10 работи на кои нѐ научи „Алхемичарот“
Пауло Коелјо е еден од најпознатите писатели на денешницава. Неговата богата биографија и големо искуство не само во областа на пишувањето, туку и на актерството, новинарството и режисерството, придонеле тој да создава дела кои се читаат во еден здив и неминовно оставаат огромен впечаток на секој кој ќе ги прочита.
„Алхемичарот“ е една од неговите најпознати книги, продадена во повеќе од 65 милиони копии и преведена на околу 50 различни јазици низ целиот свет. Пораката и самата идеја на книгата се дека секој момент во животот учиме и дознаваме нешто повеќе, па потребно е само тоа правилно да го протолкуваме и соодветно да го насочиме. Во центарот на вниманието е овчарот Сантијаго, кој воден од еден алхемичар низ пустината, ќе научи како да ги следи своите соништа низ едно тешко и долго трагање по среќата.
Целата книга е испреплетена со инспиративни и поучни зборови кои со себе носат порака која допира до сите читатели. Тоа се животни лекции од кои имаат научено сите оние кои ја имаат прочитано оваа повест, а кои веројатно можат да ви го променат животот.
1. Љубовта никогаш не ве спречува да ја следите својата судбина
Велат дека ако некој навистина те сака тогаш ќе те пушти да си одиш. Вистинската љубов никогаш не стои на патот на вашите соништа и цели, единствено вие сте тие што може да се кочите. Опкружете се со луѓе кои ќе ве инспирираат да бидете повеќе, а оние кои ќе ве тераат да изберете не ни треба да се дел од вашиот живот.
2. Стравот од патење е полош од самото патење. Ниту едно срце не патело кога одело во потрага по своите соништа.
Стравот од неуспех или, почесто, успех, е единственото нешто кое може да задржи човек да ги следи своите соништа. Не се потценувајте себеси бидејќи секој човек е способен за многу повеќе отколку што мисли. Сè што треба е да откриеме што повеќе сакаме.
3. Луѓето се способни да го прават она за кое сонуваат во кој било момент од нивниот живот
Не постои нешто како премногу млад или премногу стар за нешто. Кога постои некоја сон кој ве влече, сѐ што треба е да се решите да го следите. Подобро порано отколку подоцна нели? Нема погрешно време ни место бидејќи од сѐ може да се почне и да се направи нешто големо, само треба да имате волја за тоа.
4. Кога нешто навистина сакаш, целиот универзум кова заговор за да ти помогне да го постигнеш тоа
Како? Многу едноставно. Кога постои нешто што навистина сакате да бидете или да го правите, тогаш сите ваши мисли и сили и дејствија се насочени кон тоа. А тогаш единствено е логично да се движите во насока на остварување на тоа.
5. Тајната на животот е да паднеш седум пати, но да станеш осум
Откажувањето е една од најлошите особини кои може да ги има некој човек. Ништо не е лесно во животот, па за сѐ е потребна борба и упорност. За секој чекор назад направете два напред. Кога знаете што сакате и како да го постигнете тоа, само најдете сила да се изборите за тоа дури и кога изгледа дека нема шанси да успеете.
6. Секој има идеја како другите треба да го живеат животот, но никој нема идеја за својот
Луѓето сакаат да зборуваат. Делат совети и мислење на секој чекор и секогаш секој од нив знае подобро отколку самата личност која се соочува со проблемот. Сакале или не, ги споделуваат своите ставови и критики со вас, но на крајот на денот споредете се себеси со личноста која сте биле вчера. Што е подобро? Или полошо? Како да го поправите тоа?
7. Запомнете дека вашето богатство се наоѓа таму каде што ви е срцето
Најголемите богатства кои може да ги имаме се оние кои ќе нè прават среќни. Луѓе, моменти и работи кои остануваат засекогаш со нас и во нас – тоа е она што навистина и единствено ни е потребно за да патуваме заедно со среќата.
8. Луѓето се плашат да ги следат своите соништа бидејќи се чувствуваат дека не ги заслужуваат или бидејќи мислат дека нема да успеат да ги остварат
Стравот е вашиот најголем непријател во што и да правите. Само со негово надминување може да си дозволите себеси да го достигнете максималниот потенцијал кој го поседувате и со цела енергија да се насочите кон она што го сакате и за кое сонувате. И го заслужувате тоа. Секој заслужува да биде среќен. Па ако сепак решите да верувате во нешто, тогаш верувајте во себе.
9. Во одреден момент од нашиот живот губиме контрола врз она што ни се случува и тој е контролиран од судбината – Ова е најголемата лага која постои
Сите ние сме самите одговорни за она што ни се случува. Можеби не можеме да одбереме каде и кога ќе дојдеме на овој свет, но и те како е само на нас да одлучиме што ќе правиме со тоа. Може да дигнеме раце и да се вадиме на судбината, но може и да дадеме максимум од себе и да направиме многу повеќе од тоа што го имаме.
10. Никогаш не престанувајте да сонувате
Веројатноста дека некој сон може да се оствари е она што го води секој човек и чиј живот го прави вреден за живеење. Сите ние имаме потреба да сонуваме и да веруваме дека сѐ е можно.