10 позитивни причини да престанете да пушите
Постојат многу одлични причини за да престанете да пушите цигари. Треба да разберете дека пушењето лошо влијае не само на вас, туку и на вашата околина. Доколку се одлучите да престанете да пушете цигари, треба постојано да се потсетувате на следниве причини кога ќе ви биде потребна дополнителна мотивација.
1. Ќе живеете подолго
Според сите направени истражувања, луѓето кои престануваат да пушат, живеат подолго. Дури и на 60 години ако престанете да пушете, сепак животот ќе ви се продолжи иако многумина мислат дека е касно и дека штетата веќе е направена. Доколку престанете да пушите во вашите 30-ти години, животниот век ќе ви се продолжи за дури 10 години. Долгиот живот значи повеќе време поминато со семејството и пријателите, како и повеќе време за занимавање со хобија и правење работи за кои отсекогаш сте сонувале. Покрај тоа, непушачите помалку заболуваат од разни болести, што значи и помалку време поминато кај доктори.
2. Ќе можете да дишете со полни гради
Во рок од 9 месеци, откако ќе престанете со пушење, капацитетот на белите дробови ќе ви се зголеми за 10%. Тоа нема ни да го забележите сè додека не почнете да трчате и да се занимавате со некој спорт. Во рок од 2 до 12 недели по откажувањето на цигарите, исто така ќе ви се подобри циркулацијата, а со тоа ќе ви се зголеми и енергијата.
3. Ќе имате подобра кожа, коса, нокти и заби
Бели заби, нокти и кожа без жолти дамки. Не е потребно повеќе да се објаснува. Но, има уште многу други работи. Пушачите почесто имаат проблеми со непцата, па подолго време поминуваат на заболекар бидејќи отстранувањето наслаги од забите трае подолго. А сите ние сакаме да бидеме што е можно пократко кај заболекарот.
4. Ќе изгледате млади подолго време
Според некои податоци, кожата кај пушачите старее и се создаваат брчки дури до 3 пати побрзо отколку кај непушачите. Пушењето може да додаде 10 до 20 години на вашето лице. Овен добар изглед на кожа, за младолик изглед важна е и косата. Непушачите имаат од 3 до 6 пати помали шанси прерано да им побелее косата, а мажите непушачи имаат 2 пати помалку шанси да ја изгубат косата. Доколку престанете да пушите, не само што ќе живеете подолго, туку и подолго ќе изгледате млади.
5. Ќе заштедите пари
Доколку земеме предвид дека просечната цена на една кутија цигари чини 90 денари и доколку пушите една кутија на ден, со престанување на пушењето вие за една година ќе заштедите преку 30 илјади денари. Замислете што сè можете да направите со тие пари. Можете да ја обновите гардеробата, да одите на патување или едноставно да го намалите минусот на вашата сметка.
6. Ќе станете попривлечни
И тоа не само поради убавата кожа и заби. Во некои анкети, непушачите биле оценети како 3 пати попривлечни од пушачите. Можеби овде има улога тоа што непушачите мирисале посвежо, а не на чад. Во анкета спроведена во Канада, дури 56% од испитаниците изјавиле дека не би сакале да бидат во врска со пушач, а 20% рекле дека познаваат некој кој ја прекинал врската со пушач, токму поради пушењето.
7. Помалку ќе ја загадувате околината
Помалку чад значи помалку јаглероден диоксид, а со тоа и намалено влијание на промената на климата на планетата. Но, тоа не е сè. За одгледување тутун, се уништуваат шуми, што значи се уништуваат живеалиштата на многу животни. Се троши вода за наводнување, а амбалажата во кои се спакувани цигарите и отпушоците ја загадуваат околината. Доколку престанете да пушите, нема да направите добро само за себе, туку и за планетата.
8. Во организмот ќе имате помалку пестициди
Дали избегнувате прскан зеленчук и овошје, и купувате само од проверените продавачи на пазарот? Или пак одгледувате свое овошје за да се храните поздраво? Треба да знаете дека некои пестициди со кои се прска тутунот го преживуваат горењето и за време на пушењето ги внесувате во организмот.
9. Помалку напорни луѓе во секојдневниот живот
Нема да морате константно да слушате за тоа како треба да престанете со пушење, туку ќе можете да се пофалите како сами сте се откажале од цигарите. Покрај тоа, повеќе нема да мрзнете од студ или да стоите на дожд пред работното место или факултет за да пушите цигара. Нема да имате ни нервози при подолгите предавања или состаноци затоа што долго време не сте запалиле цигара.
10. Ќе ви се подобри сексуалниот живот
Еве го шлагот за крај. Како што претходно спомнавме, со оставањето на цигарите ви се подобрува циркулацијата, па тоа доведува до зголемена осетливост на половите органи. Жените ќе имаат подобри оргазми, а мажите ќе имаат подобра ерекција. Исто така, непушачите имаат помалку шанси за еректилна дисфункција. Сето тоа може да доведе до значително подобрување на сексуалниот живот.
Погледнете ги и овие 7 природни начини за откажување од пушењето цигари.