10 нешта кои ги учиме од здравите љубовни врски
Мудри се оние кои од секое, макар и најмало животно искуство извлекуваат вредна лекција. Здравите љубовни врски се најдобри учители за љубовта, особено кога ќе ги споредите со некоја нестабилна врска од минатото. Еве на што нè учат тие.
1. Недоразбирањата се неизбежни
Ќе се случи вашите зборови или постапки да бидат погрешно протолкувани од другата страна и тоа е во ред. Да се биде дел од здрава љубовна врска ве учи дека недоразбирањата се случуваат и може да прераснат во кавга само доколку вие дозволите. Вратете се чекор назад и погледнете ја добро ситуацијата со ладна глава. Дали можеби вие не се изразивте правилно? Потоа решете го недоразбирањето смирено. Во нездравите врски на кои одамна им минал „рокот на траење“ секогаш има простор за кавга која може да се разгори и од најобична ситница. Но не и во добрите врски каде недоразбирањата се решаваат, се простуваат и се причина за насмевка, а не за кавга.
2. Многу е важно да имате доверба во партнерот
Како би живееле со човек за кој се плашите дека во мигот кога ќе го завртите грбот тој/таа ќе ве изневери или повреди? Доколку немате доверба во вашиот партнер само си го трошите времето. Во сечиј живот има секакви периоди меѓу кои и периоди кога сè тргнува наопаку. Тогаш најмногу ја учите вредноста на грижлив партнер во кого имате максимална доверба.
3. Некогаш е корисно да си недостигате
Прекрасно е што делите многу работи и што често сте заедно, но здраво е понекогаш да си недостигате. Поминете викенд со пријателките или пријателите, искусете различни нешта, нешта кои ќе си ги прераскажете кога ќе се видите. Во здравите љубовни врски партнерите не стануваат „сијамски близнаци“ туку учат да бидат индивидуи, да ги негуваат пријателските и роднинските врски и намерно да си недостигаат некој период за многу повеќе да го ценат присуството на партнерот подоцна.
4. Партнерот треба да ја поттикне вашата желба за развој
Оној кој вистински ве сака ќе ви дозволи да се унапредувате макар и за тоа да биде потребно да го жртвува времето кое го минувате заедно. Тој/таа нема да ве направи свој заробеник, туку меѓусебно ќе се мотивирате за повеќе, за развој и за промени. Здравата љубовна врска го извлекува најдоброто од вас а не прави да тапкате во место. Доколку сакате да го промените работното место, да продолжите со образованието, да се стекнете со нови искуства и интереси, партнерот е тој што треба да ве поддржи.
5. Компромисот не значи дека попуштате и дека сте слаби
Вие сакате да биде по ваше бидејќи од ваша гледна точка вашето решение е пологично и попаметно. Но, истото го мисли и вашиот партнер. Во врските компромисот е неизбежен. Компромисот не значи дека попуштате и дека сте слаби, напротив, дека сте доволно паметни да го решите проблемот без кавга. Погледнете поообјективно и дипломатски, размислете за позитивните страни на она што вашиот партнер го предлага и најдете се на половина пат.
6. Во ред е да ги признаете вашите слабости
Не сте херои ниту пак некој очекува од вас да бидете. Секој човек има слабости и не плашете се да му кажете на вашиот партнер за своите. Всушност, во добра љубовна врска би требало да бидете во можност да зборувате за што било. Она што е ваша слабост е јака страна на вашиот партнер и токму затоа функционирате добро заедно, бидејќи се надополнувате.
7. Постојат работи кои не може да ги промените ниту поправите
Вашиот партнер има минато, исто како и вас. Може со себе да носите товар кој само ќе ве мачи доколку не се помирите со фактот дека некои работи може да ги прифатите, не и да ги промените. Научете да продолжите понатаму, во спротивно нема да уживате во среќна љубовна врска.
8. Ако простувате простете брзо и искрено
Сосема е во ред да има недоразбирања а и по некоја кавга. Но кавгата нека ви биде лекција за во иднина и од секое недоразбирање извлекувајте лекција. Најважно од сè, кога на кавгата ќе ѝ се стави крај, простете брзо и искрено. Не чувајте ништо во себе и не држете лутина бидејќи секогаш се враќа како бумеранг и ги повредува и двете страни.
9. Не очекувајте вашиот партнер да ви ги чита мислите
Комуницирајте, на мирен начин кажете ги вашите желби и потреби, но не очекувајте вашиот партнер да ви ги чита мислите, не сте телепатски поврзани. Тоа можеби се случува на филмовите, но здравата љубовна врска ве учи дека во реалниот живот речиси ништо не е како на филмовите, туку е многу поубаво.
10. Не штедете на емоции
Ако подолго време сте во врска во која добрите моменти секогаш ги натежнуваат лошите, вашиот партнер заслужува да знае како се чувствувате. Доколку сте изненадени, лути, среќни, уште повеќе вљубени, покажете му/ѝ го тоа. Таа личност има посебно место во вашето срце, па наместо да играте игри и трикови, соголете ги вашите чувства и не штедете на емоции.