10 лаги кои си ги кажуваме себеси

10 лаги кои си ги кажуваме себеси

„Најлошите лаги се лагите кои си ги кажуваме себеси. Живееме во негирање на тоа што го правиме, дури и на тоа што го мислиме. Ова го правиме бидејќи сме уплашени. Се плашиме дека нема да најдеме љубов, а кога ќе ја најдеме, се плашиме дека ќе ја изгубиме. Се плашиме дека доколку немаме љубов, ќе бидеме несреќни.“ – Ричард Бах

1-10-lagi-koi-si-gi-kazhuvame-sebesi-kafepauza.mk

Не постои човек на планетава што никогаш нема излажано. Почнувајќи од оние мали наивни лаги, па сѐ до оние големите и бесрамните, секој може да се пронајде во една или повеќе ситуации во кои излажал. Намерно или ненамерно, свесно или несвесно, стануваме лажговци или уште полошо – лицемери.

Но без сомневање, од сите лаги кои ги кажуваме, најлоши се оние кои си ги кажуваме себеси. Дури и со најмалата лага, ние си го газиме самопочитувањето кое со себе секогаш ја носи самодовербата. По некое време дури и несвесно си ги кажуваме тие лаги, а нема кому не му е позната старата добра изрека која вели дека на крајот ќе се поверува и во лагата која долго и упорно се повторува. Па наместо цврсто да чекориме по земја сигурни во себе, со секоја кажана лага додаваме по една препрека плус на нашиот пат сѐ додека тој пат не стане толку долг што можеби нема ни да сакаме да го поминеме, туку ќе останеме на истото место каде што се наоѓаме. Со други зборови, наместо да одиме напред, да ги остваруваме соништата и да бидеме среќни, ќе останеме заробени во свет кој самите сме го создале така што сме избегнале во даден момент да се соочиме со некој проблем. А најголемиот непријател во целата ситуација ни е стравот.

1. Минатото секогаш ќе ме гони

Една од најголемите лаги кои веројатно секој си ја има кажано. Повеќето работи во нашиот живот се случуваат бидејќи ние дозволуваме. Исто е и со минатото – ќе нѐ гони и измачува само доколку му дозволиме. Постојат многу начини како да го победиме стравот кој го имаме дека нема да може да пребродиме некое лошо искуство од нашето детство, да излечиме скршено срце или да пополниме некоја празнина во нас. Започнете да градите своја иднина со позитивен ум, дозволете си да се заљубите повторно, пронајдете што сакате да правите и исполнете ја празнината која ја чувствувате.

2. Успехот е спротивно од неуспех

Не постои такво нешто како неуспех. Сите работи во кои мислите дека не сте успеале се само уште едно скалило кон успехот. Тие се искуство, не грешки. А искуството може да ве научи на подобро доколку го дозволите тоа. Па наместо најлесното решение – откажувањето, одлучете да одите чекор по чекор. Успехот е процес во кој се победува битка по битка, се состои од одлуки кои ги носиме и иницијативи кои ги преземаме, а кои се надградуваат едни на други и финално нѐ носат до успех на некоја наша цел.

2-10-lagi-koi-si-gi-kazhuvame-sebesi-kafepauza.mk

3. Кога само би имал/а ( ), сигурно би бил/а среќен/на

Доколку цел живот чекате на нешто или некого, тогаш никогаш нема да бидете среќни. Работиме со тоа што го имаме. Го користиме тоа што ни е на рака во моментот и го правиме најдоброто што можеме. Среќата доаѓа кога ќе престанеме да се жалиме и да бараме изговори. Тогаш почнуваме да го цениме тоа што го имаме, повеќе да се посветуваме на тие што ги сакаме и нѐ сакаат, повеќе да сме благодарни кон животот. Имаме еден живот, а животот не чека на никого и на ништо.

4. Кризата е лоша работа

Џон Ф. Кенеди има кажано: „Кинескиот симбол за зборот криза се пишува со две повлекувања на пенкалото. Едното повлекување се однесува на опасност, а другото на можност. Во криза бидете свесни за опасноста, но исто така препознајте ја и можноста.“ Истото се однесува на секој од нас. Секоја криза која животот ја носи со себе може или да ве победи или да ја победите. Не дозволувајте стравот да надвладее, зграпчете ја првата прилика која ќе ви се покаже и направете подобро.

5. Премногу сум стар/а за тоа

Никогаш не сте престари да пробате да остварите некој сон. Секој заслужува можност да постигне некоја цел, дури и кога таа прилика ќе му се укаже во подоцните години од неговиот живот. Не се откажувајте. Па Нелсон Мандела стана претседател на 76 години. А Леонардо да Винчи ја нацртал Мона Лиза на 51 година. Сѐ уште сакате да се откажете?

6. На таа личност ѝ е толку полесно отколку на мене

Не е точно. Ова е лага која си ја кажуваат само оние кои се мрзливи да направат нешто повеќе за да постигнат нешто повеќе. И наместо да си ја гледаат својата работа и тоа што им е потребно за и нив некогаш да им биде полесно, одлучуваат да си речат дека за другите е сѐ поедноставно. Животот е борба и секој се бори на свој начин. Ништо не паѓа од небо туку така за никого. Никогаш не знаете што сѐ таа друга личност направила или каков живот има. Изборете се за тоа што го сакате бидејќи никој нема само да ви го подари.

7. Подобро е да се дава отколку да се добива

Да, навистина е убаво да се дава. Дарежливоста и хуманоста се особини кои ретко за кого може да се каже дека ги поседува. Но во сѐ треба да постои некоја рамнотежа. Едното не е подобро од другото. Добри се и убави и двете работи. Тоа не значи дека доколку не добивате не треба ни да давате. На пример, доколку можете материјално да помогнете на некој бездомник, секако дека е морално да го направите тоа. Но за возврат е убаво кога ќе добиете барем една насмевка. Или пак сосема друг случај – ќе поклоните некому подарок. Таа личност не е обврзана да го направи истото. Но сигурно е добредојден некој мал знак на внимание и од другата страна.

3-10-lagi-koi-si-gi-kazhuvame-sebesi-kafepauza.mk

8. Утре ќе го направам тоа

Па може и ќе го направам. Но за тоа нема никаква гаранција. Уште повеќе кога ова не ми е прв пат да одложам некоја работа. Тоа утре ќе стане задутре, па следниот ден и така натаму. Ех колку работи остануваат ненаправени, колку зборови некажани и колку погледи неразменети само заради тоа утре. За промена ќе го завршам тоа денес. Ќе ѝ се јавам на старата пријателка, ќе го посетам дедо ми кој живее на само половина час од мене, ќе ја завршам работната задача веднаш и утре ќе бидам послободна.

9. Среќата е основа за да бидам добро

Навистина, среќата е убаво чувство. Но никој не може да биде цело време среќен. Некогаш ќе бидеме тажни, некогаш лути, некогаш меланхолични, некогаш уплашени. Тоа се чувства на кои мора да им дозволиме да постојат. Идеалната слика на постојана среќа е само илузија. Дозволете си да се чувствувате така како што навистина се чувствувате. Вистинската среќа може да дојде само откако ќе се соочите со своите вистински емоции.

10. Погрешно е да сум егоцентричен/на

Сѐ што е претерано не чини. Но во разумна доза секому е дозволено да биде егоцентричен некогаш. Малку себичност нема да наштети никому. Доколку самите не си овозможиме нешто, доколку самите за себе не постигнеме нешто и најважното, доколку самите себеси не се сакаме и почитуваме, тогаш никој тоа нема да го направи за нас. Немојте секогаш да се извинувате за сѐ. Некогаш некој навистина заслужува да му кажете не, не може, не е во ред. Вие сте свој човек, со свои чувства и ставови. Компромисот е добра работа, но ако треба да бирате, изберете се себеси. Никој нема да го направи тој избор за вас.

„Сѐ е така како што ќе изберете да го видите.“

Бирајте паметно.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар