Зошто кучињата се толку среќни кога ќе нè видат?
Доколку сте сопственик на куче тогаш сигурно знаете за што зборуваме. Се враќате од некое место каде сте поминале кратко време, на пример од продавница, ја отворате вратата, и вашето куче трча кон вас како да не ве видело со години.
Скокање, лижење, умилкување и лаење се нешта со кои секогаш ве дочекува кога ќе дојдете дома. „Каде беше?“, „Зошто ме остави?“, „Вети ми дека наредниот пат ќе ме земеш и мене!“ Ова се само некои од речениците кои можете да ги прочитате на нивното среќно лице. Но, зошто е тоа така? Зошто само кучињата реагираат така, додека другите животни не ја покажуваат среќата во толкава мера?
Науката ја реши оваа загатка и научниците велат дека постојат две причини за тоа:
1. Волците се предци на кучињата
2. Кучињата се љубопитни
Еве го објаснувањето на првата причина:
Пред да станат наши миленичиња и верни пријатели, кучињата биле многу слични со волците. Во светот на волците, лижењето по лицето покажува емоција што ја изразуваат кога ќе сретнат некое за нив драго суштество и претставува поздрав за добредојде.
„За волците, лижењето го претставува она што за луѓето го претставува ракувањето. Со лижењето на некој член на глутницата кој доаѓа или се враќа од некаде, волкот дознава дали другиот волк вечерал и дали носи нешто за глутницата“– објаснува Грегори Бернс, научник кој го проучува однесувањето на кучињата.
Тој истражувал како кучињата ги гледаат луѓето и дошол до податокот дека за ваквиот однос, мирисот е многу важен:
„Мирисот на сопственикот е тој кој ја предизвикува среќата кај кучето. Ниеден друг мирис, дури ни мирисот на друго куче во домот, не предизвикува таква среќа. Кучињата нè доживуваат како нешто многу вредно и за нас имаат посебни чувства кои не ги покажуваат кон ниедно друго суштество“– вели Бернс.
Другата причина за кучешката среќа е нивната љубопитност. Кучињата, споед зборовите на Бернс, не нѐ сакаат само затоа што со нас животот им е забавен, туку и бидејќи им нудиме нови искуства, ги шетаме на различни места, ги изненадуваме, а на нивната природа тоа им одговара.
На кучињата им е досадно кога сопственикот не е дома, па и тоа е една од причините за нивната радост кога тој ќе се појави на врата. Некои научници велат дека кучињата им се дури и љубоморни на нивните сопственици бидејќи тие „секогаш мораат некаде да одат“.
„Кучето гори од желба да дознае каде сте биле, ќе ве намириса за да дознае дали сте биле со друго животно, дали сте го изневериле и, се разбира, на крајот, дали сте му донеле храна!“
Но, која и да е причината за нивната среќа, кога ќе си дојдете дома каде што ве чека вашето куче, погалете го, бакнете го и поиграјте си со него.
Покажете му дека со него ви е најубаво…