Зошто неделата со 4 работни дена не е добра за вашето здравје?
На многу луѓе навистина им се допаѓа идејата за 4 работни дена во неделата. Наводно, овој распоред на работење остава повеќе простор за слободни активности и време со семејството.
Поборниците за ова работно време каде што луѓето работат повеќе часови дневно, а помалку денови во неделата, истакнуваат дека со ова се намалуваат и трошоците – нема потреба од вклучување на светлото кога никој не работи. Многу бизниси решиле да го пробаат овој концепт, вклучувајќи ги и Гугл и Амазон, а многу од програмите покажале ветувачки резултати. Но дали овој „компресиран“ распоред на работење навистина е подобар?
Звучи како добра идеја
Идејата за четири работни дена во неделата не е нова. Овој пристап се разгледувал уште во 1970-тите. Во 2008-ма година истражувачите од Универзитетот Бригам Јанг направиле неколку анкети во кои работниците го споделувале нивното искуство со овој распоред на работење. Тие откриле дека 4/5 од нив имале позитивно искуство.
Поради позитивните резултати, гувернерот на Јута воспоставил задолжителни 4 работни дена од неделата за сите државни работници. Целта била да се намалат трошоците, да се подобри квалитетот на воздухот, а сепак да се задоволат сите потребни услуги. Но во 2011-та година властите во Јута изјавиле дека заштедата никогаш не се материјализирала.
Постои ли скриена опасност?
Најголемиот проблем со овој распоред е тоа што треба да се заврши целата потребна работа во даденото време. Сепак, денот има само 24 часа. Математиката е едноставна – работењето 5 смени од 8 часа е еднакво со работење 4 смени од 10 часа. Опасноста доаѓа како резултат на заморот и стресот коишто се акумулираат поради продолженото работно време во текот на денот.
Едно истражување покажало дека ризикот од индустриска несреќа се зголемува за 37% кај работниците кои работат повеќе од 12 часа дневно. Ризикот е 61% повисок кај луѓето кои работат и откако ќе им заврши смената. Работењето над 60 часа неделно го зголемува ризикот од повреди за 23%.
Друго истражување покажало дека долгото работно време е поврзано и со зголемување на ризикот од појава на хронични болести подоцна во животот, особено кај жените. Жените кои работеле над 60 часа неделно, односно 12 часа на ден, имале 3 пати поголеми шанси да добијат срцеви болести, артритис или дијабетес и 2 пати поголеми шанси да се соочат со хронични болести на белите дробови или астма, за разлика од жените кои работеле 40 часа неделно.
Неделата со 4 работни дена ги тера работниците да работат подолго во текот на денот. Оние кои се веќе навикнати да работат повеќе само ќе ги зголемат притисокот и стресот.
Дали вреди?
Покрај здравствените проблеми, треба да се земат предвид и ефектите на менталното здравје, нивото на стрес и заморот. На психолозите им е јасно дека луѓето не можат да функционираат ефективно кога се уморни или под стрес.
Покрај тоа може да се намали и флексибилноста за одвојување време за семејството или децата. Бидејќи родителите ќе треба да одат порано на работа и да се враќаат подоцна, ретко ќе имаат време да се социјализираат со нивните деца.
Дознајте и како настанал 8-часовниот работен систем и како да се справите со него.