10 работи кои треба да ѝ ги кажете на вашата ќерка тинејџерка

10 работи кои треба да ѝ ги кажете на вашата ќерка тинејџерка

Адолесцентните години може да бидат доста комплицирани. Некои ситуации и теми кои се типични за овој период, гледани од наша точка, навистина делуваат наивно и смешно, но за чувствителните тинејџери може да бидат и тоа како драматични. Авторот на популарните книги за тинејџери „The Rough Guide to Girl Stuff“, Каз Кук открива десет едноставни совети, кои би требало да им ги кажете на вашите ќерки, за да им го олесните нивниот, но и вашиот живот.

2-10-raboti-koi-treba-da-i-gi-kazhete-na-vashata-kjerka-tinejdzherka-www.kafepauza.mk_

1. Вистината за мозолчињата

Објаснете им на вашите ќерки дека мозолчињата и митесерите не се предизвикани од овие работи: мрсна храна, неадекватна хигиена, лош пилинг, слаба хидратација, чоколада, лоша крема…

Акните и митесерите се предизвикани од претераното лачење на себум, кој заради жестоките хормонални промени во поголема количина се јавуваат токму во овој чувствителен период од животот. Себумот ги блокира и зачепува порите одоздола, а бактериите или воспалението понатаму предизвикуваат мозолчиња. Кремите против акни се секогаш тука за да помогнат во нивното отстранување, но и за тинејџерската несигурност. За резултатите е потребно време, што секако треба да им го нагласите.

2. Телесните промени се природни и задолжителни

Никогаш немојте да ѝ кажете на вашата ќерка: „Малку си се здебелила“, „Ау, па ти носиш моја големина“ или „Повеќе не можеш да ја носиш старата гардероба“. Децата забрзано се развиваат во тинејџерските години, а скелетот станува двојно поголем. Немојте да ѝ велите на тинејџерката дека е премногу крупна, секогаш велете ѝ дека облеката е премала. Ако зборувате за изгледот, секогаш коментирајте го во контекст на здравјето и што таа може да направи со своето тело. Нагласете ја предноста на спортувањето, како на пример танцувањето, трчањето и другите активности кои обезбедуваат здравје и добра форма.

Кажете ѝ дека големините на облеката се разликуваат, зависно од марката на облека и произведувачот. Објаснете дека во својот гардеробер имате облека со различни ознаки за големина, но и дека целата таа облека не ви одговара. Разговарајте со вашата ќерка за пожелните реакции во случај некој друг да го коментира нејзиниот изглед, со намера да ја навреди. Одговорите може да вклучуваат: „Остави ме на раат, ми досадуваш“, „Занимавај се со твојот изглед“, „Не грижи се за моето тело, погрижи се за твоите ставови.“ Врсниците, па дури и браќата, сестрите и другите роднини, знаат да бидат непријатни и често може да користат навредливи зборови или да ги коментираат промените како што се појавата на облините. Девојките кои авторот ги анкетирал, се изјасниле дека дури и години подоцна се сеќавале на навредливите коментари кои ги навеле на патот кон нарушувања во исхраната.

3. Алкохолот треба да се сфати сериозно

Новите истражувања покажале дека девојките кои консумирале алкохолни пијалаци пред својата 18-та година, имаат поголема веројатност дека ќе развијат проблеми со зависност. Објаснете им на вашите ќерки дека алкохолот има силно влијание врз тинејџерскиот мозок, бидејќи тој сѐ уште се развива. Со овој вид пијалаци нема да делувате постаро или позрело, а претпазливоста во овој случај може да ги зачува од разни непријатности, па и од оштетување на мозокот, кое се случува во посериозни случаи.

Некои девојки се жалат на своето прво сексуално искуство, бидејќи се случило кога заради алкохолот биле надвор од контрола, опишувајќи ја целата ситуација како страшна и толку непријатна што сакаат да ја заборават. Доколку е можно, обидете се да ја земате вашата ќерка од журките или другите вечерни излегувања, за да можете да ја процените нејзината состојба. Ако тинејџерката сака да преноќи кај својата пријателка, бидете свесни дека надзорот на возрасните најчесто не е ист како дома.

1-10-raboti-koi-treba-da-i-gi-kazhete-na-vashata-kjerka-tinejdzherka-www.kafepauza.mk_

4. Разговарајте отворено за семејните проблеми

Ако во семејството се случуваат големи промени, како што е разводот, тоа може да биде бурно време за сите, во кое чувствата на тинејџерите честопати се ставаат на споредното место. Разговарајте со децата, нека сфатат дека нивните родители се секогаш тука за нив, а по потреба побарајте совет од експерт за начинот на кој можете да ја подобрите комуникацијата во кругот на семејството.

5. Во ред е да каже „не“ на сексот

Обидете се да ја стекнете довербата на вашата ќерка и можноста за отворено да разговарате за сексот. Ако во интимните искуства отишла подалеку од она што таа сакала, уверете ја дека секогаш може да се „врати наназад“. Разговарајте на начин да се чувствува подобро во врска со себе и со оваа чувствителна тема. Нека сфати дека секогаш може да каже „не“ на сето она што не го сака во нејзиниот живот, дури и доколку во минатото кажала „да“.

Исто така уверете ја дека не смее да постои каков било притисок од ничија страна, особено кога станува збор за интимите односи. Важно е да разговарате за сексот, можните последици, контрацепцијата, полово преносливите болести, за двостраната доверба. Девојките со поголема самодоверба донесуваат позрели одлуки.

6. Нема ништо лошо во влакната

Иако вашата ќерка ќе чита и ќе слуша за потребите на депилацијата на сите можни зона (во магазините, на веб-сајтовите и во разговорот со пријателките), вие самите можете да ѝ помогнете да разбере како стојат работите.

Објаснете ѝ дека самата треба да одлучи за својот изглед, бидејќи компаниите кои ги продаваат производите за отстранување на влакната трошат голема сума пари за реклами во влијателните магазини и веб-сајтови, кои ќе тврдат дека тоа е добра идеја за младите девојки. Некои од можните проблеми со кои може да се сретне се: болка од депилацијата, исечоци од бричењето, болни осипи и други проблеми со кожата, како неудобно чешање од растењето на влакненцата, воспаленија…

7. Со помагањето на другите ќе си помогне и себеси

Младите девојки често имаат потреба да им помагаат на другите. Проверете дали постои организација во која може да волонтира, доколку сака да се занимава со општествено корисна работа. Тоа би можело да биде некоја еколошка организација, здружение за помош на старите лица, за заштита на животните и слично. Факт е дека зафатените млади луѓе имаат помали шанси да западнат во неволји. Таквите активности значат дека постои нешто со кое може да се пофали и да стекне работни навики, така што секако ќе го почитува кога ќе созрее.

4-10-raboti-koi-treba-da-i-gi-kazhete-na-vashata-kjerka-tinejdzherka-www.kafepauza.mk_

8. Животот не оди секогаш по планираното

Помогнете ѝ на вашата ќерка да разбере што значи повремена потреба за „план Б“. Ако добие лоша оцена или не оствари успех во нешто што работи, помогнете ѝ со разгледување на идеите што следуваат, за да научи да го набљудува животот како низа на избори, а не само како куп успеси и падови. Кажете ѝ дека во животот сѐ е во изборите и промените, дека напорот е неопходен, но дека понекогаш работите се случуваат и со причина.

9. Постојат паметни начини за да остане сигурна

Кога разговарате со неа за сигурноста – на Интернет, на улица, во јавен превоз, на журки или во ноќни клубови – правете го тоа така што однапред ќе ја пофалите дека е доволно мудра за да ја избегне потенцијалната опасност и проблемите што следуваат со неа. Немојте само да ѝ дадете низа правила кои мора да ги следи. Ако ја третирате како одговорна личност на која може да ѝ се верува, таа улога ќе ѝ помогне да знае како да се постави за да го направи најдобриот избор. Едноставно ќе има потреба да ги оправда вашите пофалби, очекувања и доверба.

Младите девојки понекогаш ќе се изложат на опасност, наместо да ризикуваат да се посрамотат пред своите врсници. Звучи чудно и смешно, но можете да се понудите да бидете „лошиот родител“ и да се договорите за тајна лозинка со вашата ќерка, која таа ќе ви ја каже додека разговарате преку телефон, доколку се наоѓа во некоја неповолна ситуација. На пример, ако таа ви се јави додека е излезена со група пријатели и ви каже дека ќе ја нахрани мачката кога ќе се врати дома, тоа може да биде вашата лозинка и да значи дека сте ѝ потребни, да дојдете и веднаш да ја однесете дома. Вие пред нејзините пријатели ќе изгледате како опасен авторитет кој го „крши“ нејзиното излегување, а таа ќе ја заобиколи неволјата и притоа ќе го добие она што во тинејџерските години значи можност да ја зачува својата репутација помеѓу пријателите.

10. Како да управува со парите

Далеку од тоа дека парите се сѐ на светот, но не можеме да ги избегнеме. Научете ја вашата ќерка да ја цени вредноста на парите, објаснувајќи ѝ дека тоа е всушност еквивалентно на животното време и напор што ги вложуваме за да ги заработиме. Упатете ја во тоа како да ги избегне рекламните трикови кои ги користат маркетинг компаниите за да остварат дополнителна заработка.

Кога доволно ќе созрее, покажете ѝ ги домашните сметки, за да знае колку чини храната, колку сметките за струја… Ќе сфати зошто возрасните се грижат за буџетот, зошто внимателно ги трошат парите и како ги штедат. Со тоа знаење ѝ се зголемуваат можностите за во иднина да стане самостојна и рационална жена, а тоа е она што го сакаме за нашите ќерки.

Советите, разговорите и поддршката на родителите во тинејџерските години на децата се задолжителни, а доказ за тоа е ова неверијатно моќно писмо на една мајка до својата ќерка тинејџерка.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Комуникативна, весела, оптимистички настроена. Обожава книги, музика, филм и приказни кои инспирираат. Сака да пие кафе, па макар и сама. Верува во себе и во своите можности, бидејќи кој не се обидел - не успеал!

Поврзани содржини

Остави коментар