10 важни работи кои треба да ги знаете во вашите 20-ти
Сите си имаме некоја слика во глава за тоа како нашиот живот би требало да изгледа додека да наполниме 30 години. Некои од нас се замислуваат како успешни претприемачи кои успеале да изградат нешто свое и да заработат многу пари. Некои се замислуваат како грижливи родители кои оформиле свое семејство и уживаат во благодатите на фамилијарниот живот. Некои, пак, како неуморни сонувачи кои успеале да го пропатуваат светот. Можностите се бесконечни. Но, како што полека се приближуваме до триесетката, забележуваме дека реалноста е поинаква од она што сме го замислувале. Можеби нема да ги остварите сите ваши зацртани цели, но затоа има многу поважни работи кои никако не смеете да пропуштите да ги направите додека сте сè уште во 20-титe.
1. Патувајте
Сè уште немате толку многу обврски, па затоа искористете ги овие години за да патувате. Како ќе се пронајдете себеси ако не дознаете што навистина ви нуди светот? Не одете само на познати туристички дестинации. Истражете нешто ново, нешто несекојдневно. Патувајте за да учите и да се запознаете себеси. Патувајте на места кои ќе ви бидат предизвик и ќе ве поттикнат да размислите каква личност сакате да бидете.
2. Правете го тоа што го сакате
Не трошете многу време на туѓи идеи и визии. Откријте кој е вашиот поглед кон светот и каков би сакале да биде вашиот живот. Доколку сте заглавени со некоја корпоративна работна позиција која би сакале да ја напуштите, напуштете ја. Не ги потиснувајте вашите мисли и идеи остварувајќи ги целите на некој друг.
3. Читајте
Читајте секој ден. Читајте сè што ќе најдете. Не читајте за работи што веќе ги знаете. Читајте книги за луѓето за да научите да ги читате луѓето.
4. Престанете да гледате телевизија
Или барем сведете го на минимум времето поминато со телевизор. Внимателно одбирајте ги каналите што ги гледате. Телевизијата е моќен медиум способен да наметнува мисли во главата на луѓето кои не се лично нивни.
5. Пронајдете ја својата идеална кариера
Не работете нешто што не сакате. Дури и ако вашата идеална работа е помалку платена, да се биде среќен е многу поважно од која било материјална придобивка. Затворете ги очите и запрашајте се: „Која работа би ме направила среќен/а?“ Го имате одговорот?
6. Имајте верба
Не плашете се од тоа да бидете повредени. Тоа е нормален сегмент од сечиј живот кој служи за да ве направи посилни и поискусни. Верувајте им на луѓето сè додека не ви дадат причина за спротивното. Но, не бидете ни наивни! Внимавајте на луѓето кои веќе еднаш ја изгубиле вашата доверба. Не правете исти грешки два пати.
7. Дружете се
Луѓето се најдоброто и најлошото што може да ви се случи. Некои ќе ви пружат поддршка и ќе ве туркаат напред. Други, пак, ќе бидат упорни да ве повлечат надолу и да ве сведат на нивно ниво за да не успеете. Но, повеќето се во ред. Многумина се просечни. Некои се одлични. Но, само неколкумина ќе ви го променат животот засекогаш. Најдете ги. Не ви треба голем круг на пријатели. Ви требаат прекрасни личности кои ќе бидат подготвени да го направат за вас она што и вие би го направиле за нив. И самите ќе забележите: многу просечни пријатели ќе ве остават да се чувствувате осамено, токму во моментот кога ќе ви биде потребна пријателска љубов и грижа.
8. Ценете си го времето
Не си го трошете времето на луѓе во кои немате доверба. Не трошете си го времето на партнери кои не ви се верни. Не трошете си го времето на пријатели кои не се тука кога ви требаат. Не доцнете! Ценете го времето и на другите луѓе.
9. Не плашете се од неуспех
Не ви успеа врската? Се скаравте со пријателот? Добивте отказ? Не ја реализиравте идејата? Не грижете се. Сè ќе биде во ред. Научете ја лекцијата и продолжете понатаму. Секогаш кога ќе се соочите со неуспех, научете по нешто ново. Тоа ќе ви помогне да созреете и да стигнете поблиску до своето самоостварување.
10. Имајте трпение
Ништо значајно не може да се постигне за краток период. Не очекувајте резултати веднаш и не се разочарувајте. На моменти ќе ви изгледа како бесполезно тоа што го правите, но ќе дојде денот кога вашиот труд ќе биде награден.
И запаметете: Планирајте во децении. Размислувајте во години. Работете во месеци. Живејте во денови.