10 прашања кои ќе ви помогнат да откриете дали вашето детство имало негативно влијание врз вашето здравје денес

10 прашања кои ќе ви помогнат да откриете дали вашето детство имало негативно влијание врз вашето здравје денес

На почетокот од 1980-тите години, д-р Винсент Фелитбегин почнал да истражува како искуствата во детството можат да влијаат врз здравјето кај возрасните. Токму затоа тој и д-р Роб Анда го развиле тестот кој денес е познат како „ACE (Adverse Childhood Experiences)“. Тестот се состои од 10 прашања чии резултати можат да послужат како модел за предвидување одредени проблеми со здравјето кај возрасните, започнувајќи од прекумерната тежина па сè до проблеми со тироидната жлезда и рак.

10 прашања кои ќе ви помогнат да откриете дали вашето детство било лошо за вашето здравје

Овие прашања се фокусираат на проблемите со злоупотреба и занемарување, па веднаш да ве предупредиме, тие можат да бидат малку тешки за читање. Но, тестот овозможува да откриете дали вашето детство имало влијание врз вашето здравје како возрасна личност, па ако сте љубопитни продолжете со читање. Што се однесува до оценувањето, дадете си по 1 бод за секој потврден одговор. Максималните бодови кои можете да ги добиете се 10.

1. Пред вашиот 18-ти роденден, дали некој од вашите родители или возрасни личности во вашиот дом често или постојано употребувале погрдни зборови кон вас, ви зборувале со повишен тон или ве понижувале? Или пак, се однесувале на било кој начин што ви предизвикувал страв дека би можеле физички да ве повредат?

2. Пред вашиот 18-ти роденден, дали некој од вашите родители или возрасни личности во вашиот дом често ве туркале, грабнувале, ви удирале шамар или фрлале нешто кон вас? Или пак, дали некогаш ве удриле толку силно што ви оставиле трага или повреда?

3. Пред вашиот 18-ти роденден, дали некој од вашите родители или барем 5 години постари од вас личности ве допирале вас или нивното тело во ваше присуство на сексуален начин? Или пак, дали се обиделе да имаат орален, анален или вагинален однос со вас?

4. Пред вашиот 18-ти роденден, дали често сте се чувствувале како никој од вашата фамилија да не ве сака и како да не сте им воопшто важни? Или пак, дали вашите најблиски воопшто не се грижеле едни за други, не биле во добар однос и не се поддржувале?

5. Пред вашиот 18-ти роденден, колку често сте се чувствувале дека не јадете доволно, дека носите нечисти алишта и дека никој не ве заштитува? Или пак, дали вашите родители некогаш биле премногу пијани или под дејство на дрога за да се грижат за вас или да ве однесат на време на лекар?

6. Пред вашиот 18-ти роденден, дали вашите биолошки родители ве изгубиле преку развод, напуштање или некоја друга причина?

7. Пред вашиот 18-ти роденден, дали вашата мајка или старателка често била удирана или нешто било фрлано кон неа? Дали можеби таа често била и претепувана со боксови или нешто посилно? Или пак, постојано ѝ се заканувале со пиштол или нож?

8. Пред вашиот 18-ти роденден, дали сте живееле со некој кој имал проблеми со алкохолот или кој постојано користел дрога?

9. Пред вашиот 18-ти роденден, дали во вашиот дом имало член кој бил депресивен или ментално болен, или можеби личност која се обидела да изврши самоубиство?

10. Пред вашиот 18-ти роденден, дали некој од вашиот дом бил во затвор?

Истражувањата покажуваат дека возрасните кои постигнувале резултат над 4 бодови имале два пати повеќе шанси да развијат срцева болест од оние кои постигнувале 0 бодови. Жените со резултат кој изнесува 5 или повеќе имаат поголеми шанси за депресија, од оние кои имале 0 бодови.

Но, тоа не е сè. Повисоките резултати покажуваат и значително зголемен ризик од алкохолизам, хронична болест на белите дробови, депресија, употреба на дрога, одредени срцеви болести, пушење, обиди за самоубиство, неочекувана бременост, бременост во адолесценцијата, рано започнување со сексуални односи…

Поврзаноста помеѓу настаните од детството и здравјето во возрасните години според психологот Арт Маркмен воопшто не изненадува. Тој вели:

Значајната траума во детството може да има долготрајни ефекти бидејќи децата тогаш сè уште учат како работи светот. Тие треба да им веруваат на возрасните, бидејќи само на тој начин можат да научат. Токму затоа кога доживуваат негативни настани поврзани со возрасните во нивниот живот, тоа создава долготраен стрес, бидејќи тие веруваат дека светот едноставно така функционира. Како додаток, бидејќи сеќавањата на луѓето од нивното рано и средно детство често се измешани, тие можеби и нема да се сеќаваат на деталите од траумата. Токму затоа се оставени со долготрајна анксиозност за чиј извор немаат јасно помнење. Ова може да доведе до потешкотии при третирање на анксиозноста.“

Долготрајниот стрес предизвикан од трауми во детството го оштетува имуниот систем, па токму затоа луѓето се посклони на различни болести. Тие исто така често влегуваат и во опасни и ризични однесувања кои вклучуваат дрога, прекумерна телесна тежина и ризично сексуално однесување. Но, за многу луѓе детството може да не предизвикало толку очигледни проблеми, туку да се пројавува на посуптилни начини. Маркмен продолжува:

„Помалите негативни настани можеби нема да создадат пострауматско нарушување на стресот, но тие сепак ќе имаат влијание врз нивното однесување.“

Без разлика на ситуациите, не треба да ја потцениме ни моќта на лекциите кои можеме да ги добиеме од тешките искуства. Постојат луѓе кои имаат висок резултат на овој тест, но кои сепак го живеат својот живот неверојатно добро. Овие резултати не ја земаат во предвид отпорноста на овие тешки настани.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар