Зошто некои песни не можеме да ги извадиме од глава?
Можеме да го исклучиме радиото, но тоа не значи дека ќе престанеме да ја слушаме музиката. Доколку некогаш сте се запрашале зошто некои песни ви остануваат заглавени во глава, не сте единствени. Истражувачите се обиделе да дознаат зошто одредени мелодии се попевливи од останатите и откриле дека тие се одликуваат со заеднички карактеристики.
Во едно истражување од универзитетот Голдсмит во Лондон било побарано од 3.000 испитаници да ги набројат песните кои во последно време не можат да ги извадат од глава. Резултатите биле споредени со песни кои не биле набројани како певливи, но имале слична мелодија и биле исто толку популарни. Откако извршиле анализа на композицијата на сите песни, откриле дека тие се многу слични.
Најпрво, песната се смета за певлива доколку содржи „повообичаени мелодиски линии“, со други зборови ако следи некоја добро позната шема како што е динамиката на детските песнички. Друга важна одлика е уникатната мелодиска структура. Песната која ќе ви остане во глава можеби ги повторува истите ноти, но на таков необичен начин каков што не сте сретнале досега кај другите популарни песни.
Певливите песни се попопуларни и почесто се среќаваат на музичките топ листи. Тоа е логично бидејќи поголема е веројатноста да ви остане песната во глава доколку сте ја слушнале неодамна. Освен тоа, певливите песни имаат побрз ритам од непевливите.
Певливите песни не мора да ги поседуваат сите овие карактеристики, но песните кои биле набројани како такви ги исполнувале овие критериуми. Според истражувањето за певливи песни се сметаат „Don’t Stop Believing“ од Journey, „Moves Like Jagger“ од Maroon 5 и „Can’t Get You Out of My Head“ од Кајли Миног. Сосема очекувано, Лејди Гага е кралицата на певливите песни со дури три песни: „Bad Romance“, „Poker Face“ и „Alejandro“.
Сега кога некоја од горенаведените песни ви влезе во глава, како да ја извадите? Истражувачите имаат три предлози: Обидете се да не мислите на неа, одвлечете си го вниманието со друга песна или едноставно препуштете се и слушајте ја песната додека не ви се смачи од неа.
Која е песната што вам не ви излегува од глава?