10 лекции кои ги учиме за пријателството во нашите 20-ти
Нашето мислење за пријателството се менува многу во 20-тите години од нашите животи. Еве што сè учиме за пријателството во оваа декада.
1. Некои пријатели едноставно не го заслужуваат вашето време
Како што се менува вашиот живот, а и вашите приоритети, ќе сфатите дека некои личности едноставно не го заслужуваат вашето време и дека не се вклопуваат веќе во вашите животи. Како што влегувате во светот на возрасните, сосема нормално е да развиете поинакви мислења и ставови за животот, и истите може да не се ни малку слични со мислењата и ставовите на вашите пријатели од средно.
2. Секогаш наоѓајте време за оние кои го заслужиле вашето време
Но секако, тука се и пријателствата кои се вредни за вашиот труд, како и за вашето време. Во 20-тите учиме дека иако многу пријателства се прекинуваат, постојат и такви кои не смееме да ги запоставиме. Иако се ретки, постојат пријателства кои се долги и искрени. Тоа се луѓето со кои може секогаш да си направите добар муабет, да се разберете и да си дадете совет и најважно од сè, да се чувствувате пријатно во нивно друштво.
3. Истовремено е и потешко и полесно да склопите пријателства кога сте возрасни
Бидејќи точно знаете што барате кај пријател, може да ви биде потребно време за да пронајдете таква личност. Исто, бидејќи веќе почнувате да имате големи обврски, не можете да им посветите многу време на пријателствата. Но, од друга страна, вие веќе сте насочени кон главните интереси во животот, факултет или работна кариера, и многу полесно ќе склопите пријателства кога веќе се движите во такви кругови и се дружите со луѓе кои имаат слични интереси.
4. До крајот на 20-тите секој од нас има помалку, но повредни пријателства
Бројот на вашите пријателства ќе се намали со тек на време. Некои од вашите пријатели ќе се преселат во друг град/држава, други ќе бидат премногу зафатени со работата и семејството и сами ќе се оддалечат од вас, за некои пак едноставно ќе сфатите дека не сте толку добри пријатели како што сте биле некогаш. Но пријателствата кои ќе продолжат да траат, иако помали на број отколку во средно, ќе стануваат сè повредни и побогати.
5. Никогаш нема да го/ја заборавите најдобриот/ата пријател/ка од детството
Без разлика колку време минало откако сте се виделе за последен пат, секогаш може да се потсетите на некои смешни ситуации низ кои сте минале заедно.
6. Некогаш пријателствата бараат повеќе труд
Не секогаш во вашето пријателство ќе тече мед и млеко. Некогаш ќе треба да вложите екстра труд во пријателството. Не сакате да се разделите и никогаш да не разговарате повторно поради банална кавга. Во 20-тите сфаќаме дека многу нешта можат да ни се случат и нам, како и на нашите пријатели. Доколку најдобрата пријателка се пресели во друг град, ќе сфатите дека сакате да вложите напор и понатаму да го одржувате вашето пријателство и покрај географската оддалеченост. Доколку дојде до конфликт ќе пробате да го решите. Бидејќи знаете колку скапоцени се ретките пријателства, нема да кренете раце лесно. Ќе се откажете тогаш кога ќе ви стане јасно дека другата страна не вложува толку напор или дека веќе е залудно.
7. Не мора да бидете најдобри пријатели со пријателите на вашето/ата момче/девојка
Ниту пак мора да станете најдобри пријателки со девојката на вашиот најдобар другар. Не постојат правила. Да, може да се согласувате и да се гледате често, но не мора да значи дека ќе станете најдобри пријателки, па не јадосувајте се ако не се случи тоа.
8. Пријателите може да престанат да ви бидат пријатели
Да, може да ве „откачат“, да се оддалечат од вас, да си најдат други пријатели и слично. Бидете подготвени. Исто како што вие може да посакате да прекинете некое пријателство (види број 1), така и некој друг може да посака да го прекине пријателството со вас. Не мора да значи дека вие сте лоши личности, едноставно од x причини вашите патишта се разидуваат.
9. Секогаш може да разговарате со вистинскиот пријател
Вистинскиот пријател е секогаш тука да ве ислуша, макар и преку скајп или телефонски разговор. Истото се очекува од вас, едноставно да бидете тука за некого. Со тек на време учиме многу да ги вреднуваме разговорите, советите, па макар и само трпеливото слушање од нечија страна.
10. Вашата мајка навистина може да ви биде најдобра пријателка
Во средно сигурно криевте некои работи од вашата мајка, и во одредени периоди од вашето тинејџерство сте мислеле дека воопшто не ве разбира и дека живее во поинаков свет од вашиот. Но како што растете, сфаќате дека таа може навистина да ви биде најдобрата пријателка која некогаш сте ја имале.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.