10 забавни фази што мора да ги поминете со вашиот партнер пред да дознаете дали сте еден за друг
Едно е да се гледате со некого, друго е да имате сериозна врска, но сосема трето е да го сметате вашиот партнер за „вистинскиот“. Пронаоѓањето на „вистинскиот“ не се случува како во бајките. Потребно е да поминете низ многу мали и едноставни моменти што ќе ви откријат дали сте еден за друг. Ова се 10-те забавни фази што мора да ги поминете со вашиот партнер пред да донесете заклучок дека сте го пронашле „вистинскиот“…
1. Сте преживеале долго патување без да посакате да се убиете
Најдобрите делови од патувањата се музиката и храната. Но, по некое време, дури и тие работи стануваат досадни. На сите ни се познати патувањата што започнале прекрасно и забавно, а завршиле со караници, лошо расположение и клаустрофобија. Меѓутоа, кога сте вие двајца во прашање, дури и најдолгото патување на светот, придружено со расипување на автомобилот и гужви во сообраќајот, може да се претвори во одлично искуство. Постојано се забавувате и смеете и никогаш не ви снемуваат теми за разговор, но не ви пречат ниту моментите исполнети со тишина. Ова е идеалната комбинација!
2. Сте си праќале слатки пораки
Понекогаш сте си праќале пораки за роденден, некогаш за Денот на вљубените. Но, понекогаш сте го правеле тоа без никаков повод, само за да се насмеете. Најдобриот дел е тоа што поголемиот дел од пораките немаат никаква смисла за другите луѓе, туку си ги разбирате само вие самите. Секако дека не ги изоставувате класичните „Те сакам“ и „Ми недостигаш“, но има и пораки полни со смешни и бизарни интерни шеги, кои ви предизвикуваат хистерична смеа, дури и во 6.30 часот наутро. Најубавото е тоа што си оставате будалести пораки што имаат смисла само во вашиот заеднички свет.
3. Сте се виделе во најлошо можно издание, но сепак сте си биле привлечни еден на друг
Можете да бидете такви какви што сте кога сте заедно. Сѐ уште сакате да се дотерувате и да изгледате убаво за вашиот партнер, но исто толку пријатно ви е и кога не сте истуширани, кога немате шминка и кога ги носите вашите извалкани, удобни пижами. Сте се виделе како изгледате додека спиете, кога сте се лигавеле во сон и кога сте го преживувале најлошиот мамурлак. Тоа што комплетно сте се соголиле еден пред друг само ја зајакнало вашата љубов.
4. Сте се забавувале дури и кога сте ги извршувале најздодевните обврски
Порано сте мразеле да пазарите, да пеглате, да го чистите тоалетот и да одите по банки. Но, кога ги правите сите овие работи со вашиот партнер, тие не се здодевни, туку забавни. Тоа не значи дека обожавате да ги извршувате секојдневните обврски туку дека обожавате да поминувате време со вашиот сакан. Без разлика колку здодевна задача треба да завршите, доколку вашиот партнер е покрај вас, ќе го поминете целото време во смеење и шегување.
5. Сте поминале цел викенд на каучот јадејќи нездрава храна и гледајќи ги омилените ТВ серии
Вашиот партнер сака кога излегувате на вечера во луксузни ресторани, но исто толку ужива и кога си одморате дома по тренерки, јадете пица и гледате филмови. Ако сте поминале цел викенд во гледање ТВ серии и во јадење сѐ што може да се нарача, тоа е сигурен знак дека остатокот од вашиот живот ќе биде исполнет со овие слатки, удобни и едноставни моменти.
6. Сте ја преминале границата кога станува збор за телесните функции
Се чувствувате пријатно еден покрај друг и без проблем разговарате за вашите телесни функции. Нема потреба да зборуваме повеќе на оваа тема.
7. Сте си помогнале околу преселувањето
Нема поголем доказ за љубовта од носењето кутии и торби полни со облека, книги и кршливи предмети за време на викендот. Преселбите се стресни, напорни и навидум бесконечни. Па, ако сте си помогнале околу преселувањето без да се чувствувате обврзани да ја вратите услугата, можете да бидете сигурни дека тоа е вистинската личност за вас.
8. Не внимавате како јадете еден пред друг
Дали на почетокот од врската сте јаделе пица со нож и виљушка? Тие времиња се одамна поминати. Дали на почетокот сте јаделе хамбургер полека и внимателно, постојано користејќи салвета за да се избришете? И тоа е завршена приказна. Не може да зборуваме за вистинска љубов, ако не сте покажале како изгледате кога сте најгладни. Воопшто не се трудите да изгледате секси или културно додека јадете. Најважно ви е да бидете свои, без разлика колку сос имате на лицето.
9. Сте си развиле свој јазик
Толку сте опуштени и природни кога сте заедно што ненамерно сте си создале ваш посебен речник. Тој се состои од измислени зборови, нелогични зборови и именки претворени во глаголи кои немаат никаква смисла. Без разлика за што станува збор, вие имате ваш посебен речник и понекогаш не сте ни свесни дека го користите, сѐ додека не излезете со пријателите на вечера и тие одеднаш ви кажат „За што зборувате вие двајца?“.
10. Обожавате кога се исмејувате меѓусебно
Толку сте среќни кога сте заедно што уживате кога се исмејувате и имитирате меѓусебно. Тоа го сфаќате како еден вид комплимент! Се познавате толку добро што ги забележувате и најмалите чудни работи што ги правите и постојано се фасцинирате еден од друг. Вашето исмејување никогаш нема лоша намера, тоа е секогаш исполнето со смеа, радост и чиста љубов.
Доколку сакате да бидете сигурни дека сте ја пронашле вашата сродна душа, ова се 10-те знаци дека тој е вистинскиот за вас.