10 работи кои секоја сингл девојка си ги има кажано барем еднаш
Сите сме ја искусиле љубовната драма во одреден период од животот, без разлика дали сме биле сингл, пред раскинување или вљубени до уши. Во периодот кога сме сингл поминуваме низ повеќе фази. Прво се чувствуваме слободни, независни и среќни. Потоа, почнуваме да се чувствуваме осамено и очајно посакуваме да имаме некој до нас. За на крајот, конечно да го прифатиме нашиот сингл статус и да уживаме во сите негови предности без постојано да трагаме по нешто или некого. Во овој контекст, ова се неколкуте работи кои сите си ги имаме кажано барем еднаш во текот на нашиот сингл живот…
1. „Не сакам момче“
Ова обично си го велиме веднаш по прекинувањето на долга врска која не завршила баш најдобро. Во оваа фаза не сакаме да се врзуваме со никого и сакаме целосно да го искусиме животот на сингл девојка. Сега конечно имаме можност да ги направиме сите работи кои отсекогаш сме ги посакувале. Важно е да поминете некое време сами и да се грижите само за себе. Така ќе се запознаете себеси подобро и ќе се поштедите од понатамошни разочарувања.
2. „Ќе умрам сама“
Веќе поминало подолго време како немате момче и почнувате да се загрижувате. Сите ваши другарки се во врска (некои дури и се омажиле), а вие сè уште немате кого да донесете на неделните ручеци во парови. Се чувствувате осамено и отфрлено. Секој заслужува да биде сакан, но можеби сега не е вистинското време. Искористете го ова време за да се фокусирате на себеси и кога ќе дојде правиот момент, ќе се појави вистинската личност за вас. Не грижете се. Не сте единствените што мислите дека кога ќе наполните 80 години сè уште ќе бидете сингл.
3. „Време е да почнам да чувам мачка“
Момчето со коешто сте се гледале извесно време направило нешто глупаво и почнувате да се прашувате зошто воопшто се трудите. Подобро би било едноставно да си купите некое животинче и целата ваша љубов да ја дадете нему. Но, не губете надеж! Има и добри момци кои само што не се појавиле во вашиот живот.
4. „Има секакви лудаци“
Овој израз го користиме многу почесто отколку што би требало, но реалноста е дека сите сме имале искуство со момци на кои не им биле сите чисти на број. Без разлика дали станува збор за болна љубомора или опсесија, сите сме имале барем едно момче кое сме го нарекле со овој збор. Но, не заборавајте дека овој збор може да отиде во двете насоки. Внимавајте вие да не сте таа чие однесување се граничи со губење на разумот.
5. „Не сакам веќе да ги играм овие игри“
Љубовта не е игра, но некои мислат дека е. Постојано се грижите дали ќе се сети да ви пише прв, дали треба вие да пишете, или дали некогаш ќе ја дефинирате вашата врска. Ако тој сака да биде со вас, така и ќе биде, тука нема никаков сомнеж. Не чекајте некој кој не може да донесе одлука. Не би требало да постои двоумење кога станува збор за љубовта.
6. „Нема шанси да му пишам прва“
Девојки, соберете храброст и едноставно пишете му порака. Не мора да напишете есеј, ама едно обично „Здраво“ нема да ве убие. Зар не сте уморни од тоа постојано да чекате некого? Преземете ја контролата врз вашиот живот во свои раце. Ако не ви врати на пораката, не е крај на светот.
7. „Тој губи, не јас“
Така е! Вие сте прекрасни и немојте никогаш да дозволите некое момче да ве убеди во спротивното. Ако ве напушти, оставете го, нормално дека ќе боли, но немојте да заглавувате во минатото. Како ќе продолжите напред, ако се држите до нешто што поминало? Учете од своите грешки и сфатете го ова како лекција.
8. „Одвај чекам да се омажам“
Секоја девојка уште од мали нозе ја замислува својата венчавка. Бракот е голем чекор во животот на еден поединец, така што нормално е со нетрпение да го очекувате. Која девојка не сака да се дотера и целиот ден да се врти само околу неа? Сепак, не барајте го вашиот иден сопруг во секое момче што ќе го запознаете. Не се залетувајте и не брзајте. Така ќе се поштедите себеси од многу разочарувања.
9. „Среќата ме чека зад аголот“
Ова е многу здраво и позитивно размислување и треба да се држите до него. Еден ден ќе го најдете вистинскиот за вас и тогаш ќе бидете најсреќни на целиот свет. Кога ќе најдете нешто посебно, не пуштајте го. Сите ние заслужуваме да бидеме среќни и да ја споделуваме нашата среќа со некој друг.
10. „Среќна сум“
Сите сакаме да бидеме среќни. Некои својата среќа ја пронаоѓаат во другите луѓе, некои во малите задоволства како што е гледањето на омилената серија сами по пижами. Што и да е, обидете се да ја пронајдете среќата во она што го веќе го имате, бидејќи сигурно постојат многу работи кои можат да ве направат среќни само што сè уште не сте ги забележале, трагајќи по нешто големо и недостижно. Кога ќе можете да ја изговорите оваа реченица без ни малку сомнеж, ќе се почувствувате спокојни и исполнети и покрај тоа што требало да поминете низ многу препреки за конечно да стигнете до ова незаменливо чувство.