Зошто на вашиот мозок му е потребно секојдневно читање?

Зошто на вашиот мозок му е потребно секојдневно читање?

Читањето му помага на вашиот мозок да се активира, односно за него претставува еден вид физичка активност. Читањето, исто така, ни дава доволно простор за подлабоко да ги развиеме своите идеи, концепти, емоции и знаење. Кога читате, вашиот мозок се активира, се менува и создава нови врски и начини на размислување, во зависност од содржината.

Зошто на вашиот мозок му е потребно секојдневно да читате?

Мозокот се менува и развива на фасцинантен начин кога читаме. Дури и додека го читате ова, во вашиот мозок се случува декодирање на серија симболи, кои потоа се претвораат во зборови и во контекст. Додека тоа се случува, тој работи како симфониски оркестар, со координирани мозочни активности на деловите одговорни за читање и разбирање на прочитаното.

Читањето помага и во „репрограмирање“ на мислите. Во моментот кога современиот човек научил да чита, се случила еволуциска експанзија на мозочните центри, односно различно поврзување на постоечките центри и структури. Кога нешто читате, во вашиот мозок се активираат истите центри кои би се активирале ако тоа што го читате ви се случува и реално. За разлика од визуелните медиуми, читањето му дозволува на мозокот да запре и подобро да го процесира она што не му е познато од содржината, а со тоа и се подобруваат когнитивните функции и здравјето на самиот мозок.

Читањето стимулира и флуидна активност

Флуидната интелигенција е поим кој ја опишува способноста да се решаваат проблемите, да се разбираат непознатите содржини и да се одбележуваат успешни патеки. Читањето помага да ја подобриме оваа наша способност. Крвта буквално „јури“ кон различни делови од мозокот додека имаме книга во раката, особено во центрите наменети за комуникација и интеракција.

Зошто на вашиот мозок му е потребно секојдневно да читате?

Читањето ве прави емоционално поинтелигентни

Процесот на читање игра значајна социјална функција. Додека читате, имате ментална претстава за опишаните ликови и настани во книгата. Постојат и сознанија дека читањето литературна фикција ни помага полесно да ја разбереме емотивната состојба на другите, што е клучна вештина во градењето комплексни социјални врски.

Читањето е одлична вежба за концентрација

Доколку сте навикнати да читате, тогаш сигурно и располагате со подобра концентрација и тешко можете да бидете дефокусирани од она што во моментот го правите. На некој начин, авторот на книгата ве внесува во неговиот свет кој го замислил и ве тера да останете таму додека да го откриете целосно. Кога ќе се задлабочите во некоја книга, вие заборавате на светот околу вас, а сето тоа има и повеќе од позитивен ефект врз вашиот мозок.

Почнете да читате по неколку страници секое утро, за да ја зголемите продуктивноста во текот на работниот ден и да останете фокусирани на работните задачи. Освен што ја подобрувате работата на мозокот, добро е да знаете и дека, со помош на читањето, вашите тело и ум се апсолутно релаксирани. Воспоставете читачка навика, бидејќи на тој начин постојано ќе бидете во тек, ќе го подобрите своето изразување, но и ќе учите многу нови нешта.

Погледнете и кои 12 книги се одлични за пред спиење.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Голем љубител на „Star Wars“ и трилер-романи. И многу сакам мачки!

Поврзани содржини

Остави коментар