Зошто луѓето се бакнуваат?
Нејзините очи се широко отворени додека гледаат во неговите. Тој ја става раката на нејзината половина и полека ја доближува кон себе. Таа го допира неговото лице, а тој ја навалува главата настрана – надесно, секако – и тогаш нивните усни се спојуваат. Во тие моменти, изливот на емоции ви остава малку простор да се запрашате „Зошто всушност јас го правам ова?“
Секако, наједноставниот одговор е дека луѓето се бакнуваат затоа што им е убаво. Но, постојат луѓе на кои ова објаснување не им е доволно. Тие формално ја изучуваат анатомијата и еволутивната историја на бакнувањето и се нарекуваат себеси филематологисти. Досега, овие научници на бакнежи не успеале целосно да објаснат како тие настанале, но сепак имаат неколку теории. Исто така откриле и како еден страстен бакнеж може да влијае на нашата биологија.
Најголемото прашање е дали бакнувањето е научено однесување или инстинктивно. Некои велат дека е научено однесување, кое датира од времето на нашите најрани предци. Во тоа време, мајките ја џвакале храната и им ја пренесувале на бебињата директно во нивната уста, бидејќи тие сè уште немале заби. Дури и по растењето на забите на нивните деца, мајките продолжувале да ги притискаат своите усни врз нивните, за да ги смират. Идејата дека бакнежите се научени, а не инстинктивни, ја поддржува и фактот дека сите луѓе не се бакнуваат. Одредени племиња низ светот едноставно не го прават тоа, велат антрополозите. И покрај тоа што околу 90% од луѓето се бакнуваат, останатите 10% навистина не знаат што пропуштаат.
Други пак, веруваат дека бакнувањето е инстинктивно однесување кое може да се докаже со фактот дека се забележува слично однесување и во животинскиот свет. Голем број од животните ги тријат носевите едни со други во знак на привлекување, меѓутоа останатите сакаат да се допираат и со усните, исто како и луѓето. Бонобите, на пример, наоѓаат илјадници изговори за да разменат малку плунка. Тие тоа го прават кога се смируваат по борба, кога се тешат едни со други, кога развиваат социјални врски и понекогаш без очигледна причина – исто како нас.
Денес, најшироко прифатената теорија за бакнувањето е дека луѓето го прават тоа бидејќи им помага да „надушкаат“ квалитетен партнер за парење. Кога нашите лица се блиску едни до други, нашите феромони „разговараат“ така што разменуваат биолошки информации за тоа дали тие двајца би имале силни потомци. Жените, на пример, потсвесно ја преферираат миризбата на мажите, чии гени за одредени протеини на имуниот систем се различни од нивните. Овој вид спојување може да помогне при зачнување деца со посилен имун систем и со подобри шанси за преживување.
Сепак, голем број од луѓето се задоволни со објаснувањето дека човекот се бакнува затоа што му е убаво. Нашите усни и јазици се преполни со нервни завршетоци, кои помагаат да се зголемат сите оние сензации кои нè обземаат додека сме заљубени и се бакнуваме со партнерот. Додека ги доживуваме овие чувства, не се заморуваме баш многу да ја бараме причината зошто се бакнуваме, туку тие едноставно нè тераат да изнаоѓаме нови начини како да го правиме тоа, уште подобро од претходно.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.