10 најчести грешки при користењето на тампоните
Со пристигнувањето на топлите денови, многу девојки и жени одлучуваат да користат тампони за време на месечниот циклус. Тие ни овозможуваат да носиме лесна облека, па и да се капеме во море, наместо да седиме по шорцеви во сенка. Но, при користењето на тампоните жените неретко прават некои грешки кои можат и да им го загрозат здравјето. Научете кои се и избегнувајте ги.
1. Ги миете рацете само откако ќе го ставите тампонот. Рацете треба да ви бидат миени и пред да го ставите тампонот за да спречите навлегување на некоја бактерија во вагината.
2. Не го вметнувате тампонот доволно длабоко. Како ќе знаете дека тампонот сте го ставиле доволно длабоко? Така што воопшто нема да го чувствувате. Ако е ставен плитко, ќе ви пречи и ќе ви создава непријатно чувство.
3. Користите само една големина на тампони. За деновите кога крварите пообилно, поголемите тампони се подобар избор бидејќи можат повеќе да впијат, а штом се намали интензитетот, можете да преминете на помали.
4. Преретко го менувате тампонот. И тогаш кога менструацијата не е обилна, тампонот треба да се менува на секои 4-5 часа за да се спречи настанување на бактерии.
5. Користите тампон кога имате исцедок. Кон средината на циклусот, поинтензивниот исцедок е нормален, но тогаш не смеете да користите тампон бидејќи можете да ја нарушите природната киселост на вагината што пак може да предизвика воспаление.
6. Носите тампон и ден пред и ден по менструацијата. Ова го правите чисто превентивно, но не се препорачува бидејќи не е добро да се става тампон кога вагината е сува.
7. Не го менувате тампонот по извршување нужда. Тампонот не мора да го менувате по секоја мала нужда, но после 3-4 пати треба задолжително да го промените. Секој пат кога вршите голема нужда сменете го тампонот за да спречите внесување на бактерии.
8. Не го менувате тампонот после пливање. Без разлика дали се капете во базен, река, езеро или море, тампонот треба да го смените веднаш штом излезете од вода. Конецот на тампонот кој е натопен со хлор, солена, езерска или речна вода може да предизвика иритација на кожата.
9. Ги чувате тампоните на место каде што ги прска вода. Избегнувајте да ги чувате тампоните во близина на тушот за да не би се намокриле. Држете ги во затворена фиока или орман за да ги зачувате подолго време свежи.
10. Користите миризливи тампони. Ако имате чувствителна вагина, избегнувајте користење на миризливи тампони, бидејќи тие можат да предизвикаат чешање и иритација.