Зошто сите сме зависни од СМС-пораки, Фејсбук, Твитер и Гугл?

Зошто сите сме зависни од СМС-пораки, Фејсбук, Твитер и Гугл?

Дали некогаш сте се почувствувале како да не можете да живеете без имејл, Фејсбук, Твитер или СМС? Дали сте забележале дека не е возможно да не ги проверите непрочитаниот имејл и нотификацијата од социјалните мрежи веднаш по нивното пристигнување? Дали сметате дека е време да почнете да ги игнорирате овие пораки за да можете побрзо да ја завршите работата? Дали знаете зошто настануваат овие зависности кои секојдневно ни го одвлекуваат вниманието?

Зошто сите сме зависни од СМС-пораки, Фејсбук, Твитер и Гугл?

Виновникот е допаминот – Тој бил „откриен“ во 1958 година од страна на Арвид Карлсон и Нилс-Ајк Хиларп од националниот институт за срце во Шведска. Допаминот се создава во неколку делови од мозокот и е критичен за одредени негови функции како мислењето, движењето, спиењето, расположението, вниманието, мотивацијата и наградувањето.

Задоволство наспроти барање – Можеби сте слушнале дека допаминот ги контролира системите за „задоволство“ во нашиот мозок. Тој овозможува да чувствувате задоволство и на тој начин ве мотивира да барате одредено однесување, како храна или секс. Но, едно неодамнешно истражување го менува погледот на оваа тема. Допаминот не го предизвикува самото задоволство, туку ве тера да посакувате, барате и трагате по него. Истражувањето исто така покажало дека опиоидниот систем е оној кој предизвикува да чувствуваме задоволство.

Посакување наспроти сакање – Според истражувачот Кент Бериџ, овие два система – „посакувањето“ (допамин) и „сакањето“ (опиоид) се надополнуваат. Првиот систем ве тера да преземете акција, а вториот да чувствувате задоволство од тоа што сте го направиле. Допаминот е многу посилен од опиоидот и поради тоа луѓето имаат тенденција да бараат повеќе, наместо да бидат задоволни со тоа што веќе го имаат.

Зошто сите сме зависни од СМС-пораки, Фејсбук, Твитер и Гугл?

Непредвидливоста е клучот – Допаминот исто така е стимулиран од непредвидливоста. Кога ќе се случи нешто што не сте го очекувале, се зголемува и продукцијата на допамин во вашиот мозок. Се сеќавате ли како се почувствувавте последниот пат кога добивте неочекувана порака или нотификација?

Допаминска јамка – Со интернетот, социјалните мрежи и испраќањето СМС имате скоро инстантно задоволство од вашата потреба да барате. Сакате веднаш со некого да се слушнете? Пратете му порака и тој/таа ќе ви одговори за неколку секунди. Сакате да знаете што се случува со вашите пријатели од средно? Доволно е само да се логирате на Фејсбук или Твитер и сè ќе дознаете. Многу е лесно да се западне во оваа допаминска „јамка“. Но, како што поминува времето станува сè потешко и потешко да се оттргнете од неа…

Повеќе, повеќе, повеќе – Интересно, но истражувањата покажале дека мозокот е поактивен кога луѓето очекуваат да добијат награда, отколку во моментот кога ќе ја добијат. Бидејќи системот за допамин нема вградено безбедносно копче со кое можете да го исклучите, понекогаш се случува тој непрекинато да ви вели: „повеќе, повеќе, повеќе!“ Колку пати сте се фатиле себеси дека дури и по пронаоѓањето на потребната информација на интернет, вие не сте прекинале со сурфањето?

Зошто сите сме зависни од СМС-пораки, Фејсбук, Твитер и Гугл?

Павлови знаци – Системот за допамин е особено осетлив кога станува збор за „знаци“ кои претскажуваат доаѓање на награда. Дури и кога станува збор за краток и тивок звук кој се активира на вашиот мобилен кога ви стигнува порака, во истиот тој момент вашето ниво на допамин во мозокот веќе е многу зголемено.

140 карактери е уште позависно – Системот за допамин е најмногу стимулиран кога информациите ви пристигнуваат во мали количества кои не можат целосно да ве задоволат. Една кратка порака или еден „твит“ е совршен начин за целосно да го активирате вашиот систем за допамин.

Ништо не е бесплатно – Оваа константна стимулација на системот за допамин може да биде исцрпувачка. И постојаната промена на насоченоста на вниманието може да ви влијае на тој начин да не можете ништо да завршите на време. Дали можете да направите нешто за да излезете од овој вечен круг? Или пак, да ја спречите неговата појава?

Зошто сите сме зависни од СМС-пораки, Фејсбук, Твитер и Гугл?

Решението е едноставно – Најдобар начин за намалување на вашата зависност е доколку успеете да се дистанцирате од сите знаци. Исклучете го звукот на мобилниот, компјутерот и на сите останати електронски направи кои ги поседувате. Тргнете ги и автоматските нотификации од сите апликации и пробајте да се сконцентрирате на вашата работа. Можеби на почетокот ќе ви биде тешко и постојано ќе имате потреба да проверувате да не сте добиле нова порака или имејл, но со тек на време вашиот мозок ќе „заборави“ на постојаното исчекување и ќе можете конечно да ја завршите работата на време.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар