10 нешта за кои родителите не треба да чувствуваат вина
Дали некогаш се чувствувате виновни за тоа како ги одгледувате вашите деца и за грешките кои сте ги направиле? Секој родител чувствува грижа на совест понекогаш, но едно е заедничко за сите родители – тие даваат сè од себе за да ги израснат своите деца во прекрасни личности. Како нивни деца и како идни родители, еве што им порачуваме на родителите – ова се нештата за кои навистина нема потреба да чувствувате вина.
1. Дозволување на вашите деца да уживаат во забранети задоволства
Како телевизија навечер или сладолед пред ручек. Иако се коси со секое правило на добар родител, во ред е одвреме-навреме да им дозволите на вашите деца да ги прекршат правилата. Знаеме колку ги сакате и дека не би сакале да им скратите што било од она што им причинува задоволство. Во ред е. Плус, заслужувате макар половина час мир додека гледаат телевизија, опуштете се.
2. Тоа што уживате во вашата работа
Знаеме дека чувствувате грижа на совест за секој момент кој не е посветен на вашите деца, особено кога ќе треба да вложите многу време и енергија во вашата работа. Но само имајте предвид дека работите напорно со цел да им обезбедите подобра иднина.
3. Тоа што одвреме-навреме знаете да си обрнете внимание на себе
Несебично дарувате сè што имате, во ред е понекогаш да се ставите себеси на прво место. Потрошете дел од платата на себе, дури и дозволете си да ја изедете последната палачинка.
4. Тоа што имате потреба да бидете сами со себе
Сакате да се опуштите со чаша вино или читајќи ја вашата омилена книга? Луѓе сте, престанете да се чувствувате виновни заради тоа. Верувајте, и вашите деца ви простуваат.
5. Одење на викенд или одмор без вашите деца
Самото ова ви звучи ужасно лошо. Но, не грижете се. Работите напорно и секојдневно се грижите за домот. Оставете ги вашите деца кај мајка ви и одете на викенд со пријателите.
6. Тоа што понекогаш сте премногу амбициозни за вашите деца
Некогаш се заборавате трудејќи се вашите деца да бидат најдобри во сè. Разбираме дека тие се посебни во вашите очи, така што продолжете да ги мотивирате и не се чувствувајте виновни заради тоа.
7. Викање и карање на вашите деца
Вие секогаш им го мислите само најдоброто. Иако некогаш чувствувате дека сте претерале, ослободете се од вината и надоместете им така што ќе ги наградите дупло кога ќе направат нешто добро.
8. Прескокнување на здрав оброк
Ако некогаш ви се случи да немате време да зготвите ручек, не доживувајте го тоа како крај на светот. Изнесете ги децата на хамбургер, колку и да звучи тоа лошо според секој непишан правилник на родителите. Верувајте, децата ќе уживаат.
9. Тоа што немате можност да им дозволите луксузи
Можеби не можете да им ги купите сите играчки кои ги сакаат и да ги однесете секаде каде што ќе посакаат, но вие ги сакате и им давате сè што имате. За тоа што не сте ги размазиле, ќе ви бидат благодарни кога ќе пораснат.
10. Тоа што навистина се радувате кога вашите деца не се дома
Ова ни себеси не би си го признале, но навистина ви е мило кога ќе заминат на роденден и вие конечно сте во мирна и тивка куќа.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.