури и месеци за целосно да излезе од вашиот систем. Токму затоа колку подолго чекате, толку подобри резултати ќе добиете.
Доколку се чувствувате многу подобро без него и доколку почувствувате необјасниво нагло влошување откако повторно ќе почнете да го внесувате, тогаш големи се шансите дека тој е причината за вашата здравствена состојба. Секако, за да добиете точни резултати од овој метод на тестирање, мора да елиминирате 100% од глутенот во вашата исхрана. Доколку решите да го сторите тоа, добро информирајте се за продуктите кои ги купувате бидејќи на голем дел од оние кои содржат глутен, тој не е наведен на декларацијата.
Како да ја третирате оваа состојба?
Целосното елиминирање на глутенот значи 100%. Дури и најмали траги од крос-контаминација може да доведе до имуни реакции во вашето тело. Токму затоа мора да се осигурате дека во вашата кујна воопшто не се подготвува храна со глутен. Еве на пример, доколку денес некој од вашето семејство прави пица во рерната, а потоа вие подготвувате безглутенски оброк во истата рерна, големи се шансите дека вашиот оброк ќе биде контаминиран од остатоците од пицата. Оваа болест знае да биде многу сериозна и доколку не ја третирате навреме и правилно, може да доведе до голем број други здравствени последици.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.