10 начини како подобро да го искористите времето после работа
Во текот на нашиот живот постојано се стремиме кон поголеми остварувања во нашата кариера, притоа барајќи начини како да ги постигнеме нашите цели. Да се биде успешен во ова носи големо задоволство, а и значителни месечни заработки коишто ни овозможуваат да се грижиме за семејството, да одиме на одмор, да купуваме многу работи и да си обезбедиме поубав живот. Сепак, не смееме да заборавиме дека на крајот успехот нема да значи ништо ако притоа ги заборавиме оние што ги сакаме и оние што нас нè сакаат. Никогаш не сте премногу зафатени за да правите што сакате после работното време, но сè што ви е потребно е мал водич којшто ќе ви помогне подобро да го искористите слободното време.
1. Завршете го работниот ден во точно определено време
Прекувремената работа не носи ништо освен лоши резултати и не ви дозволува да имате приватен живот. Сигурно имате многу други активности планирани по завршувањето на работното време, па доколку работите прекувремено нема да бидете во можност да правите ништо друго освен да останете во кревет и да спиете до наредното утро. Ако сакате да имате доволно енергија за да го одделите вашиот приватен живот од вашата кариера, тогаш дефинитивно треба да го завршите работниот ден во точно определено време, па на овој начин ќе можете подобро да го организирате вашиот распоред.
2. Одморете се 30 минути насамо
Сè почесто брзиот начин на живот не ви дозволува да се одморите и да се релаксирате. Дури и кафето со вашите пријатели не трае повеќе од триесетина минути. Се сеќавате ли кога последен пат сте седеле сами во собата, во тиква атмосфера и сте ги пуштиле вашите мисли да летаат? Седнете најмалку 30 минути и исклучете се од сè што може да ви го одвлече вниманието. Не дозволувајте што било да го наруши вашиот мир. На овој начин вие ќе се одморите од напорниот ден и ќе ги решите проблемите во вашата глава.
3. Планирајте ја наредната недела за време на викендот
Сигурно правите многу планови за неделата којашто доаѓа, но често заборавате на нив, иако ги имате запишано. Поради ова, потребно е да одвоите еден час за време на викендот и да ја организирате вашата работна недела. Кога ќе ги правите неделните планови, не заборавајте да го отворите вашиот имејл и да проверите дали веќе имате нешто однапред договорено.
4. Кажете „не“
„Кога ќе им кажете ‘да’ на другите, уверете се дека со тоа не си велите ‘не’ на себеси.“ – Пауло Коелјо
Не секогаш имате време после работа да правите сè што сакате, па затоа треба да научите да им кажете „не“ на луѓето, доколку сакате да ја преживеете вашата работна недела. Сигурно сакате да ги видите вашите пријатели, родители, да поправите нешто во куќата и слично, но, за жал, денот е краток и не можете да го направите сето ова. За среќа, постојат повеќе денови во неделата, така што сигурно ќе најдете време за секој од нив. Информирајте ги кога сте слободни и доколку им одговара и ним, договорете средба. Сега сигурно ви е јасно колку е важно планирањето и правењето на неделен распоред. Исто така, доколку вашите колеги сакаат да им помогнете при што би требало да останете прекувремено на работа, не кажувајте автоматски „да“, туку прво размислете околу тоа. Ако презакажувате во последен момент тоа може да направи комплетен хаос во вашиот неделен распоред.
5. Пишувајте блог
Блогот ви овозможува искажување на вашето мислење на повеќе теми. Ако некогаш сте се запрашале зошто луѓето го прават тоа, можеби е време да започнете и вие. Пишувањето на вашите мисли може да ви помогне да се справите со одредени ситуации, а притоа може да ви служи и како потсетник за тоа како сте се чувствувале во одреден момент во вашиот живот. Всушност, тој може да ви помогне и да не ги правите истите грешки повеќе пати. Кога пишувате блог вие ќе имате јасна слика за вашиот приватен и деловен живот. Покрај другото, на овој начин ќе ја изразите и вашата креативност којашто може да ви помогне да се справите со своите проблеми и емоции.
6. Поставете си приоритети
За подобро да го искористите вашето време, потребно е да ги знаете своите приоритети. Не ги занемарувајте важните работи во вашиот живот само затоа што доаѓа нешто неочекувано. Ако навистина сакате нешто, ќе направите да го остварите тоа. Најдобриот начин да го направите тоа е да не дозволите други работи да ви се испречуваат на патот. Ако вашето дете ја има својата прва приредба, а вие имате многу работи коишто треба да ги завршите за утрешниот ден, запаметете дека овој момент ќе остане во меморијата на вашето дете засекогаш. Затоа, многу е важно да умеете да ги селектирате работите, па затоа слободно одложете ги помалку важните задачи, но запишете ги на хартија за да ги вметнете во понатамошниот распоред.
7. Прилагодете ги другите планови на вашиот распоред
Многу е важно да имате живот надвор од работата. За време на вашето слободно време можете да ги наполните батериите, да се занимавате со вашето омилено хоби или да поминете време со семејството. Кога планирате некои други настани, бидете сигурни дека нема да ги прилагодувате на вашиот приватен распоред, туку обратно.
8. Вежбајте пред работа
Со вежбањето пред да одите на работа ќе имате повеќе време да се посветите на други обврски кога ќе се вратите од работа, но во исто време се подготвувате и за напорниот ден којшто следува. Доколку имате обичај да вежбате после работа, пробајте тоа да го правите во утринските часови. На овој начин со сигурност ќе ја зголемите вашата продуктивност. Доколку сè уште не сте почнале со вежбање, време е да започнете со овој распоред и да ги видите резултатите!
9. Игнорирајте ги социјалните мрежи и исклучете го лаптопот
Сигурно често пати ви се случило да изгубите еден час или повеќе на социјалните мрежи, разгледувајќи ги новостите или пак разговарајќи со вашите пријатели. Секако, ова е лоша навика затоа што трошите време на бесмислени работи, па наместо времето после работа да го поминете со вашето семејство, вие го трошите на социјалните мрежи. Ако сакате да бидете продуктивни, користете го времето поминато на Фејсбук или Твитер за промоција на она со што се занимавате.
10. Не планирајте премногу работи одеднаш
Луѓето стануваат хаотични и неорганизирани кога сакаат да ги соберат сите планови во една вечер. Време е да го прифатите фактот дека тоа е невозможно! Сосема е разбирливо тоа што сакате да ги правите сите интересни нешта одеднаш, но не можете да се клонирате себеси (барем сè уште не). Не планирајте премногу работи. Со одредувањето на вашите приоритети вие ќе успеете да создадете соодветен план за вашите активности!