Зошто нашите тела мразат да се будат рано наутро?
Сите сме чуле дека 8 часа спиење се доволни за секој нормален човек. Иако за некои луѓе ова е точно, многумина имаат проблем да се разбудат наутро, без разлика кога си легнале да спијат. Зошто се случува ова? Секако дека сите луѓе се различни. Некои се ранобудници, додека, пак, некои се ноќни птици. Останатите припаѓаат и во двете категории. Но, и покрај сите овие разлики, многу малку луѓе сакаат да се будат во раната зора.
За среќа, експертите неодамна успеаја да го објаснат овој проблем. Истражувачите од Универзитетот Оксфорд дознале дека работниот распоред на поголемиот дел од луѓето не се согласува со нивниот природен биоритам. Тоа може да доведе до многу здравствени проблеми, психички и физички, анксиозност, дебелеење и висок крвен притисок.
Резултатите покажале дека раниот почеток на денот може да биде штетен по здравјето на луѓето. Децата на возраст помеѓу 8 и 10 години не треба да почнуваат со училиште пред 8:30 часот. Оние, пак, на возраст помеѓу 16 и 18 години треба да почнуваат со часови најрано во 10 часот или подоцна.
И возрасните би можеле да добијат некои придобивки од будењето подоцна. Според научниците, луѓето на возраст помеѓу 18 и 55 години треба да почнуваат со работа во 10 часот или подоцна. Младите луѓе помеѓу 14 и 24 години најмногу страдаат од недостаток на сон и губат околу 2 часа од него секоја вечер. Луѓето помеѓу 24 и 30 години просечно губат по час и половина сон секоја вечер. Па така, изгубените часови сон од секој ден се додаваат на наредниот, сѐ додека не добиеме можност да спиеме повеќе и да ги надополниме.
Истражувачите исто така откриле дека часовите поминати пред нашите компјутери, телефони и други уреди негативно влијаат на квалитетот на сонот. Затоа треба да ги исклучуваме сите електронски уреди барем еден час пред да си легнеме за да добиеме поздрав и помирен сон.
Можеме да заклучиме дека е време да обрнеме внимание на овој проблем и да ги промениме часовите за време на кои работиме. Не можеме повеќе да одиме против мајката природа!