10 бизнис лекции од серијата „The Office“

10 бизнис лекции од ТВ серијата „The Office“

Автор: Зорица Цонева

Пред повеќе од една година беше емитувана последната сезона на една од најуспешните американски серии „The Office“. Закитена со 42 номинации и 5 награди Еми, оваа серија го прослави Стив Карел, кој денес важи за еден од најдобрите комичари во Холивуд, а покрај него свое место во филмската индустрија најдоа и Џон Красински, Рејн Вилсон, Џена Фишер, Б. Ј. Новак и Ед Хелмс.

1-10-biznis-lekcii-od-serijata-the-office-kafepauza.mk

„The Office“ ги претставува секојдневните животи на вработените во компанијата за продажба на хартија „Dunder Mifflin“ и нивните обиди за справување со чудниот и речиси неспособен шеф Мајкл Скот. Иако оваа серија покажува како не треба да се води една компанија, сепак ако ја тргнеме комедијата на страна, таа може да ни посочи на многу значајни аспекти и лекции за водење на еден мал бизнис. Во продолжение ќе бидат претставени очигледните, но и скриените поуки кои „The Office“ ни ги даде во своето осумгодишно емитување.

1. Интелигенција vs. успех: Не постојат правила!

Епизода: The Duel

Првата мисла која секој фан на „The Office“ ја има е ниската интелигенција на менаџерот на „Dunder Mifflin“ – Мајкл Скот и дека е скоро невозможно тој да ја води компанијата со сета негова неспособност. Но ваквите сфаќања на луѓето се чест проблем со кој се соочуваат во животот: интелигенцијата не гарантира успех во бизнис светот. Секој од нас се нашол во ситуација кога се чувствувал попаметен од својот колега или надреден, но тоа не му донело напредок во кариерата. Во оваа епизода зачудениот генерален директор бара од Мајкл да му ја открие тајната на неговиот стил на менаџмент кој го направил неговиот огранок најуспешен во компанијата. Ни самиот Мајкл, ниту неговиот шеф не може да објасни во што е тајната, што посочува дека во животот нема правила.

2. Започнување на сопствен бизнис: Не е сè така розово!

Епизоди: Two weeks, Dream Team, Michael’s Scott Paper Company, Heavy Competition, Broke

Епизодите во кои Мајкл навреден од односот на компанијата кон него основа конкурентска фирма, се задолжителен материјал за сите оние кои сакаат да започнат сопствен бизнис. Во нив се прикажани убавите, но и не така пријатните аспекти на водењето фирма. Тоа бара ангажираност, упорност, ресурси, но и добри контакти за стекнување клиенти. Иако неразумното спуштање на цените на производите ја доведе новата компанија до банкрот, сепак големиот број преземени клиенти го уплаши менаџментот на „Dunder Mifflin“ и резултираше со триумф на претходно исмеваниот менаџер Мајкл Скот. Во епизодата Broke може да се забележат интересни преговарачки техники кои се корисни за секој сопственик на мал бизнис.

2-10-biznis-lekcii-od-serijata-the-office-kafepauza.mk

3. Мал наспроти голем бизнис: Поголемото не секогаш е подобро!

Епизода: The Incentive

„Кога знам што сакам, одам на Интернет и ја добивам најдобрата цена. Но кога не знам што сакам, одам во мала продавница која може да ми помогне. Ерата на личните услуги повторно се враќа. Вие се враќате. Ќе најдете клиент кој ќе плати поголема цена и притоа ќе ви се заблагодари.“

Овој цитат од заменикот на Мајкл Скот – Роберт Калифорнија кажува дека и за малите бизниси има место под сонцето. Персонализираниот пристап кој тие го нудат е она што фали во денешното време на интернет продажба и повторно ќе дојде на цена. Ова дава надеж за сите претприемачи обесхрабрени од претходно посочените недостатоци на самостојните бизнис потфати.

4. Менаџерот е тој што одлучува

Епизода: The Surplus

Позицијата на менаџер или шеф има право, но и одговорност за носење на значајни одлуки. Често менаџерите кои сакаат да наметнат фер и демократска атмосфера во својата компанија или сектор, прават клучна грешка со тоа што дозволуваат вработените со меѓусебен договор да донесат значајни одлуки. Кога Мајкл се обидува одлуката за трошење на буџетскиот суфицит да ја префрли на вработените создава опасност за влошување на работната атмосфера во компанијата и појава на нетрпеливост меѓу вработените.

3-10-biznis-lekcii-od-serijata-the-office-kafepauza.mk

5. Добриот менаџер не отпушта, туку мотивира

Епизоди: Business School, Job Fair

Оваа, можеби најмудра изјава на Мајкл Скот кажува дека на вработениот не треба да се гледа како заменлив ресурс. Напротив, градењето на долгорочни и пријателски односи со вработените е корисно за бизнисот дури и ако тој си замине од фирмата. Кога Рајан го повикува Мајкл да предава пред неговата група на факултет како пример за неуспешна фирма, Мајкл не го отпушта туку го сместува во иста канцеларија со неговата напорна девојка Кели. Со тоа тој станува попродуктивен и ги сфаќа последиците од неговите себични постапки. Слично на тоа, кога на Џим му е посочено дека треба да ја сфати посериозно својата работа тој е мотивиран да ја оствари својата најдобра продажба.

6. Големите продажби бараат иновативност и високи трошоци

Епизоди: The Golden Ticket, Traveling Salesmen, The Seminar

Секогаш кога некој од вработените остварува голема продажба, тоа е врзано со некој нов или скап начин на привлекување клиенти. Тоа во голема мера важи и во реалниот бизнис: ризикот и трошоците се тесно врзани со големи заработки, она за што Американците велат „It takes money to make money“. Иако идејата на Мајкл за доделување на ваучери за бесплатна хартија е скапа и ризична, нејзиниот краен ефект е позитивен бидејќи води кон поголема доверба на клиентот во бизнисот.

4-10-biznis-lekcii-od-serijata-the-office-kafepauza.mk

7. Заработка на процент – Меч со две острици

Епизода: WUPHF.com

Често користен метод за мотивирање на вработените е базирање на дел од платата на процент од продадените производи. Иако ова е многу лесен начин да се воочат вредните вработени, тоа може да има потенцијално негативни последици. Кога Џим дознава дека процентот кој го заработува од продажбата е ограничен и има максимална вредност тој е демотивиран во работата. Достапноста на овие информации до вработените може да доведе до намалување на продуктивноста во нивната работа и калкулирање со обемот на продажба со цел максимизирање на нивните провизии.

8. Пријателство на работно место: Може да бидете згазени, но и да дознаете кои ви се вистински пријатели

Епизода: The Coup, Last day in Florida

Двајт кој е најискрениот пријател на Мајкл зад грб се обидува да му го преземе директорското место. Ова е често позната ситуација и секогаш умее да ги изненади луѓето кои веруваат во пријателство меѓу колеги. Иако оваа серија потврдува дека и на работното место може да се стекнат длабоки пријателства, сепак треба да се има предвид дека желбата за напредување во кариерата често ги надминува дури и пријателските односи. Не случајно се вели дружба си е дружба – служба си е служба. Од друга страна пак, работното место на Двајт ќе биде спасено токму од неговиот вечен ривал Џим, што докажува дека никогаш не се знае кој ти е вистинскиот пријател на работа.

5-10-biznis-lekcii-od-serijata-the-office-kafepauza.mk

9. Искуството прави разлика

Епизода: Koi pond

Колкаво и да е твоето образование и вербата во своите вештини, секогаш искуството е пресудно во бизнис односите. Кога клиентите бараат Мајкл да биде присутен на сите состаноци, иако и тој и Џим се директори на исто ниво, е пример за преференцијата за искуство наспроти образование кај кадрите на едно работно место. Затоа при градењето на професионалната кариера треба да се балансира меѓу надградувањето на образовниот профил и зголемувањето на работното искуство.

10. Не секој е створен за менаџер

Епизоди: Gettysburg, The manager and the salesman

Краен резултат на напорите на вработените за напредок во кариерата е заземање на менаџерската позиција. Иако секогаш треба да се сонуваат големи соништа, овие амбиции може да бидат преголеми за луѓе со слаб авторитет и оние кои настојуваат да бидат сакани и прифатени од сите. Повторно треба да се нагласи дека и образовниот профил не секогаш игра улога во успешноста за менаџер. Класични примери за ова се Џим и Енди кои настојуваат да бидат сакани и да им удоволат на сите вработени, наспроти Мајкл чија наивност послужува како база за многу итни и значајни одлуки кои бараат помалку размислување и повеќе ризик.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар