10 парчиња облека што мора да ги имате во плакарот оваа есен!
За добар стил најважни се основните парчиња облека со кои ќе ги комбинираме останатите делови за да се комплетира целосниот изглед. Ако размислувате за обнова на плакарот оваа есен веројатно на памет ви паѓаат некои парчиња како обувки, мантил, чанта. Меѓутоа за да бидете облечени со стил многу важни се основните парчиња облека на кои често знаеме да заборавиме. Оваа есен секоја жена треба да се поднови со нова и воедно убава гардероба, а притоа паметно да ги потроши парите. Направете список од следниве работи што ќе ги наброиме за да блеснете оваа есен со беспрекорен стил!
1. Совршена бела маица
Сигурно имате бела маица, но штом ја изгуби совршената белина неа можете да ја носите кога ќе одите на вежбање, но не и за одење на работа или на кафе со пријателките. Затоа еднаш на шест месеци или година дена вреди да купите квалитетна бела маица која убаво ви стои во зависност од тоа колку сте внимателни со гардеробата.
2. Темни скини фармерки
Чизмите до колена ќе изгледаат многу полошо со кој било друг модел на фармерки, но не и со моделот кој ја следи линијата на телото. Најдете фармерки што се удобни како „втора кожа“ и нека бидат темни за да можете да ги носите на работа или за вечерно излегување. Иако можеби ќе паднете во искушение да пробате некои од моделите што моментално се во тренд како што се широките фармерки без рабови на ногавиците или оние пократките до зглобови. Ако имате средства за уште еден пар нека бидат темни скини фармерки во нормална должина без никакви детали. Со бела маица, класичен мантил или кожна јакна и чизми ќе изгледате супер.
3. Сако
Сакото секогаш е во мода, а во последниве неколку сезони се носат модели во силни бои, но она за коешто дефинитивно вреди да се вложат пари е сако со класичен крој кој ќе стои на вас како сошиен, црн или тегет според тоа која боја преовладува во вашиот плакар. Не гледајте да поминете поевтино бидејќи квалитетното сако ќе чини малку повеќе, но ќе го носите со години.
4. Квалитетна маичка без ракави
Кога последен пат купивте црна или бела маица без ракави? Ако не можете да се сетите време е да купите нова. Ваквите маички се основа на есенската гардероба бидејќи ќе можете да ги носите под кошула или блуза, како и под лесни џемпери од трикотажа, цела сезона. Но, важно е да ви стои како скроена за вас бидејќи може да се собере и да изгледа неуредно.
5. Црни хулахопки
Неизбежно парче гардероба во текот на есента и зимата. Фрлете ги тие од минатите години и купете 2-3 пара нови хеланки.
6. Тексас јакна
Ако немате ваква јакна време е да купите. Тие се носат повторно, а се одлично решение за деновите кога е во ред да одите по фустан, но сепак ќе ви треба нешто да префрлите преку рамо за секој случај. Тексас јакната се носи во секаква боја, но ако не сакате да ја носите само една сезона, бирајте класичен модел во потемна боја.
7. Тесна ролка
Одлично се комбинира со здолништа, пантолони, фармерки. Одбирајте модел од фина волна или мешавина од волна, вискоза или памук во некоја неутрална боја така што нема да бидете ограничени во комбинирање. Црна, тегет, сива или беж боја се одличен избор со кој нема да погрешите.
8. Црни чизми
Класика. Секогаш се исплаќа да вложите во квалитетни, црни кожни чизми. Ако купувате нови оваа сезона не се залетувајте да ги купите првите што ќе ви се допаднат туку барајте некои што ќе ви бидат совршено удобни. Тоа е подеднакво важно колку што треба убаво да ви стојат. Кога ќе ги купите проверете дали имаат кожен ѓон (што е одлична опција), па однесете ги кај чевлар за да ви залепи тенка гума пред да почнете да ги носите. На таков начин ќе траат подолго.
9. Бела кошула
Овде важи истото како за белата маичка. Мора да биде бела „како снег“ и мора да ви стои како да е сошиена за вас. Ако онаа што ја имате во плакарот ја променила бојата време е за нова.
10. Црни хеланки
Не хеланки за вежбање туку квалитетни хеланки кои ќе можете да ги комбинирате со оние чизми што ги спомнавме погоре, со туники или подолги сакоа и кошули во помалку формални прилики.
Дознајте кои безвременски парчиња облека никогаш не излегуваат од мода.