10 животни вистини кои многу лесно ги забораваме
Многу е лесно да се заборават важните нешта во животот. Распоредите полни со обврски и секојдневните навики понекогаш знаат да нѐ претворат во роботи. Треба да си ги повторуваме животните вистини кои ја сочинуваат суштината на нашето постоење. Секогаш имајте ја при рака следнава листа на 10 вистини кои можат да се применат во секој сегмент од животот…
1. Ако сте зафатени не значи дека сте продуктивни
Погледнете околу себе. Сите изгледаат зафатено, трчаат од состанок на состанок, читаат и одговараат на имејлови… Но, колку од нив се вистински продуктивни? Успехот не доаѓа од движењето и активноста, туку доаѓа од фокусот и од ефикасно искористеното време. Во денот имате исто толку часови колку и секој друг човек на планетава. Мудро искористете ги вашите. Вложувајте труд само во работи кои гарантираат резултати.
2. Големиот успех обично се случува по големиот неуспех
Никогаш нема да доживеете вистински успех доколку не научите да го прифаќате неуспехот како неминовен дел од животот. Вашите грешки го поплочуваат патот до успехот со тоа што ви откриваат кога сте скршнале од вистинската насока. Најголемите откровенија најчесто се случуваат кога се чувствувате најмногу фрустрирано и заглавено. Токму таа фрустрација ве поттикнува да размислувате поразлично, да ги проширите вашите видици и да го најдете решението што ви недостасува. Успехот се постигнува благодарение на трпението и способноста да се задржи позитивниот став во сите животни потешкотии.
3. Стравот е најголемиот извор на каење
Секогаш повеќе ќе се каете поради шансите што сте ги пропуштиле, отколку за грешките што сте ги направиле. Не плашете се да преземете ризик. Многу често луѓето велат: „Што е најлошото што може да ти се случи? Ќе те убие?“. Сепак, смртта не е најлошото нешто што може да ви се случи. Многу полошо е да умирате однатре додека сте сѐ уште живи.
4. Позитивното мислење за себеси мора да ви доаѓа однатре
Кога чувството на задоволство го добивате од споредбите што ги правите со другите, вие не сте повеќе господар на сопствената судбината. Ако се чувствувате убаво поради нешто што сте направиле, не дозволувајте нечие мислење или достигнување да ви го одземе тоа чувство. Нормално дека не можете да останете имуни на туѓото мислење за вас, но не морате да се споредувате себеси со другите и никогаш не ги земајте критиките здраво за готово. На тој начин, без оглед на тоа што ќе помислат или кажат луѓето за вас, вие секогаш ќе верувате во себе. Едно нешто е сигурно: Никогаш не сте толку добри или лоши колку што другите велат дека сте.
5. Со кого сте, такви сте
Секогаш гледајте да бидете опкружени со луѓе кои ве инспирираат и мотивираат да станете подобри. Но, што е со луѓето кои ве кочат на патот до успехот? Зошто би им дозволиле да бидат дел од вашиот живот? Луѓето кои прават да се чувствувате безвредно, нервозно или фрустрирано, го трошат вашето време и ве претвораат во она што се тие. Животот е премногу краток за да се дружите со такви луѓе. Ослободете се од токсичните врски.
6. Животот е краток
Никој од нас не знае дали ќе го дочека утрото. Сепак, кога се соочуваме со неочекуван смртен случај почнуваме да размислуваме што е она што навистина вреди, како треба да го поминуваме времето и како се однесуваме со другите луѓе. Загубата е брутален потсетник на минливоста на животот. Но, не би требало да биде така. Секое утро потсетувајте се дека секој нов ден е подарок и дека вие имате обврска да го искористите максимално. Убавите денови почнуваат со позитивен начин на размислување.
7. Не чекајте да добиете извинување за да простите
Животот ќе ви биде многу поубав кога ќе се ослободите од лутината и ќе им простите на оние кои никогаш не ви се извиниле. Гневот им дозволува на негативните настани од минатото да ја уништат вашата моментална среќа. Омразата и лутината се емоционални паразити кои ја нагризуваат животната радост. Негативните емоции кои се јавуваат како последица од насобраниот гнев создаваат дополнителен стрес кој може да доведе до сериозни здравствени проблеми. Кога ќе му простите некому тоа не значи дека се помирувате со неговите постапки, туку дека се ослободувате од оковите кои тој ви ги ставил.
8. Самите го креирате сопствениот живот
Вие не сте жртви на околностите. Никој не може да ве принуди да донесувате одлуки и да постапувате спротивно на вашите вредности и амбиции. Самите сте ги создале околностите во кои живеете денес. Иднината зависи само од вас. Доколку се чувствувате заглавено, тоа е така затоа што се плашите да ги преземете потребните ризици за да ги постигнете вашите цели и да ги претворите соништата во реалност. Запаметете дека секогаш е подобро да бидете на дното од скалата што сакате да ја искачите, отколку на врвот на онаа што не сакате да ја искачите.
9. Живејте во моментот
Нема да можете да постигнете личен развој доколку не живеете во сегашноста. Не постои количина на грижа на совест што може да го промени минатото, ниту количина на анксиозност што може да ја промени иднината. Невозможно е да бидете среќни доколку постојано талкате со мислите, неспособни да бидете присутни во реалноста на сегашниот момент. За да почнете да живеете во моментот, мора прво да го прифатите минатото. Доколку не се помирите со минатото, тоа никогаш нема да ве напушти и ќе ја создаде вашата иднина. Потоа, треба да ја прифатите неизвесноста на иднината. Не постои простор за загриженост сега и тука. Познатиот Марк Твен еднаш рекол:
„Грижењето е како да плаќате долг што не го должите.“
10. Промената е неизбежна – прифатете ја!
Само кога ќе ја прифатите промената, ќе можете да ја согледате нејзината позитивна страна. Треба да имате отворен ум за да ги препознаете можностите што ги нуди таа. Осудени сте на пропаст доколку продолжите да ги правите истите работи со надеж дека ако ги игнорирате промените, тие магично ќе исчезнат. Според дефиниција, лудоста е состојба во која постојано ги повторувате истите работи, а очекувате различен резултат. Животот не застанува за никого. Кога работите ви одат добро, научете да ги цените и уживајте во нив, бидејќи неизбежно е дека еден ден тоа ќе се смени. Доколку постојано трагате по нешто повеќе, нешто подобро со мисла дека тоа ќе ве направи посреќни, никогаш нема да можете да уживате во важните моменти.