Зошто постот е толку важен во животот на секој верник?
Постот претставува одрекување од јадења и пијалаци, а е знак на внатрешно покорување чијашто цел е духовно покајание и обраќање кон Бог со сето свое срце, оттргнување од гревовите и од секакво зло. Постот е израз на понизност, а според Библијата, заедно со молитвата е и чин на надеж, љубов и отворање кон Бога.
Сите луѓе во Библијата кои ги крстил Бог, се воздржувале од храна и пијалаци. Свети Илија, Мојсеј и Јован Крстител живееле од скромни порции храна. Самиот Исус постел четириесет дена пред да започне неговата служба исполнета со чуда. Затоа постот е многу важен во животот на секој верник. Значењето на постот е зависноста од храната да се претвори во зависност од Бог. Тогаш духовно се храните повеќе отколку вообичаено. Физички го прочистувате телото од штетни материи и токсини, а исто така може да ви помогне и да ја постигнете посакуваната линија.
Сѐ повеќе научници тврдат дека три оброци дневно, со вклучени меѓу оброци, не се природен начин на исхрана на луѓето, па многумина од нив препорачуваат повремен пост затоа што е помоќен од лековите во спречување на некои болести. Некои од нив тврдат дека постот е клуч за долговечноста, па предложуваат барем извесно време да се намали внесувањето храна која е богата со животински и млечни масти. Постот му овозможува на телото подобар одговор на стресот, а исто така му нуди и многу други здравствени придобивки. Најверојатно и вие сте имале можност да забележите дека храната за поголем дел од пациентите во болницата се заснова на посни оброци. Всушност, постот опфаќа одрекување од одреден вид храна, но без изгладнување и никако не треба да ги мешате овие поими. Изгладнувањето е поврзано со апетитот, а тоа може да биде штетно за вашето здравје.
Така, постојат неколку начини на кои можете да постите:
1. Кога еднаш во текот на денот јадете храна без масло и вино, претежно не готвена, туку сува.
2. Кога јадете храна без масло и вино, повеќепати на ден, но готвена со вода.
3. Кога јадете храна подготвувана со масло, повеќе пати во текот на денот. Кај овој начин на пост можете да користите вино и алкохолни пијалаци во одредени количини, ракови, лигњи, школки и други морски плодови.
4. Кога јадете храна подготвувана со риба, исто така повеќепати во текот на денот.